LOADING

Type to search

ПЕРЦЕПЦИИ И СТАВОВИ НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА РАБОТАТА НА ПОЛИЦИЈАТА ВО 2024 ГОДИНА

Истражување на јавно мислење Подобрување на отчетноста и транспарентноста на полицијата во Република Северна Македонија Подобрување на отчетноста и транспарентноста на полицијата во Република Северна Македонија Правда, слобода и безбедност Публикации Работни програми

ПЕРЦЕПЦИИ И СТАВОВИ НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА РАБОТАТА НА ПОЛИЦИЈАТА ВО 2024 ГОДИНА

Share

Публикацијата „Перцепции и ставови на граѓаните на Република Северна Македонија за работата на полицијата во февруари 2024 година“ е во склоп на ЕВРОМЕТАР 2024. Ова истражување на јавното мислење се фокусира на перцепциите за полицијата на Република Северна Македонија, како дел од напорите на Евротинк во полето на зголемувањето на транспарентноста, отчетноста и инклузивноста на полициското работење.

Овогодишното истражување се спроведе во рамките на проектот „Подобрување на отчетноста и транспарентноста на полицијата во Република Северна Македонија“, поддржан од National Endowment for Democracy (NED). Преку поддршка на процесот на соработка меѓу полицијата, медиумите и локалните заедници, овој проект има цел да ги поттикне постојните и да развие нови добри практики и ефективни механизми за поголема транспарентност и отчетност на полицијата. Во рамките на проектот се работи и на унапредување на транспарентноста на полициската работа во заедницата преку поттикнување иновативни комуникации со јавноста и подобра соработка со медиумите.

На 12.04.2024 година, ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии ги презентираше наодите од анкетното истражување ЕВРОМЕТАР 2024, кое беше спроведено во текот на февруари 2024 г.

И оваа година граѓаните имаат највисока доверба во Армијата, 44%. Понатаму следат религиските институции со 35%, па Претседателот на Р. Северна Македонија, со 24%. Обвинителството и судството повторно се најниско оценети, иако оваа година се бележи мало враќање на довербата во нив. Во 2022 година во Обвинителството доверба имале 7 %, а во 2024 година тој процент изнесува 9 %; во судството доверба имале 6 %, а сега тој процент изнесува 9 %. 

Во однос на довербата во полицијата како институција, 43 % од испитаниците немаат доверба, наспроти 28 % кои изразиле доверба. За споредба, во 2022 година 21% од испитаниците изразиле доверба во полицијата како институција. За попрецизно разбирање на овие ставови анкетата опфати сет прашања за работењето на полицијата, кои ги опфатија перцепциите на граѓаните за професионалноста, транспарентноста, независноста во работењето, ефикасноста, отчетноста и работењето во интерес на потребите на граѓаните на оваа институција.

Полицијата највисоко е оценета во однос на перцепциите за професионалноста во нејзиното работење, со 31% позитивни проценки наспроти 25% во 2022. Сепак, евидентно е дека преовладува негативното мислење за сите мерени аспекти. Најниско оценет аспект е нејзината независност од партиските, владините или бизнис-интересите, каде што само 12 % од испитаниците сметаат дека е независна, а 65% имаат негативна перцепција. Понатаму, 23% од испитаниците сметаат дека полицијата е транспарентна, 26% дека е ефикасна, 19% дека е отчетна и 16% дека е инклузивна.

За прв пат, во овогодинешното истражување ги прашуваме граѓаните и за нивната перцепција за известувањата што ги објавува полицијата во врска со аспекти на нејзината работа кои се од актуелно и практично значење за животот на граѓаните. Перцепцијата дека полицијата во Северна Македонија секогаш известува за своето работење навремено, неселективно, информативно и професионално вкупно ја делат една петтина од граѓаните, т.е. 19 %.

Во однос на познавањето и контактот со механизмите за контрола на работата на полицијата, истражувањето покажа дека пријава до внатрешната контрола на полицијата во 2024 со цел испитување на нивниот случај  поднеле речиси 9% од испитаниците, што е значајно зголемување во однос на 2022 година кога овој процент изнесувал 2,6 %. Од нив, 6 % изразиле мислење дека внатрешната контрола во полицијата придонесува за намалување на корупцијата и непрофесионалноста во полициските редови, што е поголем процент од оние кои немале таков впечаток – 2,4 %. Ова покажува значаен позитивен напредок и во степенот на свесност и користење на механизмот за внатрешна контрола кај граѓаните, и во задоволството на оние кои го искусиле процесот.

Свесноста за механизмите на надворешна контрола над работата на полицијата (Механизмот за граѓанска контрола при Народниот правобранител и Одделението за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и од припадници на затворска полиција при Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција) постои кај 17%, што е пораст од 2022 кога изнесувало 13,2%. Поголемиот број од испитаниците сметаат дека надворешната контрола над полицијата придонесува за намалување на корупцијата и непрофесионалноста во организацијата – 10 %, наспроти 5 % кои не мислат така, за разлика од 7,2 % и 4,1 % соодветно во 2022 г.

Во однос на оценката за работата на управните служби при МВР беа разгледувани два аспекти: евалуација на достапноста на информациите во врска со процедурите пред управните служби при МВР (тука спаѓаат обрасци и чекори при процесот на вадење на некои од следните документи: лична карта, патна исправа, т. е. пасош, сообраќајни дозволи) и евалуација на работата на управните служби. Достапноста на информациите е негативно оценета од страна на една третина (34%) од сите испитаници, а позитивно оценета од 27%. Оваа ситуација е драстично различна од 2022 година кога позитивни оценки беа дадени од 51 %, а негативни од 23 % од испитаниците. Во ова истражување речиси половина од испитаниците (47 %) негативно ја оценуваат работата на управните служби на МВР, наспроти само 19% позитивни оценки (оцена 4 и 5). За споредба, во 2022 г., одговорите на испитаниците на истото ова прашање беа 48 % позитивни (оцена 4 и 5), а 23 % негативно наклонети (оцена 1 и 2). 

Концептот „Полиција во заедницата“ е еден од начините за градење однос на меѓусебна доверба и соработка меѓу полицијата и граѓаните, и акцентот го става на превентивниот и проактивен пристап, кој се темели на проблемски ориентираното полициско работење на локално ниво. Резултатите од истражувањето покажуваат дека 13 % од сите испитаници слушнале за овој концепт, и тие претежно позитивно го оценуваат. 7 % од сите испитаници се запознаени со улогата и работата на локалниот совет за превенција во нивната општина. Овие бројки се се’ уште многу ниски.

Во однос на оценувањето на релацијата помеѓу полицијата и локалната заедница, повеќе од половина од граѓаните (58 %) сметаат дека полицијата е малку присутна во нивното соседство, односно помалку од потребното. Оценката за вкупното ниво на доверба што постои меѓу заедницата на испитаникот и полицијата во соседството е наклонета кон ставот „недоверба“ (31 %) во однос на ставот „доверба“ (24 %). Околу половина од испитаниците (49 %) квалитетот на односите меѓу полицијата и нивната заедница во однос на соработката во соседството го оценуваат како просечен. Од друга страна, 31 % оценуваат дека квалитетот е слаб или многу слаб наспроти добар или одличен (16 %).

ЕВРОМЕТАР е истражување преку кое ЕВРОТИНК традиционално го испитува мислењето на граѓаните за прашања поврзани со евроинтеграциите и довербата на граѓаните во државните институции. Телефонското истражување е спроведено од страна на „Брима“ во периодот од 31 јануари до 14 февруари 2024 година на репрезентативен примерок од 1001 испитаници, со маргина на грешка од +/-3,1% и стапка на одѕив од 90 %. 

Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Подобрување на отчетноста и транспарентноста на полицијата во Република Северна Македонија“, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Националниот фонд за демократија на Соединетите Американски Држави. Гледиштата изразени не ги одразуваат секогаш гледиштата на Националниот фонд за демократија на Соединетите Американски Држави, ниту на нивните партнери.

Публикацијата преземете ја овде:  Ставови и перцепции за работата на полицијата_февруари 2024

Tags: