LOADING

Type to search

УЛОГАТА НА ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ ВО ПОГЛАВЈЕТО 24

Блог

УЛОГАТА НА ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ ВО ПОГЛАВЈЕТО 24

Share

Пишува: Магдалена Лембовска, ЕВРОТИНК

Поглавјето 24, односно Правда, слобода и безбедност, е едно од најважните поглавја во процесот на пристапување кон ЕУ. Заедно со Поглавјето 23 (Темелни права), ги воспоставуваат темелите на владеењето на правото, а реформите во составот на овие поглавја имаат капацитет да го забрзаат или да го закочат целокупниот евроинтеграциски процес.

Сепак, за разлика од темите во рамките на Поглавјето 23, каде што граѓанските организации низ годините покажаа посебен интерес и резултати, темите поврзани со Поглавјето 24 се многу помалку застапени во граѓанскиот сектор. Во минатото многу мал број организации се занимаваа со прашања, како што е реформата на полицијата и справувањето со безбедносните предизвици. Дел од причините може да се бараат во недостигот на специфична експертиза, недоволната заинтересираност кај донаторите да ги поддржат проектите од оваа област, ниската транспарентност на секторот безбедност, што оневозможуваше пристап до нужните податоци и информации, но и традиционалното сфаќање на безбедноста како „работа на државата“ и „висока политика“, каде што и самите организации не наоѓаа интерес.

Во последните неколку години овој тренд започна да се менува и сѐ повеќе организации работат на теми поврзани со миграциите, азилот, превенцијата и справувањето со насилниот екстремизам, како и реформата на безбедносниот сектор. Покрај тоа, посебно се важни организациите што даваат услуги за жртви на трговија со луѓе, жртви на полициска бруталност, маргинализирани групи итн. Тие поседуваат знаење и разбирање за недостатоците во законодавството и во институционалните структури, како и специфичните потреби за обезбедување на безбедноста и сигурноста на граѓаните. Понатаму, не помалку е важна улогата на професионалните здруженија, како што се здруженијата на криминалисти, полициски синдикати, адвокатски комори и сл., кои одлично ги знаат практичните проблеми во својата област и можат да ги антиципираат предизвиците при спроведувањето на претстојните реформи. За Поглавјето 24 е од големо значење и искуството на организациите што се повеќе посветени на Поглавјето 23, бидејќи и двете поглавја неминовно се совпаѓаат во одредени сегменти, како што е борбата против корупцијата и пристапот до правда. Конечно, познавачите на процесот на интеграција во ЕУ и на европските структури и процеси, треба да помогнат за ефикасно и ефективно канализирање на заложбите на граѓанскиот сектор во рамките на преговарачката структура и процес.

Граѓанскиот сектор е динамичен и шаренолик, а овие карактеристики треба да се отсликаат и при неговото учество во процесот на преговорите. Граѓанските организации (ГО) и индивидуалните аналитичари и истражувачи можат да се пронајдат во различни улоги во врска со Поглавјето 24 и сите тие претставуваат додадена вредност во целокупниот процес. Со оглед на спецификите на поглавјето, граѓанските организации (ќе) ги имаат следниве улоги:

Препораки врз основа на истражувања, анализи и професионално искуство – ГО можат да обезбедат независни истражувања и анализи врз основа на докази, и врз нивна основа да понудат алтернативи и препораки за надминување на детектираните слабости, во согласност со европското законодавство и најдобрите практики од земји членки на ЕУ. Дел од организациите можат да се одлучат за директно учество како дел од преговарачката структура, а дел преку други модели за застапување и влијаење врз преговарачкиот процес. И двата пристапи се легитимни и имаат свои предности и ограничувања. Погрешно ќе биде да се инсистира на централизација на граѓанскиот сектор и одбирање на само еден пристап за учество во процесот.

Следење (мониторинг) на преговарачкиот процес и на одделните реформски процеси – Се очекува дека дел од ГО ќе работат на свои независни извештаи за состојбите во Поглавјето 24 (што веќе се практикува за Поглавјето 23 од страна на ГО и мрежи на ГО), а во иднина и следење на спроведувањето на преговарачката рамка и на акцискиот план за Поглавјето 24. Ваквите активности ќе обезбедат објективни мерила и верификација на напредокот, а наодите ќе се користат за застапување за поголеми заложби во областите со застој. Оваа улога е посебно важна поради тенденцијата на државните структури за мерење на напредокот преку „штиклирање“ на усвоени закони, стратегии и други мерки, наместо оцена на нивната примена.

Обука и креирање ресурси за државни службеници, новинари, граѓански организации и други чинители – ГО и досега организираа обуки за процесот на ЕУ интеграции, но и за специфични области, реформи и добри практики од земји членки на ЕУ. ГО во Македонија се многу добро вмрежени со ГО од регионот, кои, пак, можат да им ги пренесат искуствата на Србија и на Црна Гора од текот на преговорите.

Мост меѓу граѓаните и институциите, подигнување на јавната свест и зголемување на демократскиот капацитет – Несомнено, главната улога во преговорите треба да ја играат институциите и тие треба да изградат соодветна комуникациска стратегија кон јавноста. Сепак, ГО можат да придонесат за информирање на јавноста за процесот на преговорите, придобивките од реформите во рамките на Поглавјето 24, текот на реформите итн. За разлика од полицијата, обвинителството и другите државни актери, ГО можат да си дозволат поголема креативност и флексибилност во доменот на своето работење и на тој начин полесно да допрат до јавноста, посебно до одделни целни групи. Истовремено, ГО треба да придонесат за поинформирано граѓанство, кое е запознаено со своите права и обврски, посебно кога станува збор за работата на безбедносните структури. Од друга страна, врз основа на своите истражувања и на работата на терен, ГО имаат капацитет да ги осознаат интересите, перцепциите и потребите на граѓаните и да ги пренесат пред одлучувачите.

Различни граѓански организации ќе изберат еден или повеќе модели на учество во процесот на преговарањето. За да можат суштински да се вклучат во рамките на Поглавјето 24, граѓанските организации ќе треба многу да вложуваат во постојана надградба на своето знаење, вештини и разбирање на спецификите на областите. Ќе биде важно и вмрежувањето меѓу различните типови организации, истражувачки новинари и професионални здруженија. Не треба да се заборави дека крајната цел не е забрзано затворање на поглавјето, туку користење на механизмите на преговарање за креирање функционални, ефективни и демократски институции во Македонија, како простор на слобода, правда и безбедност за сите граѓани.

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.

Tags: