НАСОКИ ЗА ВКЛУЧУВАЊЕ НА ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ ВО ПОГЛАВЈЕ 24
Share


Отстранувањето на контролите на внатрешните граници, создавањето на зедничкиот пазар и воспоставувањето на четирите слободи на движење како клучен принцип за функционирањето на ЕУ го отвори прашањето за паралелно намалување и надминување на безбедносните ризици што тоа ги повлекува и создавање на област на правда, слобода и безбедност. Во рамки на таа област, крајната
цел е постигнување на високо и еднакво ниво на сигурност и заштита на правата и слободите на граѓаните, без разлика во која држава членка
се наоѓаат, што ја повлекува потребата за поголема усогласеност меѓу државите членки и вклученост од страна на институциите на ЕУ, како
и оправданоста од уредување на повеќе аспекти со правни акти на ниво на ЕУ.
Во тој контекст, областа на правда слобода и безбедност ги опфаќа политиките поврзани со контрола и заштита на надворешните граници на ЕУ, визна политика, полициска и царинска соработка, борба против тероризам, организиран криминал и трговија со дрога, судска соработка во граѓанската и кривичната област, политиките за миграција и азил и спречување на фалсификување на еврото. Во рамки на пристапниот процес за членство во ЕУ, обврските поврзани со областа на правда, слобода и безбедност се дефинирани во рамки на поглавјето 24. Секоја држава кандидат во текот на пристапните преговори има обврска целосно да се усогласи со европското аки во ова поглавје кое, заедно со поглавје 23, ја сочинува основата на пристапниот процес и ги содржи неопходните гаранции дека државата ги исполнува критериумите за владеење на правото, демократија и почитување на човековите права и слободи како суштински вредности на ЕУ.
Со новата Методологија за проширување усвоена од страна на Европската комисија во 2020 година, се става уште поголем фокус на исполнување на реформите поврзани со овие вредности. Поглавје 24 е дел од кластерот Фундаменти/Темелни вредности и исполнувањето на одредниците поставени во различни фази на преговорите за ова поглавје претставува директен предуслов за отворање и непречено одвивање на преговорите во другите поглавја, односно кластери. Со други зборови, недостиг на напредок или назадување во ова поглавје може да повлече стагнација во пристапниот процес воопшто, како и активирање на соодветни санкции во вид на намалување на финансиската помош или замрзнување на учеството во одредени
програми и политики на ЕУ.
Документот е достапен за превземање тука.