LOADING

Type to search

Водич за преговори

Публикации Работни програми

Водич за преговори

Share

ВОДИЧ ЗА ПРЕГОВОРИ

Членството во ЕУ е еден од клучните стратешки приоритети на РС Македонија кој ги надминува етничките и партиските поделби и ужива значителна поддршка во јавното мислење. Со потпишувањето и ратификацијата на Преспанскиот договор отстранета е последната пречка за отворање на пристапни преговори и на состанокот на Советот на министри на ЕУ во март 2020 година дадено е зелено светло РС Македонија да започне преговори за членство со одржување на Меѓувладина конференција во најкраток можен рок. Процесот на преговори вклучува усвојување на темелните принципи и вредности на ЕУ во функционирањето на државата, усогласување со европското законодавство и прилагодување на функционирањето на националните институциите кон функционирањето на институциите на ЕУ со цел, од моментот на пристапување да бидат исполнети сите услови за целосно преземање на правата и обврските од членството. Овој Водич има за цел да обезбеди сеопфатен преглед на текот на пристапните преговори за членство во ЕУ, принципите, фазите и процедурите во преговарачкиот процес, тематските приоритети во рамки на поглавјата, клучните документи и чинители. Наменет е за административни и јавни службеници, претставници на граѓанските организации, медиумите и бизнис заедницата кои имаат почетни предзнаења во однос на ЕУ и преку овој Водич ќе се запознаат подетално со она што ја очекува РС Македонија во текот на преговорите. Во првиот, општ дел содржани се основните постулати на политиката на проширување и претставена е кратка споредбена анализа на пристапниот процес на земјите од регионот кои се релевантни за РС Македонија, со цел подобро да се разбере контекстот и да се формулираат реалистични очекувања за текот на преговорите. Потоа, даден е краток хронолошки преглед на пристапниот процес на РС Македонија, претставување на преговарачката структура и подготовката на националната верзија на европското аки како основа за преговорите. Понатаму, Водичот ги разработува основните принципи и фази во преговарачкиот процес и промените кои се воведуваат со новата Методологија за преговори. Вториот дел ги претставува преговарачките поглавја, со акцент на нивниот опсег, клучните документи на ЕУ, клучните документи на РС Македонија и конкретните придобивки за граѓаните. Водичот се осврнува и на административниот капацитет потребен за водење на преговорите, користењето на европски фондови во текот на преговарачкиот процес и дава преглед на корисни ресурси и дополнителна литература на оваа тема. Освен тоа, содржи сведоштва и препораки од експерти за ЕУ кои биле вклучени во пристапни преговори на други земји и/или имаат искуство во подготовка на македонската администрација за преговори, со цел да се согледаат нивните искуства и да се извлечат лекции кои би помогнале во преговарачкиот процес.

Tags: