Македонските студенти ќе бараат членство во Европската студентска унија
Share
Автор: Габриела Лескова
Македонските студенти ќе бараат членство во Европската студентска унија
Европската интеграција е стремеж и на македонските студенти, кои се обединија кон заедничката цел за членство во Европската студентска унија (ЕСУ). На овој начин тие ќе добијат место во големата мрежа, во која членуваат 45 национални сојузи на студенти од 40 европски земји. За првпат, во нашата држава се обединија студентските собранија од државните, но и од приватните факултети, со цел формирање на Национално студентско тело (НСТ).
Ова тело е фузија на универзитетските студентски собранија кои работат на факултетите, со цел зголемување на активизмот на идните академски граѓани и севкупниот студентски стандард. За ова тело да биде официјален претставник на сите студенти заедно, мора да поминат изборите. Откако ќе се формира новиот парламент и владата, дури тогаш може да добие правна рамка, преку измена на Законот за високото образование.
Новоизбраниот претседател на Националното студентско тело, а воедно и актуелен претседател на Универзитетското студенско собрание (УСС) при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ), Александар Николовски е оптимист дека ќе бидат усвоени овие законски измени, оти неодамна поголемите политички партии го потпишаа „Студентскиот манифест“.
Како до членство во Европската студентска унија (ЕСУ)?
Европската студентска унија ги промовира и застапува образовните, социјалните, економските и културните интереси на речиси дваесет милиони студенти пред клучните европски тела за одлучување, меѓу кои е и Европската Унија. Не е лесно да се стане дел од Европската студентска унија, која претставува речиси дваесет милиони студенти од европскиот континент. Раководството на Националното студентско тело од нашата земја ќе треба да исполни повеќе услови за членство.
Извор на мапа: European Students’ Union (esu-online.org), дизајнирана во Canva од Габриела Лескова.
Новоизбраниот претседател на Националното студентско тело, Александар Николовски е дециден дека членството во ЕСУ е главен приоритет на којшто ќе се фокусираат во следниот период.
„Нашата цел во краткорочната програма е, по добивањето на правен статус на телото и во координација со Министерството за образование и наука (МОН) да аплицираме и за членството во Европската студентска унија (ЕСУ). Таму малку процесот е подолг, бидејќи сепак се работи за еден бирократски процес, каде што ЕСУ истражува за какво тело се работи бидејќи ќе бидеме новоформирани и ќе бидеме дел од Законот за високо образование, ќе треба подолго време, година можеби, или две, за да пристапиме кон унијата, којашто пак е фузија на сите Национални студентски собранија на земјите коишто се во Европа“, изјави Николовски.
Инаку, Европската студентска унија е основана во 1982 година, а бенефиции од идното членство на Националното студентско тело во неа ќе видат и македонските студенти. Членувањето во ЕСУ овозможува интернационална поврзаност, меѓународна поддршка и ресурси, глас во европската политика, размена на искуства, вмрежување, како и подобри образовни политики.
Споредба со состојбата во регионот – Македонија доцни со формирање на Национално студентско тело
Србија, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Бугарија се земји каде веќе активно функционираат Национални студентски тела и истите се членки во ЕСУ. Праксата покажува дека овие тела се формирани уште пред дваесеттина години, со што се поткрепува фактот дека Македонија како држава, доцни со формирање на вакво тело.
Извор на фотографија: Фејсбук профил на Александар Николовски, илустрација дизајнирана во Canva од Габриела Лескова.
„Праксата кај другите земји покажува дека студентските мерки ги креираат самите Национални студентски собранија, се борат за политиките кои треба да се спроведат, на нивото на студентски стандард, понатаму, квалитетот во високото образование, автономија на високо-образовните институции, па и сите други процеси во делот на интернационализација, дигитализација. Таму има и вработено студенти, така што едно вакво тело недостасува во нашата држава. И време е веќе да биде формирано“, смета претседателот на Националното студентско тело.
Дополнително, Николовски смета дека со функционирањето на ова тело ќе профункционира дијалогот меѓу Министерството за образование и наука (МОН) и студентите од приватните и од државните факултети, земајќи го во предвид фактот дека стипендиите се исплаќаат по одржан протест на студентите, а за основни услови за учење се дебатира по истрчани маратони и кренат глас на „финкашите“.
„Со формирањето на едно вакво тело ние ќе оствариме доста добра координираност меѓу нас и МОН. Зашто сега во Министерството за образование и наука има сектор којшто работи студентски стандард и високо образование, но тие координацијата ја прават најдиректно само со нас, како УСС, а вака би имало координација со Националното студентско тело, и целата институција МОН“, вели Николовски.
Краткорочни и долготрајни планови на Националното студентско тело
По добивање на правна рамка, согласно изјавите на раководството, главен приоритет во краткотрајната програма на Националното студентско тело е приклучување на мрежата кон Европската студентска унија. На долгорочен план, студентите ќе се стремат кон бесплатно високо образование на јавните универзитети, подобрување на ситуациите во студентските домови, кариерни можности за идните академски граѓани, но и дигитализација како неопходна алатка за држење на чекор со иновациите во светот.
За повеќе детали за работните планови на Националното студентско тело, погледнете го видео разговорот со претседателот на НСТ, Александар Николовски:
Новоизбраниот претседател на Националното студентско тело појаснува дека крајната корист од неговото формирање ќе ја имаат токму студентите.
„Со самиот реален пример дека 1.500 студенти се запишале да студираат во Словенија, покрај бенефитите коишто ги даваат самите универзитети, сигурно удел има и националното студентско собрание. Таму таа е институција во која што се вработени луѓе, коишто административно работат и административен персонал се грижи за потребите на студентите секојдневно“, вели Николовски.
За повеќе детали во однос на тоа што ги привлекува македонските студенти да студираат во странство и каква е состојбата со студенските права во соседните земји, погледнете го видео разговорот со претседателот на НСТ, Александар Николовски:
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.
СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ