LOADING

Type to search

Изборите за Европскиот парламент – дезинформациите и излезноста на младите како предизвици

„Медиумите за ЕУ“ -- Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ Коментари и Анализи

Изборите за Европскиот парламент – дезинформациите и излезноста на младите како предизвици

Share

Автор: Габриела Лескова

 

Изборите за Европскиот парламент – дезинформациите и излезноста на младите како предизвици

Граѓаните од земјите-членки на Европската Унија во периодот од 6 до 9 јуни го избираат новиот состав на Европскиот парламент. Околу 370 милиони граѓани од членките на европското семејство може да гласаат на овие избори, при што политичките партии групирани во седум политички блока на европско ниво се натпреваруваат за освојување на што поголем број на места во парламентот.

Под кампањата „Искористи го својот глас“, партии од радикалната левица преку левиот и десниот центар, па сè до радикалната десница, очекуваат да добијат свои претставници во Европскиот парламент, кој во претстојниов состав ќе брои 720 пратеници. Меѓународните истражувања покажуваат дека се очекува годинава излезноста на избирачите на европско ниво да биде 60%.

Изборот за европски пратеници се врши уште од 1979 година. Тогаш се решиле да гласаат скоро 62 проценти од избирачите, а воедно тогаш е регистрирана и највисоката излезност низ годините. Интересен е фактот дека најмала заинтересираност за гласање имало во 2014 година. Тогаш нешто повеќе од 42 проценти од избирачите избрале да гласаат. Сепак, веќе на наредните избори во 2019 година процентот на излезност се зголемил и тогаш гласале 50,62% од граѓаните кои имаат право на глас во земјите-членки на ЕУ.

Историски гледано, податоците од претходните избори покажуваат дека граѓаните на европските земји се свртуваат кон десно при изборот на свој политички претставник за Европскиот парламент. На пример, ако во 1979 година, на тогашните избори групата на социјалистите била најбројниот политички блок во Европскиот парламент, а ваквиот тренд продолжил и во 80-тите и 90-тите години на минатиот век, резултатите од последните изборни циклуси покажуваат дека европските граѓани најголемата доверба им ја даваат на десноцентристичките партии од блокот на Европската народна партија.

Сепак, најмногу грижи за идниот пратенички состав на Европскиот парламент предизвикува подемот на партиите од радикалната десница, како и оние со лидери кои имаат авторитарни претензии, но и пратеници преку кои би се зголемила можноста за пенетрација на странско малигно влијание, како што е случајот со Русија.

Токму поради тоа, за 10-тите по ред избори за Европскиот парламент од извонредна важност е борбата против дезинформациите за времетраењето на изборниот процес, но и вклучувањето на младите од земјите-членки на ЕУ во гласањето на изборите.

 

Дезинформациите за време на изборниот циклус

 

Македонскиот комуниколог Бојан Кордалов вели дека европските надлежни институции имаат сериозно добар механизам за борба против дезинформациите. Тој вели дека како и пред секои избори во земјите, така и за оние во Европскиот парламент, граѓаните кои имаат право на глас речиси и да не можат да останат имуни на дезинформациите. Кордалов вели дека ЕУ не случајно буди сериозна грижа и фокус кон борбата против дезинформации, кои се именувани како надворешни манипулации и влијание преку странските информации.

Едноставно таа тема е многу важна од неколку причини, бидејќи нападот врз демократските процеси каде што во средиштето ги имаме изборите како основа на демократијата, влијанието врз слободната воља на секој човек граѓанин, слободно да се изјасни, да гласа“, вели Кордалов во однос на прашањето како ЕУ се справува со дезинформациите за време на изборите за Европскиот парламент.

За граѓаните да не подлегнат на дезинформациите за време на избори, комуникологот Бојан Кордалов вели дека секој граѓанин е клучно да се развива дигитално, критички, креативно, како и да ја развива медиумската и дигиталната писменост.

„Секоја информација да ја разработува критички, односно да ја проверува. Тоа е клучното нешто што секој треба да го прави. Меѓутоа тоа е едниот тип на одговорност, можеби најважната која што секој граѓанин мора да ја има. Меѓутоа тука е и одговорноста, на пример, на социјалните медиуми коишто редовно рапортираат извештај за тоа што превземаат, за да ваквите дезинформации и мисинформации бидат спречени да се шират, бидејќи, статистички е докажано дека најчесто и највеќе се шират преку дигиталните платформи и социјалните медиуми, значи говориме за МЕТА, Гугл, Х итн., да не ги редиме сите влијателни платформи, коишто стотици и стотици милиони корисници ги имаат ширум Европа, или милијарди низ целиот свет“, вели Кордалов.

Тој додава дека и самите институции, како што е Европската комисија и Европскиот парламент, идентично како и институциите на национално ниво, буквално постојано предупредуваат за опасностите кои стојат како можност за време на изборите.

„Тука веќе не зборуваме само за мис и дезинформации, туку зборуваме и за користење на дип-фејк видеа, коишто можат целосно да ја изменат реалноста и да се претставуваат и да пласираат видео, и навидум слични или точни информации коишто се целосно лажни во име на друг“, појаснува Бојан Кордалов.

Сепак, комуникологот потсетува дека постојат и огромен број на тимови коишто работат на спречување на овие дезинформации, но и кампањи за подигнување на свеста и едукацијата, како и постојани инфо-сеанси за информирање.

„Едноставно огромен број на обиди да што помалце број на граѓани да бидат изманипулирани и злоупотребени со лажни наративи коишто се шират особено на странско-надворешно влијание, а и коишто немаат чесна цел, односно, имаат за цел да го спречат демократскиот процес, слободното изразување на гласачите на европските избори“, појаснува Кордалов.

 

Фокус на изборите кон младите

Младиот европски амбасадор од земјава Иван Дургутов пролетва имал можност да присуствува на еден од многуте настани организирани за младите во пресрет на одржувањето на изборите за Европскиот парламент. Дургутов присуствувал на конференцијата „I Care, I Vote“ и негов впечаток од настанот е дека апатичноста и незаинтересираноста на младите и гледањето на политиката кај нив како на нешто туѓо, всушност не е само карактеристика за младите од нашите простори, туку и за Европа. Тој вели дека европските институции пред изборите организирале настани кои треба да ги поттикнат младите луѓе да се потсетат оти изборите постојат заради нив.

„Основата на демократијата се всушност тие и не е во ред младите да бидат тие коишто ќе бидат најмалку заинтересирани за овие нешта, да бидат оние луѓе коишто најдолго ќе ги живеат последиците од овие нешта“, вели Иван Дургутов.

Младиот европски амбасадор верува дека многу млади луѓе излегле охрабрени од таа конференција и тој се надева дека на актуелните европски избори навистина ќе видиме поголема бројка на заинтересирани млади луѓе што ќе излезат и ќе го кажат својот став.

„Резултатите од последните избори кажуваат дека за жал интересот на младите да го остварат своите избирачко право е сепак мал, не само во овој регион, туку и пошироко на ниво на Европа“, вели Дургутов.

По завршувањето на изборите за Европскиот парламент и формирањето на новиот пратенички состав, она што ќе следи е изборот на новиот претседател на Европската комисија, кој се бира токму во овој парламент. Она што е извесно од досегашните известувања на медиумите дека досегашната шефица Урсула фон дер Лајен повторно ќе се кандидира за оваа позиција. За да добие уште еден претседателски мандат, на неа потребни ќе ѝ бидат потребни најмалку 361 глас од вкупно 720 пратеници на Европскиот парламент.

 

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

         

Tags: