Евротинк одржа почетна конференција во рамки на проектот „Општина Бутел отворена за младите“

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on pinterest

Евротинк – Центарот за европски стратегии на 18 октомври во просториите на општина Бутел ја одржа почетната конференција во рамки на проектот „Општина Бутел отворена за младите“. Како говорници на настанот учествуваа градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски, Томислав Гајтаноски, претставник на Коалиција Сега, како и Мариглен Демири и Димитар Николовски од Евротинк. По презентацијата на идеите и целите на проектот следеше кратка дискусија во која присутните советници од општината Бутел и младите од локалните училишта дадоа свои видувања и сугестии за подобрување на локалните младински политики.

Општата цел на проектот „Општина Бутел отворена за младите“ е да придонесе кон овозможување и поттикнување на младинското учество во спроведувањето на локалните младински политики и во носењето одлуки за локални младински прашања. Во рамки на проектот ќе се работи на зајакнување на капацитетите на општинската администрација,  на членовите на Советот на Општината Бутел и на идниот Локален младински совет.

Дел од предвидените активности во проектот се поддршка за изработка на Младинска стратегија на Општина Бутел, следење на основањето на Локалниот младински совет и истражување и анализа на состојбата на младите во општината.

Мариглен Демири, координаторот на проектот, истакна дека овој проект е само еден чекор од напорите кои општеството треба да ги преземе за да создаде услови за здрав и квалитетен развој на младите во идни успешни граѓани и професионалци.

Градоначалникот Костовски ја истакна важноста на овој проект, особено во делот на изработката на многу потребната младинска стратегија, која ќе помогне, тргнувајќи од локално ниво, да се создаде средина која е пријателска кон младите.

Томислав Гајтаноски, претставник на Коалиција Сега, го потенцираше Локалниот младински совет како исклучително важен механизам кој треба да претставува мост помеѓу младите во Општината Бутел и донесувачите на одлуки. Тој изјави дека проектот треба да ги зајакне капацитетите на младите да бидат сериозен фактор на промени во својат околина.

Проектот „Општина Бутел отворена за младите“ е поддржан од Европската Унија во рамки на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата″ спроведуван од страна на Коалицијата на младински организации СЕГА. Проектот започна со спроведување на 1 септември 2022, а ќе трае до мај 2023 година.

 

 

Визијата на ЕвроТинк

Визијата на ЕвроТинк е Република Северна Македонија да биде развиено, демократско и либерално општество, кое се темели врз начелата на правда, еднаквост, слобода и благосостојба. Процесот на пристапување на Републиката кон ЕУ го гледаме како најдобриот инструмент за остварување на оваа визија.

Поврзани содржини

Ние на Facebook

Некои од нашите видеа