LOADING

Type to search

21 Политичка партија ја потпишаа Заложбата за заедничка акција против нелегалната сеча и уништување на шумите во Република Северна Македонија

Актуелно Коалиција против нелегалната сеча на шумите во Република Северна Македонија Настани Ние & Јавност

21 Политичка партија ја потпишаа Заложбата за заедничка акција против нелегалната сеча и уништување на шумите во Република Северна Македонија

Share

На 26 април 2024, претставници од 21 политичка партија кои учествуваат во Парламентарните избори 2024 ја потпишаа декларацијата Заложба за заедничка акција против нелегалната сеча и уништување на шумите во Република Северна Македонијасо која ја изразија својата посветеност на овој клучен проблем. Оваа декларација има за цел да ги обедини и поттикне политичките партии кон изградба на поширок општествен консензус. 

Декларацијата е на иницијатива на Коалицијата на невладини организации за борба против нелегалната сеча и уништување на шумите во Република Северна Македонија предводена од Евротинк-Центар за европски стратегии. Останати членки на коалицијата се РЕФОРД – Регионалниот центар за шумарство и рурален развој, Фондацијата „ИДЕА Југоисточна Европа“ (Види Вака) и Македонската платформа против сиромаштија (МППС).  Активноста е поддржана од страна на Националниот демократски институт (NDI) од Соединетите Американски Држави.

Настанот го водеа Димитар Николовски од Евротинк и Сашо Петровски од РЕФОРД, а во дискусијата се вклучија и присутните претставници од партиите.

Декларацијата се стреми кон заштита на природата, зелена транзиција, владеење на правото, борба против корупција и организиран криминал. Во тој правец, таа се надоврзува на преземените заложби на државата  содржани во Агендата 2030 и Целите за одржлив развој на Обединетите Нации, Декларацијата на лидерите од Глазгов за шуми и користење на земјиштето од 2021 година, Стратегијата за одржлив развој на шумарството во Република Северна Македонија од 2006 – 2026 година, како и Зелената агенда за Западниот Балкан на Европската унија од 2021 година.

Со потпишувањето на Декларацијата, партиите се заложија преку заедничка соработка да вложат напори за:

  • Поставување на заштитата на шумите високо на агендата на идните состави на Владата и Собранието;
  • Засилена заедничка акција против корупцијата во институциите задолжени за заштита на шумите и животната средина, преку доследна примена и унапредување на релевантната законска регулатива;
  • Спречување на еколошкиот криминал, преку кој се уништуваат шумите и од каде се остварува значителна противправна материјална корист;
  • Поддршка за обезбедување на иновативни системи како еколошки одржливи алтернативи за греење на дрва кај населението, кои би го обесхрабриле нелегалното сечење на шумите;
  • Преземање активности во насока на спречување на појавата на подметнување шумски пожари и подигнување на јавната свест од негативните ефекти од унишувањето на шумите;
  • Заштита на ранливото население од изложеност, вклученост и злоупотреба во организираното уништување на шумите преку обезбедување на системски мерки за социо-економска поддршка.
Tags: