Програма

Европа за граѓаните

Европската интеграција и идејата дека државата ќе стане членка на ЕУ остануваат двигател
на реформските процеси и најдобра гаранција за стабилноста на државите на Западниот
Балкан. Сепак, и покрај напредокот во генералната политичка клима, поставторитарна
Северна Македонија се соочува со структурни недостатоци во клучни области поврзани со
владеењето на правото и економијата, а демократската консолидација останува ранлива на
внатрешни (можност за повторно заробување на системот од страна на политичките елити)
и надворешни (меката моќ на недемократските актери) негативни влијанија. Сето тоа може
да ја намали вербата на граѓаните во трансформативниот потенцијал на пристапувањето во
ЕУ, намалувајќи ја поддршката за реформи и зголемувајќи ја привлечноста на алтернативни
развојни модели.
ЕВРОТИНК во пристапниот процес, односно во таканаречената европска рамка гледа како
на најдобра алатка за заштита на јавниот интерес. За ЕВРОТИНК, Европската Унија е
внатрешна политика. Во изминатата деценија организацијата се специјализира во
набљудување институции, регулатори и политики, кои се релевантни за заштита на јавниот
интерес и пристапувањето на РСМ во ЕУ. Во изминатите неколку години, организацијата
работеше и на демитологизација на процесот на пристапување и негово приближување кон
граѓаните, вклучително и преку употреба на дигитална комуникација.
Во наредните четири години ЕВРОТИНК ќе продолжи како доминантен пристап во
работењето да ја применува уникатната комбинација на набљудување (watch dog) и
информирање на граѓаните со цел зголемување на јавниот притисок за реформи.
Работата на регулаторните тела АВМУ и АЕК, која има допирни точки со Поглавјето 10,
политичките критериуми и европската Дигитална агенда, ќе остане во нашиот интерес, а ќе
ја испитуваме и можноста да ја набљудуваме и работата на други регулаторни и надзорни
тела. ЕВРОТИНК ќе продолжи да ги поддржува и европските иницијативи, кои имаат цел
либералната демократија да ја направат поотпорна на современите предизвици како ширење
дезинформации, вклучително и преку промоција на медиумската писменост и вештините за
критичко мислење кај младите, како што тоа го правиме во рамките на проектот „КриТинк“
како и преку членството во Мрежата за медиумска писменост.
Во следните четири години, ЕВРОТИНК ќе гради сопствени капацитети и на поструктуриран
начин ќе се занимава и со поглавјата што имаат допирни точки со владеењето на правото и
економските критериуми, а со кои организацијата се има занимавано и досега, како: Јавни
набавки (Поглавје 5), Политика за заштита на конкуренцијата (Поглавје 8), Правосудство и
темелни права (Поглавје 23), Надворешна безбедносна и одбранбена политика (Поглавје 31)
и Финансиска контрола (Поглавје 32).

Регионална интеграција

Оваа програма ги опфаќа 1) хармонизацијатa на билатералните односи на државата со
соседните држави членки на ЕУ, 2) учествотo во и промоција на инструментите за
продлабочување на регионалната соработка, кои се комплементарни со процесот на
проширување како Берлинскиот процес, иницијативата за создавање Регионална економска
област и 3) Билатерална и мултилатерална политичка, економска, безбедносна и друг вид
соработка меѓу земјите од Балканот и Југоисточна Европа.
Во изминатите две години, РСМ успеа значително да ги подобри билатералните односи со
соседните држави преку потпишување договори за добрососедство со Бугарија и Грција.
Имплементацијата на договорите неминовно стана влогот на државата во надежта за
одблокирање на евроинтеграциите и членството во НАТО. Со тоа, имплементацијата на
договорите е дел од политиката на условеност и процесот на пристапување. Во изминатите
години, ЕВРОТИНК работеше на хармонизацијата на односите со Грција и Бугарија
поддржувајќи го Преспанскиот договор како влог за стабилизацијата на регионот. Во
претстојниот период, ЕВРОТИНК одблизу ќе ја следи имплементацијата на Преспанскиот
договор и ќе покренува и поддржува иницијативи за зголемена соработка и доверба меѓу
актерите од РСМ и Грција и преку Програмата Симфонија. Една од главните активности ќе
биде вмрежувањето со актери од Грција и Бугарија и создавање платформа за заедничко
застапување за одблокирање на европските интеграции пред колебливите влади од Западна
Европа.
Во услови на замор од проширувањето, зголемена колебливост на западноевропската јавност
кон Западниот Балкан и демократско назадување во некои од државите што се во процес на
пристапни преговори, во изминатите години државите членки покренаа низа иницијативи
како Берлинскиот процес. ЕВРОТИНК ќе продолжи да работи на поддршка на сите овие
иницијативи, вклучително и преку организирање регионални форуми на граѓанското
општество, вмрежување, истражувања и заедничко лобирање со партнери од регионот.

Правда, слобода и безбедност

Во согласност со Fundamentals first пристапот на Европската комисија, поглавјата 23 и 24 се
првите што се отвораат и последните што се затвараат во пристапните преговори. Голем дел
од граѓанските организации своите активности ги насочуваат на Поглавјето 23
(Правосудство и темелни права), што е препознаено и од донаторите. И покрај својата
обемност и значење, како и очигледните проблеми што државата ги има во оваа област на
политики, Поглавјето 24 (Правда, слобода и безбедност), пак, останува надвор од фокусот на
актерите, поради непостоењето на капацитети, ограничената донаторска поддршка,
недоволната вмреженост, ниската транспарентност на безбедносните институции и
незадоволителната информираност на организациите.
Во изминатиот период ЕВРОТИНК работеше на адресирање на овие недостатоци развивајќи
сопствено портфолио и капацитети за работа во поглавјето. Организацијата учествуваше, со
два претставника, во работните групи задолжени за создавање на пакетот закони за реформа
на безбедносно-разузнавачката заедница. ЕВРОТИНК, во соработка со партнери од Србија и
Црна Гора, работи на компаративна регионална анализа на улогата на безбедносните служби
во заробувањето на државите од регионот. Организацијата учествува во голем европски
конзорциум кој работи на спроведување на Хоризонт 2020 проект поврзан со миграциите. Во
рамките на Платформата за структурен дијалог, пак, ЕВРОТИНК ја набљудува работата на
Секторската работна група за внатрешни работи. Организацијата е и одлично вмрежена со
клучните организации и поединци кои важат за авторитети за растот и сузбивањето на
насилниот екстремизам. Во истражувањето Еврометар инкорпорирани се прашања што се
однесуваат на безбедноста. Истовремено, ЕВРОТИНК ги следи процесот и придобивките од
пристапувањето на земјата во НАТО, особено аспектите што се комплементарни со процесот
на пристапување во ЕУ.
Во наредните години, ЕВРОТИНК поструктурирано и пофокусирано ќе се занимава со овие
прашања преку развој на програмата „Безбедност, правда и внатрешни работи“.
ЕВРОТИНК ќе се залага за транспарентен и отчетен безбедносен сектор, кој ќе биде способен
на ефикасен и ефективен начин да се справи со современите безбедносни закани.
Поконкретно, во рамките на оваа програма, активностите ќе бидат насочувани кон следниве
области: 1) Добро управување во безбедносниот сектор преку промоција на транспарентни и
отчетни институции, кои подлежат на силен демократски надзор и контрола; 2) Јавна
безбедност, борба против организиран криминал и корупција; 3) Справување и превенција
на закани, предизвици, ранливости и ризици по националната безбедност (како тероризам,
насилен екстремизам, сајбер-закани, надворешни хибридни закани итн.); 4) Меѓународна
безбедност; 5) Миграции, азил и слобода на движење.

Пристапување кон ЕУ

Програмата „Процес на пристапување во Европската Унија“ покрива активности што
претставуваат уникатна комбинација на клучните традиционални продукти на
организацијата со иновативни алатки. Оваа програма го претставува јадрото на активностите
што организацијата ја направија препознатлива во изминатата деценија.
Како клучна иновација, од октомври 2019 година ЕВРОТИНК ќе пушти во употреба и
одржува специјализирана интернет-страница, eu.mk/ЕuropeanUnion.mk, која ќе претставува:
1) Дигитален водич за процесот на пристапување каде што на едноставен јазик ќе биде
објаснет комплексниот процес на пристапување во ЕУ и неговите придобивки; 2) Репозитар
за онлајн-ресурси поврзани со пристапувањето; 3) Платформа на која на редовна основа ќе
се креираат и репродуцираат едукативно-информативни содржини поврзани со
пристапувањето. Овој продукт ќе биде главната оска и комуникациски канал на кои ќе се
слеваат сите содржини произведени од организацијата.
Во периодот опфатен со стратегијата, ЕВРОТИНК ќе ги следи пристапните преговори
(доколку истите почнат) и ќе дава свои оценки и предлози за подобрување на преговарачката
структура, преговарачките позиции како и административно-институционалните капацитети
на државата за пристапување во ЕУ. Преку традиционалниот продукт, Компаративната
анализа на извештаите за напредокот, ЕВРОТИНК ќе продолжи да го оценува напредокот на
РСМ во пристапниот процес, при што должно внимание ќе биде посветено на анализа на
запоставената Национална програма за усвојување на европското законодавство.
ЕВРОТИНК ќе продолжи одблизу да ги следи програмирањето и апсорпцијата на ИПАфондовите, како и учеството на ентитетите од РСМ во Програмите на Унијата, вклучително
и преку следење на работата на Секторските работни групи и дисеминација на информации
кон граѓаните и граѓанските организации преку нашите комуникациски канали.
Истражувањето „Еврометар“ ќе остане клучен истражувачки продукт на организацијата во
следните 4 години, при што ЕВРОТИНК ќе спроведува барем една анкета годишно, која ќе
резултира со неколку истражувачки продукти. Во овој период, организацијата ќе вложи во
подобро претставување и дигитализација на завидните бази на податоци создадени во
изминатите шест години.
ЕВРОТИНК ќе продолжи да работи и на Дневникот за пристапување (Accession Log), кој
претставува алатка за анализа на јавните политики што се издава на редовна основа (барем
четири записи во годината). Ќе продолжи и организацијата на Chatham House настаните
EuroTalk и тоа барем четири секоја година.