LOADING

Type to search

Младите се иселуваат надвор, ама не само од економски причини

„Медиумите за ЕУ“ -- Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ Коментари и Анализи

Младите се иселуваат надвор, ама не само од економски причини

Share

Автор: Габриела Лескова

 

ИНТЕРВЈУ СО ИВАН ДУРГУТОВ: Младите се иселуваат надвор, ама не само од економски причини

Европската комисија (ЕК) во ланскиот Извештај за напредокот на С.Македонија им препорачува на македонските власти и во 2024 година да продолжат со спроведување на мерките од шемата Гаранција за млади, која е поддржана од ЕУ, а со цел намалување на младинската невработеноста во земјава. Извештајот на ЕК нотира дека мерките дале позитивни резултати, а препораките на официјален Брисел се движат и во насока да се воспостават системи за соодветна евалуација на мерките.

„Шемата Гаранција за млади останува главна мерка за справување со невработеноста кај млади. Во март 2023 година бил донесен нов план за спроведување на Гаранцијата за млади 2023-2026 година од страна на органите. Во 2022 година повеќе од 20.000 млади учествувале во шемата, а 43% од нив успешно нашле можности за вработување или обука. Во шемата учествувале 969 Роми, од кои 148 се вработиле“, се наведува во ланскиот Извештај на ЕК.

„Гаранцијата за млади“ е воведена уште во 2018 година и придонела за намалување на младинската невработеност од 45,4% во 2018 година до 32,5% во 2022 година. Ваквите податоци за младинската невработеност од Извештајот на ЕК, како и причините за иселувањето на младите во земјава ги анализираме во интервјуто со младиот европски амбасадор Игор Дургутов. Тој верува дека светот во којшто се наоѓаме како никогаш претходно му овозможува на младиот човек да има поголеми можности и повеќе шанси иднината да ја бара надвор од земјава.

 

ЕВРОТИНК: Младите се иселуваат, невработеноста сè уште е висока, нотираат и домашните институции, но и Извештајот на Европската комисија. Кои се причините?

Иван Дургутов: Иако бројката е намалена од 45 на 32 проценти, сепак тоа е една висока младинска невработеност. Треба да ја поздравиме таа мерка, ние сме една од ретките, ако не и единствена земја која што не е членка на ЕУ, а Македонија ја спроведува оваа мерка, така што тоа е во ред. Меѓутоа, со оглед на резултатите, гледаме дека бројката е сè уште висока.

Причините за тоа кои се – јас ги гледам во повеќе фактори. Причина број еден би кажал е „тренд“, ајде условно да го наречам така, на отворен свет и на можност да работите и надвор од својата земја. Зошто го кажувам ова како причина број еден? Бидејќи верувам дека вие како држава Македонија, или како било која друга држава, можете да имате многу добра, многу солидна политика во однос на вклучување на младите во пазарот на трудот. Меѓутоа, вие не можете да го затворите светот, освен нели во тие години на корона пандемијата и да ги скратите можностите на младите да гледаат кои се можностите за работа надвор, кои се условите за работа надвор итн.

Верувам дека светот во којшто се наоѓаме е како никогаш претходно, и со тоа влијае младиот човек да има поголеми можности и повеќе шанси својата иднина да ја бара надвор. Тоа не значи дека како држава треба да останеме пасивни и да не правиме ништо. Но, мораме да бидеме свесни, секогаш кога зборуваме за тие одливи на мозоци – „brain drain“ или „brain gain“ – како да ги вратиме луѓето тука, да го имаме в предвид контекстот во којшто живееме, односно концептот во којшто младите се наоѓаат денеска. Вие на три клика од својот компјутер, ги имате на достапност работните места во САД, Австралија, во западно европските земји итн. Многу е мала веројатноста дека ако вие сте тие што трагаат по повисока плата во бројчен износ, многу е мала шансата дека било кој во оваа држава, дали државата како држава, дали работодавачите во оваа држава може да ви го понудат комплетно истото. Ова го кажувам, бидејќи верувам дека како млади денеска сме соочени со една ситуација кога сакаме да пробуваме нови работи, да пробуваме нови места за живеење итн. И верувам дека тоа е многу важно кога зборуваме за тоа зошто младите својата иднина ја гледаат надвор.

Од друга страна, мораме да бидеме свесни дека, одамна се напуштени само оние економски причини поради кои младите мигрираат. Денеска младите не си одат единствено поради тоа што добиваат повисока плата во некоја странска држава, туку си одат поради нефункционирање на системот. Ако се во мал град, можеби си одат поради малата средина и можноста за ширење на своите хоризонти, ширење на своите видици и честопати знам многу млади луѓе кои својата иднина ја побараа надвор за да започнат живот од нула, едноставно да се пронајдат во странска држава, каде што ќе може да започнат од почеток да ја градат својата личност, да го надоградуваат своето образование и да започнат сосема нов приватен и професионален живот.


ЕВРОТИНК: Иако сме во чекалната на ЕУ подолго време, сепак со години наназад се спроведуваат различни проекти, чии бенефиции ги чувствуваат и македонските млади луѓе. Какви предности и привилегии би можеле да уживаат младите доколку нашата држава стане дел од европското семејство?

Иван Дургутов: Кога зборуваме за ЕУ, за мене е многу важно да зборуваме за поопипливите примери, коишто треба да ни ги донесе ЕУ. Честопати сме сведоци дека ЕУ се користи како некаква геополитичка ориентација, дали сме сега исток или запад, дали сакаме да членуваме тука или таму. Меѓутоа, за мене лично, кога зборувам за ЕУ би сакал повеќе да зборувам за оние вистински можности и вистински придобивки коишто младиот човек би ги имал ако таа негова земја стане дел од европското семејство. Да тргнеме од „Еразмус+“ програмата, и сите оние можности кои на младиот човек му стојат на располагање и сега кога Македонија е земја-кандидатка за членство и земја која преговара, а кои би биле уште поголеми доколку еден ден би станале дел од тоа европско семејство. Зборуваме за тоа дека ќе биде уште поедноставно вие како државјанин на ЕУ да бидете рамноправен со своите колеги од ЕУ и дали сакате да студирате во Холандија, Германија, Австрија или каде и да е тоа. Доколку се решите, тој квалитет на образование коешто ќе го стекнете, ќе одлучите да придонесете назад во Македонија или некаде во странство. Понатаму, придобивки од аспект на тоа да аплицирате за една работа која ќе ви биде понудена од ЕУ, без да имате потреба да ги поминувате сите тие бирократски и административни чекори кои морате да ги минете сега.

Евротинк: Дургутов од аспект на улогата која ја уживаш повеќе години како Млад европски амбасадор, колку е важна соработката меѓу младите луѓе во Западниот Балкан?

Иван Дургутов: Верувам дека е многу важна соработката меѓу младите во регионот знаејќи го турбулентното минато коешто го имал овој регион, а коешто може да се надмине и да се учи од него, само ако видиме дека имаме многу повеќе сличности како млади луѓе, отколку што имаме разлики. Јас сум професионално дел од една мрежа на млади европски амбасадори, која што е всушност присутна во шесте земји на Западниот Балкан. Станува збор за регионална програма токму на ЕУ и има за цел од една страна да ги промовира европските вредности во регионот на Западниот Балкан, меѓутоа од друга страна и да ги доближи самите земји од Западен Балкан едни со други.

 

Проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

 

 

 

Tags: