Осма година по ред Фондацијата отворено општество- Македонија (ФООМ) и Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) подготвуваат компаративна анализа на извештаите на Европската комисија (ЕК) за Република Македонија односно на забелешките и проблемите нотирани од Европската комисија за периодот 2013-2016 година. Целта на оваа анализа е што појасно да се прикаже брзината со која Република Македонија се приближува – или се оддалечува – од Европската унија. За таа цел се користи веќе утврдена методологија според која се разгледуваат исклучиво проблемите (а не постигнувањата) и истите се систематизираат со три бои и тоа:
1) Со стандардна боја и фонт се обележани новите забелешки од годинашниот извештај;
2) Со стандардна боја и задебелено се обележани наодите кои се повторуваат барем во еден од претходните извештаи;
3) соцрвена боја се обележани проблемите кои се повторуваат во минатите две и/или повеќе години.
На пример, во делот на Парламент во Политичкиот критериум, за првпат се споменува дека „Двете комисии надлежни за надзор над тајните служби (едната за безбедност и контраразузнавање, а другата за следење на комуникациите) треба да го спроведат својот мандат“ и затоа оваа забелешка ја обележавме со стандардна боја и фонт.
Од друга страна, коментарот „Собранието не ја изврши адекватно својата улога на контрола и баланс со извршната власт“ е показател дека истиот проблем бил нотиран и лани и поради тоа е обележан со стандардна боја и задебелено. И конечно, со црвена боја на фонтот е обележан коментарот „Продолжи практиката на често менување на законите и употреба на скратена постапка за усвојување, без потребните консултации или проценката на влијанието“ бидејќи се провлекува во најмалку три извештаја.
Главен извор на податоци и оценки за оваа наша анализа е Извештајот на ЕК за Македонија за 2016 година. Сепак, и оваа година многу важен извор на податоци, но и политички проценки е Соопштението на ЕК за Политиката на ЕУ за проширување 2016 година. Имено овој документ е само продолжение на минатогодишната Стратегија за проширување и го потврдува принципот „најпрво за основите“ при што повторно ги утврдува темелните определби на ЕУ во врска со проширувањето, наведувајќи дека тие треба да послужат не само за преговорите за членство туку и за модернизација и демократизација на државите кои пристапуваат. Според овој принцип суштинските прашања како што се владеење на правото, темелни права, миграција, зајакнување на демократските институции, реформи на јавната администрација, економија и регионална соработка остануваат клучни приоритети на процесот на проширување. Како битен извор на информации, но и репер во целиот документ на Извештајот е исто така и Извештајот на Прибе и Итните реформски приоритети кои беа објавени на 8 јуни 2015 година по постигнувањето на првиот Пржински договор меѓу четирите најголеми политички партии
СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ