LOADING

Type to search

Македонските студенти ги немаат европските услови за живот

„Медиумите за ЕУ“ -- Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ Коментари и Анализи

Македонските студенти ги немаат европските услови за живот

Share

Автор: Сара Танаскоска

 

Македонските студенти ги немаат Европските услови за живот

Исплатата на стипендиите доцни, картичките за студентски оброк често не функционираат, а во студентските домови има лоши услови за сместување. Ова се само дел од проблемите со кои се соочуваат студентите од земјава. Како што одминува времето, овие проблеми се зголемуваат, а тоа пак доведува до намалување на бројот на студенти.

Во последните неколку години расте трендот на заминување на младите луѓе од земјава, односно повеќе млади одлучуваат да студираат во некоја од европските земји, кои им нудат подобри услови за образование и меѓународно признаена диплома. Дека состојбата во високото образование не е нималку розова покажува и ланскиот Извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава на европскиот пат, во кој се наведува дека бројот на македонски студенти се намалува.

„Во високото образование вкупниот број на уписи останува низок. Бројот на студенти запишани на прва година студии бележи опаѓање во последниве три години“, се наведува во Извештајот на ЕК за земјава за 2023 година.

Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека буџетот наменет за студентите постојано се зголемува, односно дека постојано се обезбедуваат повеќе пари за унапредување на студентскиот стандард. Споредбено со минатата година, буџетот се зголемил за 4,4 проценти, односно во 2024 година тој изнесува 32 милијарди денари.

„Владата посветува сериозно внимание на подобрувањето на условите за студирање и намалување на предизвиците со кои се соочуваат младите за време на високообразовниот процес. Во изминатиот период воведени се низа нови категории на студентски стипендии, а износот на месечно ниво на постојните е значително зголемен, за некои видови и над 80%. Воведени се и стипендии за студенти на втор и трет циклус на студии по пауза од 15-тина години,” информираат од МОН.

И покрај ваквите одговори од МОН, поплаките од студентите не стивнуваат. Идните академски граѓани се жалат дека и покрај сите реформи кои Министерството ги презело до сега, условите особено за оние што живеат во студентските домови, сѐ уште се лоши.

„Две години живеам во студентски дом, прво во „Пелагонија“, потоа во „Гоце Делчев“. Порциите се доста мали, хигиената е лоша. Стипендиите кои мора да се исплаќаат секој месец, понекогаш каснат. Доколку користиме јавен превоз треба да излеземе од дома барем два часа порано”, ни раскажа еден од студент од Прилеп кој побара да остане анонимен.

Од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје (УСС при УКИМ) велат дека се свесни за проблемите со кои се соочуваат студентите во Македонија и дека се трудат да бидат слушнати од властите.

„Состојбата со домовите не е на задоволително ниво бидејќи најпрво домовите не располагаат со средства за да обезбедат доволен и пристоен студентски живот и стандард. Најмногу жалби има во однос на количината на храната, условите во тоалетите, собите и генералната хигиена”, велат од УСС при УКИМ.

Како пример за да ги споредиме условите за живот на македонските студенти ја земавме Словенија, која како земја-членка на ЕУ во изминативе години е една од најатрактивните дестинации за студирање на младите од земјава. Словенија нуди подобри услови за студирање, а акцентот се става на токму на студентите. Студентското сместување е добро организирано, а според нивните правила поголемиот дел од студентите се сместени токму во домови, објаснува Никола Ристевски кој има поминато еден семестар преку програмата на ЕУ, „Еразмус Плус“ во Словенија.

„На пример, во Љубљана, главниот и најголемиот град во Словенија има околу 12.000 студентски легла организирани во двокреветни и еднокреветни, како и фамилијарни соби, низ триесетина студентски домови низ Љубљана. Додека пак капацитетот на студентските легла во другите населени места е помал, складно со бројот на жители“, вели Никола Ристевски.

Тој додава дека квалитетот на собите се разликува од еден до друг студентски дом, а со тоа се разликува и цената за изнајмување на леглото.

„Собите пак, ги исполнуваат основните услови за живот. Иако не живеев во студентски дом, имав можност да видам како изгледаат надвор и внатре, какви се условите и кои се цените. Секогаш може да има подобрување во условите, но треба да се напомене дека основните услови за живот се задоволени”, вели Никола Ристевски.

Еден од факултетите на Универзитетот во Љубљана; Фото: Никола Ристевски.

 

Покрај подобрите услови во домовите, студентите во Словенија имаат уште две основни студентски бенифити – тоа се „студентски бони“, кои се сличен проект на нашиот студентски оброк и студентска картичка за јавен превоз.

„Може да се каже дека во оброкот и превозот нема значителни разлики меѓу Словенија и Северна Македонија, финансиската помош и поволностите скоро и да се преклопуваат”, вели Никола Ристевски.

Од МОН велат дека во изминатиот период се направени крупни измени кои треба да го подобрат студентскиот стандард во државата, односно дека секоја година од буџетот се издвојуваат одредени средства со цел да се подобрат условите за настава во високообразовните установи во Македонија.

„Во 2022 и 2023 година исплативме околу 220 милиони денари за набавка на нови лабораториски ресурси, односно за опремување на лаборатории на факултетите и јавните научни установи каде младите ги надградуваат практичните знаења.  Од покрупните вложувања, ќе ја издвоиме и поддршката за најмладиот јавен универзитет во државата – „Мајка Тереза“ за кого обезбедивме нови простории, односно модерен кампус со сите неопходни содржини за квалитетна настава. Изградивме и нов студентски дом за потребите на Универзитетот во Тетово”, велат од МОН.

Исто така, од Министерството за образование и наука тврдат дека се преземени активности за подобрување на квалитетот на академското образование, кое на граѓаните ќе им понуди повеќе можности.

„Станува збор за нова национална програма и уредба за финансирање на високо образование, како и национална програма и уредба за финансирање на научно-истражувачка дејност, кои треба да бидат изработени до 2025 година”, додадоа од МОН.

И покрај сите измени кои се прават во образовниот систем, поконкретно во областа на студентскиот стандард, младите од Македонија кои студираат во странство велат дека состојбата кај нас не може да се спореди со Словенија во однос на нивните права и условите во кои живеат. Самата организација и пристапот кон студентите е различен.

„Студентите имаат право да бираат наставен кадар, да отповикаат кадар што не е избран во редовни звања и најважно, да учествуваат во финансиските трошења на универзитетскиот буџет“, ги објаснува Никола Ристевски правата на студентите што ги уживаат во Словенија.

Тој додава дека можеби најважниот аспект е студентската работа во Словенија, што претставува предизвик за сите студенти со помали можности да се пријават за одреден тип на работа што нема да им одзема многу време, а ќе го надополнува нивниот буџет.

„Се разбира има и многу други разлики меѓу македонските и словенечките студенти во однос на нивните права. Тоа е просветен систем, со којшто имаме сличности од Југославија, но во секој случај е систем во којшто студентите се добро организирани, а и обврските и правата што ги сносат се на сосема различно ниво од нашата држава”, вели Никола Ристевски којшто како студент имал престојувано еден семестар во Словенија.

 

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

                         

Tags: