Промоција на наоди од истражување – ЕВРОМЕТАР ноември 2021
Денес, ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии ги презентираше наодите од анкетното истражување ЕВРОМЕТАР, кое го спроведува традиционално од 2014 година, и на кое беа измерени ставовите во однос на Европската унија, надворешната политика, како и за доверба во институциите, безбедносната ситуација и работењето на полицијата.
Граѓаните најголема доверба имаат во Армијата на РС Македонија (47 %), во Претседателот на РС Македонија (31 %), во религиозните заедници (30%), како и во полицијата (25 %), додека најмалку ѝм веруваат на судството (8 %) и обвинителството (8 %).
Во однос на работењето на полицијата на РС Македонија, доминира негативниот став во евалуацијата на сите мерени аспекти. Сепак, 30 % се со мислење дека полицијата професионална во своето работење; 26 % дека е ефикасна; 22 % дека е транспарентна; 20 % дека е отчетна; 16 % дека ги зема предвид мислењата и потребите на граѓаните во донесувањето на одлуки и во најмал процент дека е полицијата независна од партиските, владините или бизнис-интересите (13 %).
Наспроти генералната негативна оценка за работењето на полицијата, граѓаните кои имале личен контакт позитивно ја оценуваат професионалноста на полициските службеници во своето работење. Во услови на пандемија со КОВИД-19, 13 % имале потреба да контактираат со полицијата за прашања поврзани со пандемијата, а од нив 61% позитивно го оцениле ова искуство. Само 9% од граѓаните слушнале за концептот „Полиција во заедницата“ и уште помалку (5.4%) се запознаени со улогата и работата на Локалниот совет за превенција во својата општина.
Податоците кажуваат дека најголемиот дел од граѓаните остануваат упорни поддржувачи на Европската Унија. Во споредба со крајот на 2020г., годинава е за 2 проценти зголемен процентот на граѓани кои сметаат дека членството во ЕУ е „добра работа“. И покрај ветото од Бугарија, поддршката за пристапувањето останува стабилна и бележи раст. За 3 процентни поени се зголемени и очекувањата за почнување на преговори во следните 6 месеци, а речиси три четвртини (74 %)од граѓаните би гласале позитивно ЗА на референдум за влез во ЕУ и една третина сметаат дека интеграцијата на земјава во Унијата ќе се случи во наредните 5 години.
Околу половина од граѓаните сметаат дека односот на Унијата кон Македонија е нефер, надмен и уценувачки, но за 9 % од лани се зголемил бројот на оние кои веруваат дека а е фер, пријателски и коректен (30%). Процентот на оние кои сметаат дека членството во ЕУ е најдобрата алтернатива за Македонија благо се зголемува на 63%, додека опаѓа мислењето дека е потребен модел за развој надвор од ЕУ (33%), што е намалување од претходните две анкети и се враќа на бројките од 2019 година.
ЕВРОМЕТАР е истражување преку кое ЕВРОТИНК традиционално го испитува мислењето на граѓаните за прашања поврзани со евроинтеграциите и довербата на граѓаните во државните институции. Истражувањето е спроведено од страна на агенцијата Брима во периодот 23 ноември до 30 ноември 2021 година на репрезентативен примерок од 1001 испитаник со +/- 3% маргина на грешка.
Ова истражување се спроведе во рамките на проектот „Кон транспарентна, отчетна и инклузивна полиција во Република Северна Македонија“, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Националниот фонд за демократија на Соединетите Американски Држави. Гледиштата изразени во оваа публикација не ги одразуваат секогаш гледиштата на Националниот фонд за демократија на Соединетите Американски Држави или на нивните партнери.