На 03 септември 2002 година со решение на регистарскиот суд беше запишано основањето на Македонски центар за европско образование – Скопје (МЦЕО), како невладина, непрофитна, неполитичка, тинк-тенк организација која го поддржуваше пристапувањето на Република Македонија во Европската унија преку професионална обука, советување и застапување за промени.
Средината на 2012 година го означи и почетокот на втората трансформација, а во која истражувањето и анализите беа во центарот на вниманието. Во текот на оваа фаза, организацијата ги развиваше своите истражувачки капацитети, но и своите истражувачки производи. Најпрвин ги утврди своите теми на истражување, а со постојано следење на актуелната дебата го модификуваше нивниот опфат и обемот на истражувањата, а потоа развивајќи ги своите нови производи успеа да се наметне во тинк-тенк заедницата во Македонија, но и во регионот.
На состанокот на Собранието одржан на 19 октомври 2016 година членовите го усвоија стратегискиот документ Think Tanking Forward 2020 и акцискиот план кон истиот. Меѓу другото, со усвојувањето на Стратегискиот документ беше усвоен и нов Статут на организацијата со кој се предвидуваат измени во однос на именувањето на организацијата. Новото име на организацијата е Здружение на граѓани за истражувања, анализи и развој на јавни политики „ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии“ – Скопје, или само „ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии“ и кратко име ЕВРОТИНК.
ЕВРОТИНК, ги утврди своите тематски приоритети за периодот 2021-2027 како: 1) ЕУ за граѓаните, активно граѓанство и јавен интерес ; 2) Процес на ЕУ интеграции; 3) Регионална интеграција; и 4) Безбедност, правда и внатрешни работи, а своите истражувања ќе ги фокусира на политичкиот критериум, итните реформски приоритети, искористеноста на европските фондови, Берлинскиот процес, прифаќањето на европските вредности итн. ЕВРОТИНК го следи процесот на европеизација на општеството, а своите истражувања ги фокусира на политичкиот критериум, реформата на јавната администрација, слободата на изразување, како и на искористеноста на европските фондови. Организацијата од својата работа досега има објавено поголем број на публикации кои се достапни и во електронска форма на интернет страницата на организацијата.
СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ