Вчера Евротинк – Центар за европски стратегии одржа работна средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, со што го означи почетокот на имплементацијата на два нови проекти во соработка со Министерството за внатрешни работи. Двата претстојни проекти ќе претставуваат своевидно продолжување на досегашните напори во областа на подобрување на транспарентноста, отчетноста и инклузивноста на полицијата.
Проектите Подобрување на транспарентноста и отчетноста на полицијата во Република Северна Македонија и Со локални совети за превенција кон подобрена соработка имаат за цел да ги поттикнат постојните и да развијат нови добри практики и механизми за поголема транспарентност, отчетност и инклузивност на полицијата, преку поддршка на процесот на соработка помеѓу полицијата, медиумите, општините и граѓаните.
Во рамки на проектите ќе се работи и на поттикнување иновативни комуникации со јавноста и подобра соработка со медиумите, како и на унапредување на партиципативното донесување одлуки во полицијата, по пат на зајакнување на функционалноста на локалните совети за превенција.
Имплементацијата ќе се одвива во периодот 2022 – 2024 година, а министерот Спасовски понуди поддршка и соработка за сите фази од имплементацијата, што ќе биде официјализирано преку потпишување на Меморандум за соработка.
За резултатите од претходниот заеднички едногодишен проект „Кон транспарентна, отчетна и инклузивна полиција во Северна Македонија“ министерот Спасовски утврди дека „имплементацијата на проектот придонесе за подобрување на околината, условите и начинот на кој полицијата функционира.“ Спасовски изрази интерес и отвореност за соработка со Евротинк во натамошните напори за градење доверба и соработка помеѓу граѓаните и полицијата.
