Промоција на наоди од истражување – ЕВРОМЕТАР 2020
Share
Соопштение за медиумите
Промоција на наоди од истражување – ЕВРОМЕТАР 2020
Граѓаните со порака до Брисел: остануваме силни поддржувачи на евроинтеграциите, но односот на ЕУ е нефер, надмен и уценувачки
Денес ЕВРОТИНК – Центар за европски статегии ги презентираше наодите од анкетното истражување Еврометар, кое беше реализирано седма година по ред.
Овогодинешните податоци кажуваат дека најголемиот дел од граѓаните остануваат силни поддржувачи на Европската Унија. Во споредна во лани, годинава е зголемен процентот на граѓани кои сметаат дека членството во ЕУ е „добра работа” (67.3%) и „корисна работа” (70%). Дополнително се зголемени и очекувањата за брз влез во ЕУ, а две третини (65.9%) од граѓаните би гласале позитивно на референдум за влез во ЕУ. Главните причини за поддршката за влез во ЕУ се економски, односно подобар животен стандард и намалување на невработеноста. Како дел од главните причини за одбивање на влез во ЕУ, граѓаните ги наведуваат стравот од губење на националниот идентитет и скептичноста дека нешто ќе се подобри.
Пролонгирањето на почетокот на преговорите со ЕУ силно влијае врз перцепциите и имиџот на ЕУ пред македонските граѓани. Дури 59.2% од граѓаните, за разлика од ланските 30.3%, сметаат дека односот на ЕУ кон Македонија е нефер, надмен и уценувачки. Преполовен е и процентот на граѓани кои мислат дека односот на ЕУ кон Македонија е фер, пријателски и коректен (21.2% во 2020 наспроти 42.9% во 2019). Мнозинството (55%) се согласува дека Европската Унија е најдобрата алтернатива.
Една третина од граѓаните смета дека Македонија се соочува со некоја држава како закана. Според овогодинешните резултати, најголем дел од нив сметаат дека тоа е Бугарија (77.88%), дури трипати повеќе од лани. Секој петти граѓанин смета дека Македонија нема пријатели, додека најголем сојузник на земјата препознаваат во Србија, Германија, САД и Турција.
Во однос на перцепцијата кон институциите, продолжува трендот на највисока доверба во армијата (63%), веднаш зад неа се полицијата (43%) и религиозните заедници (43%). Најниска е доверба граѓаните имаат во судството (14%), обвинителството (14%) и Државната комисија за спречување на корупцијата (16%).
Граѓаните на Северна Македонија се чувствуваат безбедно, пред се во својата населба (82%), град/село (76%) и во државата (60%). Главните безбедносни грижи се поврзани со криминал, здравство/Ковид-19, како и заради економски причини. Иако генерално веруваат дека полицијата ќе ги заштити доколку имаат потреба, граѓаните се скептични дека оваа институција е независна од политичките, владините и бизнис интересите.
ЕВРОМЕТАР е истражување преку кое ЕВРОТИНК традиционално го испитува мислењето на граѓаните за прашања поврзани со евроинтеграциите и довербата во институциите во земјата. Истражувањето е спроведено од страна на агенцијата Индаго на репрезентативен промерок од 1003 испитаници на национално ниво во периодот 10 – 21 декември 2020 год.
Овогодинешното истражување се спроведе во рамки на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавје 24” спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Изразените гледишта не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или нивните партнери.
Целосната анализа преземете ја овде.
СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ