LOADING

Type to search

„Еразмус+“ водилка за стратегиите во македонското високо образование

„Медиумите за ЕУ“ -- Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ Коментари и Анализи

„Еразмус+“ водилка за стратегиите во македонското високо образование

Share

Автор: Бојан Лазаревски

 

Меѓународните партнерства носат новитети во наставните програми и методи

Повеќе од 1.200 договори за соработка меѓу универзитетите од Македонија со Европските универзитети, влезна мобилности од 2.354 студенти и професори, и излезна од 2.214 во периодот 2014-2020, е резултатот од користењето на европската образовна програма „Еразмус+“ во Македонија. Ова го покажува статистиката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, според која придонесот на европските образовни програми се јакнење на јазичните компетенции на студентите и професорите, но и мотивираност на студентите да преземат ризици, како и јакнење на меѓународната соработка. Податоците на Агенција покажуваат дека во првите шест месеци по дипломирањето се вработиле 80 проценти од студентите кои ги користеле европските програми на мобилност.

„На самите почетоци на ’Еразмус+’ програмата, три високообразовни институции учествуваа во програмата од 2009 година, а денес активно учествуваат 24, во делот на високото образование – студентски мобилности, студентски пракси, наставни ангажмани и обуки за административен кадар. Во однос на финансиите универзитетите со најголем број на студенти и најголем капацитет реализираат најголем дел од предвидените средства. Универзитетите од Македонија најчесто соработуваат со високообразовни институции од Хрватска, Турција, Бугарија, Словенија, Италија и Шпанија“, наведуваат од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

 

„Еразмус+“ наменета за образование, обука, младите и спортот

„Еразмус+“ програмата е најпрепознатливата и најпозитивно прифатената програма на Европската унија. Наменета е за поддршка на образованието, обуката, младите и спортот во Европа и располага со буџет од околу 26,2 милијарди евра, што е речиси двојно повеќе споредено со претходната програма која траеше од 2014 до 2020 година.

Програмата која е проектирана да трае од 2021 до 2027 година става силен фокус на социјалната вклученост, зелените и дигиталните транзиции и промовирањето на учеството на младите во демократскиот живот.

За тоа дали постои стратегија во Македонија за соработка со универзитетите во Европа, од Националната агенција велат дека Македонија преку програмата „Еразмус+“ ја следи европската стратегија за високо образование со временска рамка 2021-2027, како и планот за Дигитализација во високото образование и истата се нивелира со стратегијата за образование на Македонија 2015-2025.

Од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност наведуваат дека се целосно фокусирани на искористување на можностите кои ги нуди Програмата за сите македонските граѓани во делот на училишно, стручно, високо образование и образование за возрасни, како и младите и спортот. Од таму додаваат дека интересот е голем, со оглед на високиот број на апликации кои ги добиваат, а очекуваат и зголемување и подигање на нивото на соработка зголемување со сите европски држави, на некое повисоко ниво.

 

„Еразмус плус“ ги трансформира студентите

За придобивките од програмата говори, Софија Стојановска, дипломирана студентка на Филозофскиот факултет при УКИМ, која преку „Еразмус+“ ja искористила можноста да помине семестар на Факултетот за едукација и рехабилитација при Универзитетот во Загреб. Нејзиното искуство е показател за трансформативниот потенцијал кој меѓународната соработка го има врз перцепциите на студентите и високото образование.

Софија Стојановска, дипломирана студентка на Филозофскиот факултет при УКИМ

„Искуството кое го стекнав како Еразмус студент за мене е непроценливо и ден денес се одразува врз она што сум како личност на професионален, но и nа приватен план. Можноста да студирам на англиски јазик беше одлична за дополнително усовршување на јазикот и збогатување на мојот вокабулар со стручни термини а предметите кои ги слушав како на пример ’Креативна терапија’ ми дадоа одличен осврт за тоа што се може да биде специјалната едукација и на каков начин можам всушност да ја применувам таканаречената инклузија на деца/лица со посебни образовни потреби“, вели Софија Стојановска, поранешна студентска на Филозофскиот факултете при УКИМ.

 

Позитивно влијание и врз професорите и факултетите

Проректорката за меѓународна соработка на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Ана Никодиновска – Крстевска, вели дека за позитивното влијание врз едукативниот развој на студентите уажува и фактот дека најголем дел од студентите кои веќе учествувале на „Еразмус+“ мобилности, аплицираат и по втор пат.

Според Никодиновска – Крстевска, на универзитетот не постојат други постојни програми за мобилности како „Еразмус+”. Таа додава дека влијанието на оваа програма е од особено значење и за академскиот и административниот кадар, и тоа не само за корисниците на мобилноста кои одат на други универзитети, туку и за универзитетите кои што се домаќини на корисници. Таа вели дека академскиот кадар што е на програмата за мобилност се запознава со наставните програми во странство, додека пак возвратно, посетителите, исто така носат новитети и наставни методи кои се користат на нивните матични универзитети. Придобивки има и во однос на предавањата, усовршувањата, истражувањата, заеднички конференции, работилници.

проф. д-р Ана Никодиновска – Крстевска , проректорка за меѓународна соработка на УГД 

„Контактите што се генерират при остварување на мобилностите вродуваат со плодови кои се одрзуваат во личната сфера, во насока на подобрување на наставно-образовните капацитети на лицата корисници на мобилносите, но и достигнување на далекусежни цели во делот на наставата, додека во научна сфера, контактите генерираат вмрежување во нови научни проекти и соработка на научно поле меѓу наставниците и се разбира меѓу факултетите и универзитетите”, вели проф. д-р Ана Никодиновска – Крстевска , проректорка за меѓународна соработка на УГД.

 

 

Можност за зголемување на соработка во рамки на програмата „Еразмус“

Сепак бројот на проекти и студенти кои што ги користат придобивките на програмата „Еразмус+“ се помали во споредба со тие од земјите на ЕУ. Бројките студенти кои што биле вклучени во програмите за мобилност од Македонија во земјите членки од ЕУ, може да се споредат со Летонија и со Словенија, поради приближно истите бројки на  население и студенти.

Во однос на бројот на студенти, во 2022 пристигнале речиси 6.000 студенти во Македонија, во споредба со Летонија каде бројката е близу 10.000, а во Словенија речиси 11.000. Разлика има и во бројот на студенти кои што заминале на размена во странство. Од Македонија тоа биле нешто повеќе од 8.000, а од Летонија и Словенија по околу 10.000 студенти.

Но освен во бројката на студенти, разликата е евидентна и во финансиите, имено во 2022 во Македонија имало три проекти за соработка во високото образование и грантови во висина од 360.000 евра, додека Летонија и Словенија имале по седум и десет проекти и 6.700.000 евра, односно 3.300.000 евра грантови. [1]

Според информациите на Националната агенција, финансиските средства, во зависност од проекциите на ЕУ се движат помеѓу 1.500.000 евра и 1.700.000 евра, главно во насока на реализирање студентски мобилности, пракси, но и наставни ангажмани и обуки. Дополнително, има и буџет од 400,000 евра, конкретно за соработка помеѓу високите образовни институции.

„Еразмус+ креира можности за сите. Од најмадите, до највозрасните. Почнувајќи од градинките, до образование за возрасни. Програмата е креирана да понуди нови можности, знаења и искуства за сите“, наведуваат од Националната агенција.

 

Чекорењето кон ЕУ ќе ги прошири програмите за мобилност

И покрај тоа што земјата е веќе дел од ваквите програми, како што ќе се движи по евроинтеграцискиот пат и пристапните преговори, фокусот на поглавјата за образованието и континуираната финансиска поддршка на ЕУ ќе овозможат за понатамошен развој и модернизирање на образованието. Тоа би значело и зголемен број на партнерства и меѓународна соработка, проширување на програмите за мобилност, но и вклучување во истражувачки проекти што би го подобрил степенот на квалитет за студирање не само на студентите, туку и на професорите.

Во текот на пристапните преговори, темата за образование е опфатена најмалку во две поглавја. Имено Поглавјето 25 се фокусира на наука и истражување, а Поглавјето 26 на едукација и култура, каде меѓу другото се става фокус на високото образование, но и мобилноста. На тој начин, државата ќе има можност да ги усогласи образовните системи и стандарди со оние на Европската Унија.

Дополнително, слободата на движење значително би го олеснила процесот на мобилност, што би придонело и до зголемен интерес за учество во ваквите програми.

 

Слободата на движење во Европа, дополнителен стимул за мобилност

Моментално, македонските студенти кои сакаат да поминат одреден период од своите студии во земијте на ЕУ, вообичаено потребно е да го регулираат престојот доколку е подолг од 90 дена. Истото правило важи и за странските студентите кои доаѓаат во земјава. Ова често пати значи долги бирократски процеси и финансиски трошоци кои може да влијаат врз мотивацијата кај дел од студентите. Дополнително, најчесто е потребно студентите да имаат и здравствено осигурување за периодот во странство.

Но, со зачленувањето на ЕУ и слободата на движење, процесот за мобилност во странство значително се олеснува, конкретно во однос на регулирањето на правото на престој за студентите кои би требало да поминат одреден период во странство, со што се избегнуваат долгите процеси за аплицирање и чекање за виза. Здравственото осигурување кое што студентите го имаат во земјите на ЕУ исто така е прифатено во сите земји членки. Сето ова го олеснува процесот на мобилност и позитивно може да влијае врз интересот на студентите да поминуваат определен период од своите студии во странство.

 

[1] Извор:
https://erasmus-plus.ec.europa.eu/factsheets/2022/republic-of-north-macedonia
https://erasmus-plus.ec.europa.eu/factsheets/2022/latvia
https://erasmus-plus.ec.europa.eu/factsheets/2022/slovenia

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

               

Tags: