LOADING

Type to search

Пластичните ќеси и пластичната амбалажа полека заминуваат во историјата

„Медиумите за ЕУ“ -- Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ „Медиумите за ЕУ“ -- Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ Коментари и Анализи Процес на пристапување во ЕУ

Пластичните ќеси и пластичната амбалажа полека заминуваат во историјата

Share

Автор: Бранислав Максимовски

Последната новина од ЕУ за намалување на загадувањето на морињата е директивата за фиксни капачиња на пластичните шишиња

Не постои човек кој барем еднаш во денот не отишол во маркет за да купи производ спакуван во пластично шише, кое потоа го ставил во пластична ќеса за носење. Но, ваквата навика која станува минато во Европската унија, малку по малку станува минато и во Македонија.

Земјата следејќи ги добрите европски практики во 2021 година донесе закон со кој пластичните ќеси, и тоа биоразградливи, почнаа да се наплаќаат во маркетите по цена од 15 денари по парче. Целта беше да се намали нивната употреба, а да се мотивира користењето на торби за повеќекратна употреба, засновано врз принципот „загадувачот плаќа“. Пластичните ќеси се едни од најголемите загадувачи на природата, пред се’ на морињата.

Овој закон делумно се имплементира, но тој целосно ќе стапи на сила на 1 јуни 2024 година. Според Министерството за животна средина и просторно планирање, повлекување во овој процес нема да има.

„Поништување или враќање назад на започнатата постапка за намалување на употребата на пластичните ќеси за еднократна употреба нема да се случи, бидејќи тоа се обврски преземени од нашата држава за усогласување со законодавството на ЕУ. Откако е донесен и е делумно имплементиран, се покажа дека употребата на пластичните ќеси е намалена за 10 пати, особено во маркетите и тоа за околу 85 проценти”, информираат од Министерството.

 

Наместо пластични ќеси, платнени торби

Според податоци на Државниот завод за статистика, во 2021 година, кога е донесен овој Закон, во Македонија произведени се 5.800 тони пластични ќеси и вреќи. Истовремено, статистиката покажува и дека мерката за плаќање на ќесите дала ефект. Па така ако од 1 јануари до 1 декември 2021, пред да биде донесен законот, биле продадени или бесплатно дадени 27.922.721 ќеси, од 1 декември 2023 до 31 декември 2023 таа бројка се намалила на 3.739.994 продадени кеси, што е 13 проценти во однос на 2021.

Според Министерството за животна средина Законот се спроведува доколку се гледа бројката на продадени ќеси.

„Но дали од сите чинители доследно се спроведува, треба да утврди Државниот пазарен инспекторат кој е надлежен за инспекција на овој дел од законот”, наведуваат од Министерството.

Инаку, средствата од продажбата на ќесите одат во специјален фонд за животна средина, во кој досега се собрани 47.871.927 денари или 780.510 евра. Парите од овој фонд е планирани да се инвестираат во набавка на контејнери и садови за селекција на отпадот, кои би се инсталирале во општините, како и за организирање на кампањи за  едуцирање на граѓаните како да го селектираат отпадот од домаќинствата. Од Министерството информираат дека  кампањата ќе се одвива тековно, а првата ќе стартува од септември 2024 година.

Пластичните ќеси се’ помалку ги има на европскиот континент

При подготовка на Законот земени се во предвид ЕУ регулативите кои ја уредуваат оваа област, како што е Директивата за пластични ќеси. Во 10 од земјите членки на Европската унија, пластичните ќеси подлежат на данок, како што се Данска, Бугарија и Шпанија, додека пак во 14 држави меѓу кои Холандија и Шведска пластичните ќеси се наплаќаат. Целосна забрана за употреба на пластични ќеси има во Италија, Литванија, во Романија е забранета нивна продажба, како и во маркетите во Германија. Во Франција, пластичните ќеси за еднократна употреба се забранети во некои делови од земјата, а во некои се наплаќаат. Во Романија, од јули 2019 година стапи на сила регулативата за забрана на продажба на пластични ќеси.

 

Од земјите на Балканот, во Грција во 2018 година стапи на сила таканаречената „еколошка такса“ со што започна да се наплаќа користењето на ќеси за намирници, со цел до 2025 година потрошувачката на пластични ќеси да се намали за 90 проценти. Наплатата на пластичните ќеси во Хрватска и Словенија стартуваше во 2019 година. Земјите од Европската унија, откако сериозно влегоа во справување со загадувањето кое го предизвикуваат пластичните ќеси, им „објавија војна“ и на капачињата на пластичните шишиња.

 

 

Пластичните капачиња на удар на Европската унија

Во јули 2024 ќе стапи на сила европската директива усвоена во 2018 година за користење пластика за еднократна употреба, во кои покрај прибор за јадење, чаши и цевки, се вбројуваат и пластични и тетрапак шишиња и нивните капачиња. Директивата предвидува шишињата и тетрапак пакувањата до три литри да треба да имаат капачиња кои не можат да се одвојат од шишето кога тоа ќе се отвори. Крајот на 2024 е рокот до кога сите производители на флаширани пијалоци ќе мора да ги приспособат своите производи на новата директива.

,,ЕУ со оваа мерка сака да ги заштити плажите и морињата Луѓето премногу често ги отстрануваат капачињата од шишињата  како посебен отпад, кој премногу често завршува во природа“, се наведува во Директивата на ЕУ.

ЕУ предвидува дека воведувањето т.н. фиксни капачиња ќе го намали загадувањето со пластика на европските плажи и мориња за 10 проценти. Една од целите на директивата е да се соберат 77 проценти од сите шишиња одделно од другите пластики до 2025 година, а 90 проценти до 2029 година. Тие, исто така, постепено ќе го подигнат задолжителното учество на рециклирана пластика во ПЕТ шишињата – на 25 проценти од 2025 година и 30 проценти од 2030 година.

Во Македонија се’ уште нема уредба со која се наложува капачињата на флашираните производи да не можат да се одвојат од шишето. Од Министерството за животна средина наведуваат дека и покрај тоа некои компании ги следат европските трендови. Во маркетите веќе околу една година можат да се купат токму производи во таква амбалажа и тоа произведени во Македонија. Една од тие компании е Пивара Скопје, која започна да изработува пластични шишиња чии капачиња се прицврстени на амбалажата. Од компанијата информираат дека тоа не им создало дополнителни трошоци, од причина што новите капачиња се целосно компатибилни со постоечките шишиња, како и со машината која се користи за затворање на истите.

„Веќе една година одат капачиња со пиктограм и има линк до платформа каде што може да се види кратко видео со објаснување од кои причини е направена промената. Ние не сме во ЕУ и немаме обврска да ја направиме промената, меѓутоа според корпорациските процедури направивме промена како сите останати земји”, велат од Скопска Пивара.

Покрај негативните искуства поврзани со фрлањето на пластичните капачиња од шишињата во морињата и океаните, постојат и позитивни. Во Европа, меѓу бројните држави, позитивни примери доаѓаат од Словенија и од Србија. Во Словенија, собирањето пластични капачиња помага во бројни хуманитарни кампањи на  невладини организации и образовни институции. Има организации кои собрале повеќе од 120 тона пластични капачиња. Во Србија, исто како во Словенија постојат акции за собирање пластични капачиња. Една од најпознатите акции е таа на „Адидас“ и здружението „Капаче за хендикеп”.

 

Различни европски искуства за иста цел

Што се однесува до другиот пластичен отпад, постојат различни искуства во Европа. Па така Франција има забрането користење на поголемиот дел од пластичната амбалажа за продавање и пакување прехранбени производи, како и пластичните вреќички за чај, конфетите и пластичните играчки. Во Луксембург е забрането да се продаваат предмети за една употреба на фестивалите, а во Грција нивната употреба е забранета дури и во владините агенции. Во некои земји, како Италија и Белгија, имало дебати дали треба да се воведе данок или доплата за пластичните производи, за да ја дестимулираат нивната употреба во трговијата.

Во Велика Британија проценките се дека годишно се трошат 4,7 милијарди пластични цевки за пиење, 316 милиони пластични лажички за кафе и 1,8 милијарди пластични стапчиња за чистење на уши.

Вкупно во Европската унија годишно се генерираат 26 милиони тони пластичен отпад. Во Македонија во 2023 година биле собрани 14.532 тони пластика, како комунален отпад.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

           

 

Tags: