LOADING

Type to search

ОГЛЕД ЗА ПРОТЕСТИТЕ И КЛУБОВИТЕ КАКО АНТИПОД НА КУЛТУРНИОТ НАТПРЕВАР МЕЃУ НАРОДИТЕ

Актуелно Блог Демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија Демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија ЕУ за граѓаните, активно граѓанство и јавен интерес Ние & Јавност Публикации Работни програми Регионална интеграција

ОГЛЕД ЗА ПРОТЕСТИТЕ И КЛУБОВИТЕ КАКО АНТИПОД НА КУЛТУРНИОТ НАТПРЕВАР МЕЃУ НАРОДИТЕ

Share

AвторМариглен Демири, истражувач, Евротинк-Центар за европски стратегии

Односите на Република Северна Македонија и Република Бугарија во последниве години се доста затегнати и со драматични карактеристики. Тоа главно се должи на многу фактори, проблемот е доста покомплексен од симплифирачките интерпретации прикажувани низ медиумите кои често имаат и подбуцнувачки мотиви, особено кога се однесува на нашето општество во Северна Македонија. Од друга страна проблемот стои и има политички импликации на дневна, неделна и недогледна база. Импликациите се ефектурираат во внатрешниот контекст на државата и нанесуваат нови слоеви на општественото и политичко расположение на граѓаните. Тие нанеси ја менуваат физиономијата на политичкото расположение на граѓаните, дополнително ја збунуваат ориентацијата и идеолошката профилираност која не кореспондира со општествените нужности и најавуваат антагонистички однос втемелен на националниот агенс.

Неколкуте вета врз Северна Македонија после потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија во 2017 година, дадоа ветер во грб на десните политички иницијативи во двете општества, напојувајќи ги со голем арсенал на аргументи зошто, едните, односно другите се непријатели и како такви треба да бидат третирани на непријателски начин. Сето тоа, доаѓа после т.н. Преспански договор со Грција и прифатената обврска за отворање на Уставот на државата и промена на Уставното име.

Без да се навлезе во степенот на искреност на мотивите на овие иницијативи за потпишување на ваков вид на договори, според кои (сега веќе) Северна Македонија би се вкомпонирала во една поширока егалитарна културна и економска размена со помеѓу соседите, сепак овие договори придонесуваат за зголемување на националистичкиот сентимент претежно кај Македонците, но и кај Бугарите. Не само договорот потпишан во 2017 година, туку и ветата врз евроинтеграциите на Северна Македонија ја густат иницијативноста на, претежно националистичките кругови, „опремувајќи“ ги со дополнителен аргументациски офанзиви за антагонистички пристап во релација со припадниците на „другата“ заедница, отаде границите на „нашето“. Националистичкиот пристап и реторика не се присутни само кај десните политички профилирани агенти, туку и кај оние левите, (во нашиот случај) партијата Левица која се надоврзува на овие дебати во општеството и истите ги артикулира низ традиционално дефинираниот национален мит кој ја раскажува борбата и настанувањето на Македонија низ супстанцијализирачки модус, својствен главно за десничарските разбирања на нацијата. Тука влегуваат и популистички анти-естаблишментски компоненти во изградбата на нивната позиција, која без разлика на мотивите за чесноста или достоинственоста, опортунистичкиот момент не може да се отфрли.

Протести со двојно дејство

Во таа насока еден доста значаен момент, беа протестите во 2022 година како своевидна манифестација на портретираниот судир помеѓу двете држави. На протестите им претходеше т.н. Француски предлог и блокадата во патот кон интеграцијата на државата во ЕУ. Иако една од причините за протестите беше предлогот, нејзината внатрешна логика на противречност укажува на добредојденоста на овој предлог особено во контекст на негова опозиција за целосно отфрлање на идејата на евроинтеграции.

Незначително мал дел од протестното движење имаше забелешки во однос на поставените вета од страна на Бугарија врз интегративниот пат на Северна Македонија во Европската Унија и нужностите кои ги наметнува Францускиот предлог. Забелешките во форма на аргументи се движеа, и се уште се движат во насока на (I) отфрлање на европската агенда и евроинтеграциите, но и (II) зацврстување на митолошката парадигма со антагонистички позиции кон другите, историски супрематизам и моно-етно-национален политички проект.

Тезата дека под иницијативата на овие протести стоеше мотивот поттикнат од добредојденоста на ветото и Францускиот предлог, ја утврдуваат и податоците кои стојат на располагање и се видливи преку иконографијата, изјавите на учесниците, но и изјавите на организаторите. Претседателите на опозициските партии изјавуваа дека Европа не е опција, доколку после следува асимилација, дека сепак, ќе се најде и друга опција и дека накрај „ЕУ не претставува единствената алтернатива“.

Овие ставови се присутни кај националистичките и суверенистички политички агенти низ годиниве, кои политичкиот субјект на Македонецот го перцепираат низ националната синтагма на демократија на доминантната и домицилна група која учествува во политичкиот и општествен живот. Оттука, преговорите, отстапувањето на дел од суверенитетот на државата и институциите во име на повисок трансфер на релации, губење на раскажувачкиот монопол на државата во насока на една етничка/национална заедница и менувањето на митот и расказот, претставува сериозна узурпација во процесите не само на себеразбирањето, туку и на воспоставената култура на релации и културни кодови кои подобрувањето на односите од една страна, но и помирувањето со Бугарија од друга, би требало да ги предизвикаат. Во таа насока, протестите изобилуваа со повици за АСНОМ и анти-бугаризација на Македонија и македонската историја.*

Културните клубови како антипод на „културниот натпревар меѓу народите“

Иако во минатото, македонските Бугари имале свои културни клубови, постоеле исто така иницијативи за отворање на културни клубови со провокативни имиња, како иницијативата за клубот „Радко“, назив кој се смета како псевдоним на еден од историските контроверзни претседатели на ВМРО, Иван (Ванчо) Михајлов. Регистрацијата на овој клуб беше одбиена од страна на Уставниот суд на тогашна Република Македонија, а оваа одлука ги мотивираше иницијаторите на клубот да ја тужат државата во  Европскиот суд за човекови права во Стразбур во 2001 година и во 2009 година да добијат за нив позитивна пресуда, иако пред 2009 година, уште во 2008 година е регистриран клуб на македонските Бугари со име Бугарски културен клуб-Скопје.

Од друга страна и Македонците од Бугарија мака мачеа исто со формирање на нивни клубови во Бугарија. Овие иницијативи ги следеа и низа тужби пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде бројот на добиени пресуди за прекршени човекови права, особено во однос на регистрација на културни клубови е над 16. Дел од овие клубови функционираа илегално во различни форми и здруженија, а веќе од минатата година, 2022 година, формирањето беше формално институционално потврдено.

Тоа што е заедничко за овие клубови е што и во едниот, и во другиот случај иницијативите се потегнати од страна на две етнички малцинства во две различни држави. Една од тие држави е и формална членка на ЕУ уште од 2007 година. И во двата случаи, формирањето и регистрирањето беше последица на потегнатата иницијатива на двете држави да ги помират конфронтирачките позиции кои во последниве 30 години се одржуваа во двете држави.

И во двата случаи, отворањето на клубовите го проследија со присуство политичари од едната, односно од другата држава, укажувајќи на тоа дека тие се грижат за малцинството во соседната држава.

И во двата случаи свечените отворања на клубовите беа проследени исто така и со протести од страна на политичките ентитети во месностите каде истите се формираа. Во Битола, Охрид и во Благоевград. Секои од демонстрантите имаше свои аргументи за тоа зошто не треба клубовите да бидат регистрирани и отворени.

Во Битола и во Охрид, спорни беа имињата на клубовите поради проблематичните биографии на лицата според кои се именувани клубовите. Иван Михајлов и Цар Борис Трети, беа препознаени од страна на демонстрантите, дел од јавноста и интелектуалната каста како соработници на фашистите во периодот од Втората светска војна и токму поради тој факт, јавно негодуваа, а дел од нив и протестираа и пред седиштето на клубовите. Клубот во Битола беше и запален, а лицето коешто го стори делото беше санкциониран.

Во Благоевград, ситуацијата слична, но со значајни разлики. Имено, името на клубот е Никола Вапцаров, не го следат политички атавизми од калибарот на бугарските клубови во Северна Македонија, но сепак, отворањето на овој клуб беше проследено со присуство на политичари од Северна Македонија во знак на поддршка на Македонците од пиринскиот дел од Бугарија и протести на претставници на десниот и националистички политички табор во Бугарија. Тоа што е парадоксално, е фактот што две политички партии со предзнак ВМРО (ДПМНЕ и БНД) присуствуваа на отворањето на македонскиот културен клуб во Бугарија, едните со поддршка, другите со протест, каде накрај беше исцениран од страна на некои медиуми и мал, може да се каже и непостоечки инцидент.

Што останува накрај?

После толку перипетии во односите Северна Македонија – Бугарија, јавноста се уште се чини дека е доста слабо информирана во врска со природата на судирот помеѓу официјалните инстанци на двете држави. Покрај толку инвестиции и иницијативи во насока на подигање на квалитетот на информарање, политичко-општествената слика останува заробена во монолитното перцепирање на стварноста било во нашиот случај во Северна Македонија, било во случајот на Бугарија.

Поголемиот дел од граѓаните во двете држави веруваат веруваат дека Бугарите, односно Македонците, сите до еден, се нивни непријатели. Кога протестираат против одлуките и ветата поставени од страна на нивните „непријатели“, очекуваат сите припадници на нивната нација да бидат солидарни со нивните барања, затоа што „непријателите“ се секогаш збиени, здружени и во континуиран напад. Со тоа отфрлајќи ја секоја можна хетерономност и хетерогеност на другите, а дофрлувајќи ја во своите редови категоријата „предавници“.

Ретки се тие граѓани во Северна Македонија, особено Македонци кои знаат дека покрај поставеното вето, тогашниот премиер на Бугарија, Кирил Петков, беше многу критикуван за попустливост кон Северна Македонија и Македонците. Исто така, претпоставувам дека се ретки и тие Бугари кои се засегнати на некој начин од овој спор, а кои имаат информација за политичкиот и идеолошки профил на лицата кои протестираа особено пред седиштето на културниот клуб Иван Михајлов во Битола. Дека имено, голем дел од нив во минатото биле дел од здружение кое носело име „Тодор Александров“, а дел од нив на споретските натпревари салутирале со познатиот нацистички поздрав „Зиг хајл“, а од друга страна протестираат против нацистот и фашистички колаборационист Иван Михајлов.

Тоа што може да се забележи како едно заокружување на една поширока панорама на случки кои се случиле во една календарска година во две различни држави и општества е тоа дека овој судир произведува јавност која нема расположение за решение и за надминување на судирот, туку за негово интензивирање. Наративните структури кои еманираат од овие политички и општествено-културни собитија укажуваат на борба во ровови на двете страни, со многу емоции и без елан да се напуштат петрифицираните позиции на двете страни во име на едно заемно разбирање.

Синтагмата на Гоце Делчев, канонизираниот историски лик во двете култури, дека тој го разбира светот како поле за културен натпревар меѓу народите, се чини дека се отфрла или се игнорира целосно, а борбата за Гоце Делчев останува да се војува, жестоко со сите сили.

Тоа што останува како предизвик, не на двете држави, туку на двете општества, тие живи организми, кои секојдневно го чувствуваат импулсот на живиот однос, на соработката и на размената, е да го просудат својот однос врз база на своите искуства градени низ призмата на економијата, пријателството и соработката. Секојдневното задојување со вести кои делимично ја претставуваат состојбата каква што се одвива во двете општества, а кои не ја отсликуваат срцевината на двете општества, а тоа е имено, дека и двете општества покрај проблемите и судирите на политичко рамниште, преполно со националистички сентименти, успевало да го преживее тој студ и да продолжи да гради односи ослободени од големите приказни на политиката и на омразата.

*Демонстрантите скандираа „Оставка“, „Никогаш северна, само Македонија“, „АСНОМ живее“, „Бугарски фашисти“

Оваа анализа е дел од проектот: „Демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“ поддржан од Канадската амбасада во Белград, преку Kанадскиот фонд за локални иницијативи-(CFLI). Содржината на публикацијата е единствена одговорност на ЕВРОТИНК-Центар за европски стратегии  и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Канадската амбасада во Белград и Канадскиот фонд за локални иницијативи.

Tags:

Leave a Comment