LOADING

Type to search

Одржана конференцијата „Со локални совети за превенција до подобрена локална соработка“

Актуелно ЕУ за граѓаните, активно граѓанство и јавен интерес Настани Ние & Јавност Правда, слобода и безбедност Со локални совети за превенција кон подобрена соработка Со локални совети за превенција кон подобрена соработка

Одржана конференцијата „Со локални совети за превенција до подобрена локална соработка“

Share

Денес, 25 октомври, во хотелот „Александар Палас“, Евротинк-Центар за европски стратегии одржа конференција на тема „Со локални совети за превенција до зајакната локална соработка“ која обедини повеќе претставници на општини, организации и институции, кои ги артикулираа своите заложби за промовирање на важноста и унапредување на работата на механизмот на локални совети за превенција.

Со овој настан се затвори истоимениот проект кој Евротинк го имплементираше изминативе месеци, со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје, а во рамки на кој Евротинк директно работеше со три избрани општини на унапредување на работата на нивните локални совети за превенција (ЛСП).

Почетното обраќање го имаше г. Ерик Мејер, заменик-шефот на мисијата на Амбасадата на САД во Северна Македонија. Во првиот панел, предводен од г. Димитар Николовски од Евротинк се дискутираше околу значењето на концептот на ЛСП како механизми за институционална соработка за решавање на локалните проблеми и предизвици. Во панел дискусијата свои излагања имаа г. Костадин Костадинов, градоначалник на општина Струмица, г. Иван Митровски, заменик градоначалникот на општина Кисела Вода, и г. Валбон Лимани, претседател на Советот на општина Гостивар. Тие зборуваа за успесите и предизвиците со кои се соочуваат локалните совети за превенција во нивните општини и за остварената соработка со Евротинк со цел подобрување на работата на овие механизми.

Притоа, беше промовирана и публикацијата која произлезе од набљудувањето на работата на трите ЛСП и која содржи „научени лекции“ кои треба да служат како патоказ за сите локални единици заинтересирани за имплементирање на овој концепт.

Втората панел дискусија беше фокусирана на уредувањето на формите на соработка помеѓу различните институции кои се инволвирани во работата на ЛСП и важноста за создавање структура која ќе го поддржи ефикасното функционирање на овој механизам. Говорници во овој панел беа г. Александар Стојановски од Евротинк – Центар за европски стратегии, г-ѓа Жаклина Просароска, виш полициски советник во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, г. Алексеј Гавриш, полициски советник при ОБСЕ Мисијата во Скопје и г. Бесим Догани, од Мрежа на силни градови – Регионален хаб на Западен Балкан.

Како заклучок од конференцијата беше потенцирана неопходноста од воведување законска обврска за основање локални совети за превенција при општините:

„И покрај долгогодишните заложби за воспоставување на ЛСП во општините, концептот се’ уште е на маргините на активностите на локалните власти и интересот за неговата разработка е низок. Главната кочница во имплементирањето на ЛСП се лоцира во отсуството на овозможувачка структура за воспоставување на ЛСП во сите општини и неговата поставеност на доброволна основа.

Оттаму, формирањето и активното функционирање на ЛСП неопходно е да се регулира во националното законодавство како обврска, наместо само можност, за локалните власти, со механизми за активен ангажман на сите засегнати страни. Ова би било најлесно и најбрзо регулирано и етаблирано преку интервенција во Законот за Локална самоуправа. Овој процес треба да започне со директни постапки и преземени чекори од страна на сите засегнати општествени актери, со цел подигнување на нивото на меѓусебната соработка која треба да биде насочена кон решавање на локалните безбедносни предизвици и други проблеми и прашања.“ – истакнуваат од Евротинк.

Во тој контекст, на настанот беше презентиран нацрт-Меморандум за соработка, иницијатива која треба да претставува прв чекор кон формализирање на меѓуинституционалната соработка во рамки на ЛСП. Суштината на оваа иницијатива е структурирање на ангажманот и на обврските на различните засегнати страни во ЛСП.

Проектот „Со локални совети за превенција кон подобрена соработка“ се реализираше во периодот од септември 2022 година до октомври 2023 година и опфати соработка со три општини – Струмица, Гостивар и Кисела Вода – во рамки на која се имплементираа активности за развој и зајакнување на локалните совети за превенција. Како продукти од проектот произлегоа и едукативни и само-евалуациски алатки за ЛСП наменети за општините.

Снимката од конференцијата можете да ја погледнете на следниов линк: https://fb.watch/nUSZ3WIlNj/