LOADING

Type to search

Одржана онлајн-сесија „Демистифицикација на дезинформации и говор на омраза: Случајот на Северна Македонија и Бугарија”

Демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија Демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија ЕУ за граѓаните, активно граѓанство и јавен интерес Настани Ние & Јавност Работни програми Регионална интеграција Соопштенија

Одржана онлајн-сесија „Демистифицикација на дезинформации и говор на омраза: Случајот на Северна Македонија и Бугарија”

Share

Евротинк-Центар за европски стратегии, заедно со НВО Инфо центар, организираа две онлајн сесиии на тема: „Демистифицикација на дезинформации и говор на омраза: Случајот на Северна Македонија и Бугарија”. Овие онлајн сесии се дел од проектот: „Демистифицирање на (не)соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“, поддржан од Канадската амбасада во Белград, преку Канадскиот фонд за локални иницијативи-(CFLI).

Во првата сесија насловена „ Преглед на дезинформации и говор на омраза во Северна Македонија и Бугарија” се обратија: г. Димитар Николовски, извршен директор на ЕВРОТИНК – Центар за европски студии, г. Бојан Кордалов, комуниколог, г. Димитар Атанасов, Институт за етнологија и фолклорни студии со Етнографски музеј и Бугарска академија на науките, г-а Билјана Бејкова, НВО-Инфо центар и г. Вени Марковски, поранешен член на две експертски групи за справување со дезинформации на Европската комисија.

Втората сесија опфати отворена дискусија за понатамошни активности на граѓанското општество во насока на подобрување на односите помеѓу двете држави. На двете сесии учествуваа преставници од граѓанскиот сектор, студенти, активисти, и млади европски амбасадори.

Билјана Бејкова ги дискутираше наодите од неодамнешното истражување спроведено од НВО Инфоцентарот, на тема „Пропагандните наративи во медиумите за односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија и за воениот конфликт во Украина“ поддржано од страна на Амбасадата на Соединетите американски држави во Северна Македонија. Таа направи преглед на главните наративи присутни во македонските медиуми поврзани со Бугарија и начините на нивно ширење. Еден од увидите од истражувањео е дека медиумите кои се фокусираат на негативните наративи го зголемуваат и и го забрзуваат нивното ширење, и со тоа успеваат да го постигнат ефектот на своевидно гласно медиумско малцинство, кое успева значително да ги диктира трендовите во медиумското известување, и со тоа да влије на атмосферата и клучните наративи во јавноста за оваа тематика.

Комуникологот Бојан Кордалов смета дека најголем проблем во односите меѓу двете земји претставува ловењето политички поени пред секои избори, како и недостатокот на визионерски пристап на политичарите изминативе децении. „Потребен ни целосен регионален пристап, бидејќи проблемите со кои се соочуваме ги засегаат сите балкански земји без исклучок. Да ги земеме како пример корупцијата, иселувањето на младите, депопулацијата на руралните средини, говорот на омраза и дезинформациите.“ Кордалов даде неколку предлози за зајакнување на борбата со дезинформациите и говорот на омраза: поголемо вклучување на младите, префрлање на фокусот кон известувања за несензационалистички, позитивни вести за меѓусебната соработка, повеќе работа со традиционалните медиуми.

Димитар Атанасов зборуваше за улогата на социјалните медиуми во ширењето пропаганда и дезинформации. Притоа, ја истакна и улогата на политичарите кои исто така може да се јават како извори на говор на омраза и истакна дека за државите да се опорават од „нападите“ со говор на омраза неопходно е зајакнување на целокупните демократски процеси. Тој ја дискутираше и улогата на науката за историјата како фактор во тековните политички случувања и ја потенцираше важноста од имплементирањето на научни стандарди во третманот на науката за историја и на стандарди поврзани со европските вредности.

Вени Марковски ја истакна потребата да се разликува помеѓу дезинформации, погрешни информации и говор на омраза, иако, нагласи, сите три се присутни кога се зборува за односите помеѓу Македонија и Бугарија. Како впечатлив пример го даде третманот на депортацијата на Евреите во Втората светска војна: „Депортацијата на Евреите во Втората светска војна, на пример, е настан кој дијаметрално спротивно се памети и комеморира во двете земји. Во Бугарија се концентрираат на фактот дека ги спасиле бугарските Евреи, додека во Северна Македонија се става акцент на вината на Бугарија за депортацијата. Понатаму, во Северна Македонија се зборува само за бугарскиот фашизам, а бугарскиот антифашизам се заборава. Во Бугарија за фашизам не се ни зборува“. Марковски заклучи дека „мораме да се сконцентрираме на говорот на омраза и погрешните информации кај нас самите, многу повеќе отколку кај Другиот. Секој да си работи на својата домашна работа.“

Втората сесија од конференцијата се состоеше од отворена дискусија за можните идни насоки на граѓанското општество за борба против дезинформациите и говорот на омраза, во насока на подобрување на односите помеѓу двете држави. Истата беше модерирана од страна на Ерик Ментон, независен консултант посветен на развивање на активности на граѓанското општество за односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Дел од понудените предлози беа следниве: да се направи некаков конструктивен конзорциум од актери од двете страни од граѓанското општество и академијата, да се направи притисок и иницијативи ЕУ да се вклучи директно во спорот, да се поттикнат промени во медиумските политики, да се поттикнува градењето релации помеѓу обичните граѓани. Притоа, беа дискутирани три траектории: поставување на идната агенда (свртено кон иднината), справување со минатотото, справување со моменталните предизвици (предрасудите, дезинформациите).

 

Tags:

Leave a Comment