LOADING

Type to search

Анализа за македонско-бугарските односи

Блог Демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија Демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија ЕУ за граѓаните, активно граѓанство и јавен интерес Коментари и Анализи Ние & Јавност Работни програми Регионална интеграција

Анализа за македонско-бугарските односи

Share

Пишува: проф. д-р Марјан Ѓуровски, Филозофски факултет-Скопје, Универзитет „св. Кирил и Методиј”-Скопје

Кога станува збор за безбедноста и стабилноста меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија навистина нема простор за отворени прашања. Безбедносната соработка се развива, двете земји се гарант на мирот и стабилноста на регионот и во оваа нова реалност се гледа големата слика која јасно покажува дека без интеграција не можеме да имаме просперитет ниту поединечно, ниту како регион.

Обврската за разрешување на сите прашања е преземена од Министерствата за надворешни работи на двете земји. Отпочнувањето на преговорите со Европскатата Унија, колку што е од интерес за Северна Македонија, исто толку е во интерес и на Бугарија и на регионот и на Европската Унија, бидејќи тој чекор ќе значи потврда на процесот на проширување, потврда на вредностите кои Унијата ги застапува и гаранција за безбедноста на земјите членки на Унијата во услови на војна на европско тло.

Војната во Украина сериозно не предупредува дека не смее да се одложува интеграцијата на земјите кои потврдиле дека ги делат европските вредности како што се мирот, меѓународното право и прогресот, и дека единството, обединувањето околу овие вредности е најдобриот ефикасен одговор на спротивните тенденции.

Безбедносно-одбранбената соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, не трпи на сметка на затегнатите односи помеѓу двете страни.

Соработката меѓу нашите две земји како полноправни членки на НАТО се одвива беспрекорно. Како држави сојузници и соседи кои си помагаат да ја зајакната својата одбранбена моќ и безбедност,  но и важни земји во јужното крило на НАТО кои се гарант за одбрамебента моќ и безбедност на регионот.

Во 2022 година меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија потпишан е План за билатерална соработка  кој опфаќа 10 активности, 7 во Бугарија и 3 во Северна Македонија.

Клучот кон успешна одбранбена и безбедносна соработка и целосна интероперабилност на двете сојузнички армии е заедничката обука, заедничките вежби, блиските контаки помеѓу војниците и развивање на пријателства. Така двете држави ќе бидат сигурни дека заедно може да работат како едно и во интерес на двете земји и во интерес на безбедноста на регионот.

Северна Македонија во НАТО значи зацврстена безбедност и стабилност не само за нашата држава, туку и за Бугарија која на својата западна граница има и земја – сојузник, и за целиот регион. Одговорот на оваа нова реалност која ја живее континентот е интеграцијата и заедништвото и затоа сметам дека мора да се направат максимални напори од двете страни, од двете земји за процесот да биде откочен, врз база на европските вредности и европските принципи кои сите ние ги почитуваме и живееме. Само интегриран регион може да биде гарант за подобар живот за сите наши граѓани.

Покрај сѐ што се случува, македонскиот и бугарскиот народ се два блиски и пријателски народи и такви ќе останат. Задача на политичарите е да не дозволат непријателство меѓу народите и влошување на односите.

Треба да се потсетуваме почесто на периодите кога сме си помагале, на нештата што ни се заеднички и што не зближуваат. Малку е тешко да му објаснуваш на народот дека сите членки на ЕУ го подржуваат започнувањето на разговорите за членство на Северна Македонија со ЕУ, а Република Бугарија  земјата која вели дека најмногу сака да сме членка на ЕУ имаше ставено вето за почеток на разговорите.

Двете влади и двете земји мора да направат сѐ да разговараат искрено и прагматично за сите прашања кои се појавуваат. Блокадите не помагаат за подобрување на односите, и затоа сметам дека отворањето на преговорите и поддршката на Бугарија ќе биде силен импулс и печат на добрососедството.

ЕУ е изградена врз приниципите на рамноправноста на сите  нејзини членки, на почитувањето на нивната посебност историја и култура. Таа е Унија во која се слават различностите и слободата на мислата. Таа е гаранција за решавање на сите спорови по мирен пат и за влегување на сите земји членки во еден заеднички простор во кој се интензивира економскта соработка,  се развива демократијата и се унапредува меѓусебното разбирање. Таа дури располага и со институции кои ги решеваат нерешните прашања во духот на европските вредности и принципи. И затоа е важно да бидеме како држава во неа. За Северна Македонија членството во ЕУ е од стратешки интерес. Нашето членство во ЕУ нема да биде закана за било чии национални интереси. Напротив ќе бидеме заедно во едно поголемо семејство.

Во Република Северна Македонија постојат бугарски воени гробишта во селото Цапари битолско и во Ново Село кај Струмица кои се одржуваат, чуваат и се посетуваат во одредени пригоди. Исто така постојат на повеќе места и споменици на бугарски војници како во Кавадарци и во други места за кои се води сметка да бидат зачувани и заштитени.

Република Северна Македонија не дозволува скрнавење на било чии гробишта и такви појави кога има или ако ги има остро ги осудува и казнува.

Владата на Република Северна Македонија секогаш инсистрира на почитување на највисоките норми и стандарди во одржувањето на гробиштата и спомениците од Првата и од Втората светска војна на територијата на Северна Македонија.  

Уставот на Северна Македонија ги гарантира правата на сите граѓани, независно од етничката припадност, религиозната или која било друга определба. И во програмата  Владата се залага сите граѓани да имаат еднакви шанси за личен и за професионалниот развој. Тоа е вредност со која Република Северна Македонија се издвојува – определбата да се почитува етничката припадност, посебноста, културата на секој граѓанин на државата.

Република Северна Македонија е единствена држава во Европа со министерство, преку кое се унапредуваат правата на етничките заедници преку најразличните програми кои Владата ги има во рамки на Буџетот.

Во овие моменти како никогаш порано е потребно лидерство и носење на исправни одлуки од двете страни, само така може да го постигнеме она што заеднички го сакаме. А тоа е обединета Европа, Унија на сите држави што ги делат европските вредности и Балканот во ЕУ. Спротивната опција, одлагањето, само ги јакне оние страни и центри кои имаат интерес Балканот вечно да остане изолиран.

Северна Македонија, како никој друг, заслужи и целосно спроведување на преговорите и за тоа потврда се и пораките  што ги добиваме од  европските претставници. Членството на земјава во Унијата е од интерес на самата ЕУ и со последните случувања сосема е јасна димензијата  на безбедносното значење на европското проширување за регионот. Војната во Украина на најтрагичен начин покажа дека нашата европска интеграција станува и безбедносно прашање и само позитивен исчекор во оваа насока ќе придонесе кон општата безбедност и сигурност на целиот европски континент.

 Токму затоа, заедно Република Северна Македонија со Бугарија се фокусирани на зацврстување на соработката меѓу двете држави.Ставот на Владата на Република Северна Македонија е дека решение со Бугарија е единствено можно доколку тоа решение се заснова на европски вредности, на принципи на задржување на достинството на граѓаните на двете држави и меѓусебна почит на политичарите и институциите и граѓаните на двете држави.

Оваа анализа е дел од проектот: „Демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“ поддржан од Канадската амбасада во Белград, преку Kанадскиот фонд за локални иницијативи-(CFLI). Содржината на публикацијата е единствена одговорност на ЕВРОТИНК-Центар за европски стратегии  и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Канадската амбасада во Белград и Канадскиот фонд за локални иницијативи.

Tags:

Leave a Comment