ЕВРОТИНК – Центарот за европски стратегии веќе 20 години го следи, го набљудува, го анализира и го поддржува пристапувањето на Македонија кон Европската Унија, и покрај сите пречки и тешкотии. Бидејќи динамиката на ова поле не може да се следи само преку анализа и набљудување на постојните и на официјалните инструменти на политиката за проширување на ЕУ, во 2013 г. решивме да воспоставиме нова компонента во организацијата, која ќе се занимава со истражувања и со анализи на општествената европеизација и демократизација во Македонија. Клучен елемент на оваа нова компонента беше испитувањето на јавното мислење преку редовни годишни истражувања, ЕВРОМЕТАР.
ЕВРОМЕТАР има цел да ги испита перцепциите, ставовите и мислењата на граѓаните за прашања поврзани со европеизацијата, демократизацијата, но и да им постави други актуелни прашања.
Целта на ЕВРОМЕТАР не е да донесува заклучоци, туку да создаде база на податоци што на донесувачите на одлуки, на тинк-тенк организациите и на академската заедница ќе им послужи како основа за создавање политики засновани врз докази, со што, се надеваме, даваме скромен придонес кон надминувањето на недостигот од добри податоци врз кои се темелат добрите политики.
Ова истражување се стреми да понуди увид во состојбите и во процесите на демократизацијата на македонското општество и на евроинтеграциите.
Овогодишното истражување се спроведе во рамките на проектот „Подобрување на отчетноста и транспарентноста на полицијата во Република Северна Македонија“, поддржан од National Endowment for Democracy (NED). Преку поддршка на процесот на соработка меѓу полицијата, медиумите и локалните заедници, овој проект има цел да ги поттикне постојните и да развие нови добри практики и ефективни механизми за поголема транспарентност и отчетност на полицијата. Во рамките на проектот се работи и на унапредување на транспарентноста на полициската работа во заедницата преку поттикнување иновативни комуникации со јавноста и подобра соработка со медиумите.
Преземете ја публикацијата овде: Evroentuzijazmot-vo-sloboden-pad-Evrometar-dekemvri-2022 evrometar-dekemvri-2022