LOADING

Type to search

Одржана завршната конференција на проектот „Транспарентност и отчетност во работата на полицијата“

Uncategorized @mk Настани

Одржана завршната конференција на проектот „Транспарентност и отчетност во работата на полицијата“

Share

На конференцијата дискутираа претставници од механизмите за внатрешна и надворешна контрола на работата на полицијата и претставници од граѓанскиот сектор

 

На 04 јули 2024 се одржа финалната конференција со која беше затворен проектот „Транспарентност и отчетност во работата на полицијата“, проект кој се имплементираше од јули 2022 до јули 2024 година.

На конференцијата беа презентирани резултатите од досегашната работа на проектниот тим кои се презентирани во публикациите „Процена на транспарентноста и на отчетноста во работата на полицијата за 2023 година“ и „Процена на транспарентноста и на отчетноста во работата на полицијата за јануари-април 2024 година“ –  увидите од спроведените истражувања на ставовите и перцепциите на граѓаните за полицијата, увидите од спроведените анализи на работата на Министерството за внатрешни работи од аспект на неговата транспарентност и отчетност и анализа на работата на внатрешниот и на надворешните механизми за контрола на работата на полицијата. Беа споменати и теренските средби со претставници од СВР-ата и од локалните заедници како и продуцираните информативно-едукативни материјали за јавноста.

Дискусијата се одвиваше во рамки на два панели.

Првиот панел ги разгледуваше аспектите на комуникација на МВР со јавноста, неговото присуство и соработка со медиумите и пристапите во известувањето. Г. Гоце Андреевски од Одделот за односи со јавност и стратешки прашања го претстави концептот на работа на Министерството во поглед на информирањето и едуцирањето на граѓаните. Реферирајќи ги истражувањата на Евротинк тој изјави дека „Сите показатели укажуваат на тоа дека МВР е една од институциите која ужива најголема доверба од граѓаните. Во последните истражувања се покажува дека граѓаните високо ја вреднуваат и професионалноста на полицијата.“ Тој заклучи дека полицијата најчесто е првата точка на која се обраќаат граѓаните кога се соочуваат со проблем, и најважно е тие да ја добијат потребната услуга.

Г. Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинари на Македонија се задржа на неколку клучни теми, вклучувајќи ја соработката со МВР во насока на подобрување на комуникација со новинарите и подобрување на безбедноста како и на начинот на известување на новинарите за време на случаи со сензитивни теми, Прирачникот за безбедност на новинари и публикацијата „Подобрување на соработката меѓу новинар(к)ите и полициските органи со цел поголема отчетност и транспарентност“. „Новинарите и припадниците на полицијата имаат најмалку една заедничка цел, а тоа е јавниот интерес. Професионалните новинари работат за да го промовираат и штитат јавниот интерес на граѓаните, додека полицијата не само што ги штити граѓаните, туку и треба да делува во нивниот интерес и интересот на јавноста. Ова е доволна основа за заедничка соработка,“ рече Секуловски.

Вториот панел ги разгледуваше аспектите на отчетноста, односно функционирањето на механизмите на контрола.

Претставничка од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди беше Началничката на Одделението за интегритет, превенција од корупција и заштита на човекови права г. Цветанка Цурева-Алексовска. Таа ги изложи резултатите од работата на Одделот, неговата достапност до граѓаните, тестовите за интегритет на полициските службеници како и превентивните активности.

Г. Вида Поповска-Кочишка, државен советник за граѓански слободи и права при Народниот правобранител, презентираше активности и резултати од работата на Народниот правобранител во последниве пет години: „49 од 77 предмети оформени во последниве 5 години се однесуваат на полициски службеници а 28 на затворска полиција. Во 2020 биле поднесени најголем број претставки. Во 18 од сите предмети Народниот правобранител констатирал повреди на права и поднел барања за утврдување кривична одговорност до ОЈО за ГОКК –  од нив 13 се однесуваат на полициски службеници. Од нив 5 се завршени со правосилна судска пресуда, во 5 барањето е отфрлено од ОЈО ГОКК, а 3 се во фаза на разгледување.“ Таа истакна дека имаат добро меѓусебно разбирање со ОВККИПС кои општо земено им излегуваат во пресрет. Во однос на комуникацијата со обвинителството истакна дека на почетоците имале потешка соработка бидејќи тие согласно нивните законски обврски немаат обврска за соработка со Народниот правобранител во однос на известувањето, ниту пак биле доволно запознаени со надлежностите на НП, меѓутоа низ годините оваа соработка се подобрила и сега е на коректно ниво, со простор за подобрување.

Г. Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, ја презентираше состојбата со претставките поднесени од оваа организациа за преиспитување на повредите на човековите права – во 2023 година, имало 62 претставки, 12 дисциплински постапки покренати од внатрешната контрола, од кои 1 завршена постапка со изречена дисциплинска мерка. Таа ја коментираше и соработката со Народниот правобранител и со Специјализираното одделение при ОЈО ГОКК како надворешни механизми за контрола. Таа ја истакна неопходноста активно да профункционира комплетираниот состав на Механизмот за граѓанска контрола при НП со назначените претставници од граѓанскиот сектор.

Г. Васил Поповски, јавнообвинителски советник-истражител во Специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција  при ОЈО ГОКК зборуваше за работата и предизвиците во функционирањето на Специјализираното одделение во последниве 5 години. Забележан е раст на бројот на пријави од граѓани, што е знак за зголемено препознавање помеѓу граѓаните. Тој истакна дека соработката на Одделението е најголема со ОВККИПС во секојдневна комуникација, но и со НП. Во однос на транспарентноста, тој забележа дека „ЈО треба да посвети внимание на тоа да обезбеди континуитет во известувањето на јавноста. Најчесто тоа известува за отпочнати истражни постапки и тука завршува известувањето и јавноста не знае што понатаму се случувало во предметот и каков бил исходот.“ Според видот на кривичните дела најчесто се пријавува Злупотребата на службена положба и овластување како општо дело, исто така зведнаш зад нив е КД Малтретирање во вршење на службата.

Беше истакнато дека остварувањето на транспарентноста преку објавата на годишните извештаи на механизмите за контрола е недоволна, и потребно е поинтензивно присуство во јавноста.

Проектот „Транспарентност и отчетност во работата на полицијата“ за главна цел имаше да придонесе кон развојот на полицијата и полициското работење преку зголемување на демократскиот капацитет на полциската организација по пат на активности за подобрена транспарентност и отчетност. Проектот имаше за цел да ги поттике постојните и да развие нови добри практики и ефективни механизми за поголема отчетност на полциијата, преку поддршка на процесот на соработка помеѓу полицијата, медиумите и локалните заедници.

 

Tags: