Европа за граѓаните
Европската интеграција и идејата дека државата ќе стане членка на ЕУ остануваат двигател
на реформските процеси и најдобра гаранција за стабилноста на државите на Западниот
Балкан. Сепак, и покрај напредокот во генералната политичка клима, поставторитарна
Северна Македонија се соочува со структурни недостатоци во клучни области поврзани со
владеењето на правото и економијата, а демократската консолидација останува ранлива на
внатрешни (можност за повторно заробување на системот од страна на политичките елити)
и надворешни (меката моќ на недемократските актери) негативни влијанија. Сето тоа може
да ја намали вербата на граѓаните во трансформативниот потенцијал на пристапувањето во
ЕУ, намалувајќи ја поддршката за реформи и зголемувајќи ја привлечноста на алтернативни
развојни модели.
ЕВРОТИНК во пристапниот процес, односно во таканаречената европска рамка гледа како
на најдобра алатка за заштита на јавниот интерес. За ЕВРОТИНК, Европската Унија е
внатрешна политика. Во изминатата деценија организацијата се специјализира во
набљудување институции, регулатори и политики, кои се релевантни за заштита на јавниот
интерес и пристапувањето на РСМ во ЕУ. Во изминатите неколку години, организацијата
работеше и на демитологизација на процесот на пристапување и негово приближување кон
граѓаните, вклучително и преку употреба на дигитална комуникација.
Во наредните четири години ЕВРОТИНК ќе продолжи како доминантен пристап во
работењето да ја применува уникатната комбинација на набљудување (watch dog) и
информирање на граѓаните со цел зголемување на јавниот притисок за реформи.
Работата на регулаторните тела АВМУ и АЕК, која има допирни точки со Поглавјето 10,
политичките критериуми и европската Дигитална агенда, ќе остане во нашиот интерес, а ќе
ја испитуваме и можноста да ја набљудуваме и работата на други регулаторни и надзорни
тела. ЕВРОТИНК ќе продолжи да ги поддржува и европските иницијативи, кои имаат цел
либералната демократија да ја направат поотпорна на современите предизвици како ширење
дезинформации, вклучително и преку промоција на медиумската писменост и вештините за
критичко мислење кај младите, како што тоа го правиме во рамките на проектот „КриТинк“
како и преку членството во Мрежата за медиумска писменост.
Во следните четири години, ЕВРОТИНК ќе гради сопствени капацитети и на поструктуриран
начин ќе се занимава и со поглавјата што имаат допирни точки со владеењето на правото и
економските критериуми, а со кои организацијата се има занимавано и досега, како: Јавни
набавки (Поглавје 5), Политика за заштита на конкуренцијата (Поглавје 8), Правосудство и
темелни права (Поглавје 23), Надворешна безбедносна и одбранбена политика (Поглавје 31)
и Финансиска контрола (Поглавје 32).