LOADING

Type to search

Македонија ја чека првата рата од вкупно 750 милиони евра од ЕУ

„Медиумите за ЕУ“ -- Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ

Македонија ја чека првата рата од вкупно 750 милиони евра од ЕУ

Share

Извор на фотографија: Влада на РСМ.

Автор: Габриела Лескова

Советот на Европската Унија на почетокот од мај годинава го одобри Планот за раст на Западен Балкан, кој со обезбедените дополнителни 6 милијарди евра треба да ги поддржи земјите на патот кон членство во ЕУ. Предлогот за ваквата поддршка од Европската комисија беше доставен во ноември минатата година, но потврдата на оваа одлука во Европскиот парламент се реализираше дури на крајот на април годинава, по што беше усвоена од Советот на ЕУ.

Иако најавите од ЕУ и од македонските власти беа дека првата рата од средствата во висина од околу 750 милиони евра ќе ја добиеме до крајот на јуни, истите не се реализираа. Експертите велат дека доцнењето се должи поради изборите за Европскиот парламент што се одржаа во земјите-членки на ЕУ.

„Предвидената хронологија за имплементација на Планот ќе претрпи измени, имајќи предвид дека новите европски институции се финализираа деновиве. Останува отворена можноста исплатата на овие средства навистина да се врши два пати годишно, како што е предвидено, но првата исплата да биде подоцна во текот на оваа година“, изјави за Евротинк, универзитетскиот професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Васко Наумовски.

Македонската влада ја усвои Реформската агенда

И додека во јуни се одржуваа избори во ЕУ, кај нас е финализиран првиот чекор за да се обезбедат ветените средства. Реформската агенда за  периодот 2024-2027 година е усвоена на првата седница на новиот владин состав, потврдија од Влада на РСМ за Евротинк. Сепак, овој клучен документ ќе треба да го сторат и останатите земји (Албанија, Црна Гора, Косово, Србија и Босна и Херцеговина).

До Европската комисија во Брисел сите држави од Западен Балкан треба да поднесат агенда со точно утврдени чекори кои ќе ги спроведат како реформи во следните три години.

Досегашниот вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ вели дека  целокупниот процес на усвојување на реформските агенди се финализира и кај државите од регионот.

Бојан Маричиќ; Извор на фотографија: Лична архива на Бојан Маричиќ.

„Иако се планираше во јуни да ја исплатат првата рата од 7%, за да се исплати првата рата, мора сите реформски планови да бидат готови и да се преточат во регулатива, којашто ќе биде усвоена од Советот на ЕУ, од Советот на министри, и потоа ќе бидат потпишани финансиски спогодби. Тоа се очекува да се случи во месец јули и ако се оди по планот, во септември би требало да ја добиеме првата рата од 7%, за којашто услов е само да се ратификува таа финансиска спогодба, и да се завршат овие документи“, објаснува Маричиќ.

Кои реформи треба да ги реализира Македонија за да добие дел од колачот?

Планот за раст за земјите од Западен Балкан предвидува средства во износ од две милијарди евра во форма на неповратни грантови и уште четири милијарди евра како заеми од ЕУ за земјите до 2027 година. Средствата ќе се исплаќаат само по исполнувањето на договорените реформи кои се вметнати во реформските агенди усвоени од секоја одделна земја од Западен Балкан.

Главниот збор за одобрување на парите ќе го имаат земјите-членки на ЕУ и самата Европска комисија, а нивната одлука ќе зависи од темпото на спроведување на реформската агенда.

„Има многу реформи, тоа е навистина еден сериозен реформски план што се однесува и на енергетика и на животна средина и на владеење на право, и на финансиска стабилност и на економски развој. Значи има еден реформски план, којшто е навистина на повеќе страници и којшто бара многу ангажман, со конкретни рокови, што до кога треба да се заврши. Секои шест месеци Европската комисија ќе прави евалуација и врз база на таа евалуација ќе ги префрла парите или нема да ги префрла“, вели Маричиќ, одговарајќи на прашањето кои реформи конкретно мора да ги спроведе Македонија за да си ги добие парите.

Професорот Васко Наумовски е дециден дека условите за користење на овие средства ќе бидат засновани на усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, чиишто најважни аспекти во овој период се поврзани со санкциите кон Русија.

„Истовремено, оваа финансиска поддршка ќе биде поттик за спроведувањето на реформи кои се дел од исполнувањето на Копенхагенските критериуми, а за нас најголемите предизвици се поврзани со владеењето на правото, борбата против корупцијата, модернизацијата на администрацијата, заштитата на животната средина, итн. Капацитетите ќе зависат од политичката волја, мотивацијата на административците, како и техничката подготвеност за подготовка на самата рефорска агенда и проектите во неа“, додава Наумовски.

Без реформи, парите ќе отидат во друга држава

Ако Македонија не ги спроведува реформите, парите може да бидат пренаменети за друга држава, којашто побрзо ги имплементира своите обврски од планот за побрз евроинтегративен пат.

„Основно ќе биде да се покажат резултати во исполнување на реформите за европеизацијата на македонското општество, бидејќи овој тип на поддршка е средство во т.н. политика на условување од страна на ЕУ – финансиска награда која зависи од исполнување на зададените услови, кои се поврзани со критериумите за членство во ЕУ“, објаснува Васко Наумовски.

Васко Наумовски; Извор на фотографија: Лична архива на Васко Наумовски.

Бојан Маричиќ пак предупредува дека новиот механизам ѝ дава многу сила на Еропската комисија, но и на државите-членки кои ги даваат парите  ги следат извештаите за спроведените реформи. Ако земјите од Западен Балкан не ги исполнуваат реформите, како што се во случајот со нашата земја за реформите на Судскиот совет, производството на струја, правилата за субвенционирање на компаниите, тогаш помошта од ЕУ ќе застане. При еден ваков епилог, средствата наменети за Македонија би биле искористени од други држави.

„Ќе бидат многу стрикни, и од Европската Унија и од државите-членки, затоа што сакаат навистина да се постигне напредок со овој План за раст, дополнително да се даде дополнителна финансиска помош, надвор од досегашната ИПА, од друга страна, има едно темпо на реформи што нема да застане“, додава тој.

Целите на Планот за раст на Западен Балкан

Целта на Планот за раст на Западен Балкан е да го олеснат евроинтегративниот пат на земјите од регионот, сметаат експертите.

„Застојот во проширувањето на Унијата во последните години ја наметна потребата за одржување на ентузијазмот кај државите-кандидати од Балканот, кои со оваа поддршка би можеле полесно да ги подготват своите економии за влез во Заедничкиот пазар на ЕУ и да ги надминат финансиските предизвици на патот кон полноправното членство, знаејќи дека добар дел од реформите имаат и соодветни финансиски импликации за буџетите на овие држави. Ова е добра можност за аплицирање со проекти од областите на транспортот, енергетиката, животната средина, дигитализацијата – што ќе овозможи побрза трансформација на општеството и негово приближување до европските стандарди“, вели професорот Наумовски, објаснувајќи ги бенефитите од овој план.

За Македонија се предвидени околу 750 милиони евра од вкупно шест милијарди евра за целиот регион. Меѓутоа, помал дел од средствата за нас се во форма на неповратен грант, а нешто повеќе се поволни кредити и дел од тие пари одат како буџетска помош, директно во буџетот за финансирање, за поттик на буџетот и на развојот, а дел од тие пари се за конкретни проекти.

„Имаме доставено листа на проекти, која што секако новата Влада ќе има прилика да ја регулира. Суштината на овој план е да ги подготви државите за поспремно да учествуваат на единствениот пазар на Европската Унија. Значи, практично да видат дел од придобивките и да влезат на тој пазар уште пред да станат членка. Целта е да до 2027, тоа и комесарот Вархеји (н.з. Оливер Вархеји, комесар за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија) го кажа, да бидеме целосно подготвени или во најголем дел подготвени да станеме дел од заедничкиот пазар на Европската Унија. Значи, уште пред членство“, вели Маричиќ.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.