Поглавје 8: Политика на конкуренција

Со цел непречено функционирање на внатрешниот пазар на ЕУ како целина, ЕК има директна надлежност за спроведување на политиката на конкуренција, во соработка со националните институции во земјите членки. Целта на правилата е да обезбедат еднакви услови за фер конкуренција меѓу компаниите од сите земји членки преку контрола на структурата на пазарот, однесувањето на компаниите и спречување на несоодветна државна интервенција.

Во таа смисла, се забранува склучување договори меѓу компаниите насочено кон договарање на цените, ограничување на производите, делење на пазарот и изворите на набавка, злоупотреба на доминантна положба на пазарот, спојувања кои би ја нарушиле конкуренцијата и сл. Исто така им се забранува на државите доделување државна помош на домашните компаниите која би водела кон создавање на неправедна предност за нив во однос на другите слични сектори и компаниите од другите земји членки и би водела кон „трка кон дното“ во давањето субвенции. Предвидени се и некои исклучоци од правилата во насока на поттикнување на регионалниот развој, односно во согласност со политиката на кохезија, помош за спасување или реструктуирање на претпријатија, енергетска ефикасност и заштита на животната средина, развој на инфраструктура, иновации, истражување, услуги од општ економски интерес[1], во случаи на природни непогоди, за банкарски сектор, земјоделство, риболов и аквакултура.

Поглавјето го опфаќа и процесот на либерализација на пазарот во области каде досега доминирале државни претпријатија (железница, пошта, итн.), при што упатува на соодветните секторски поглавја. Досегашното искуство во РС Македонија покажува дека процесот на приватизација и реорганизација на државните претпријатија во пракса се одвива бавно и не секогаш успешно, со што се загрозува нивниот опстанок на пазарот и зачувувањето на работни места. Поради тоа, како и поради потребата да се заштитат определени индустрии кои се од големо значење за државата што пристапува, а се корисници на државна помош, поглавје 8 е едно од најсложените и најтешките поглавја за кое честопати се бараат преодни периоди.

Со изборот на новата Комисија во 2019 година, најавени се клучни реформи во функционирањето на политиката на конкуренција, односно нејзино поголемо фокусирање од внатрешната кон надворешната димензија на ЕУ. Имено, актуелните правила кои го штитат европскиот пазар оневозможуваат спојувања со цел создавање на големи компании кои би имале значаен удел на глобалниот пазар и би биле конкурентни на американските, кинеските и други компании во истите сектори. Новите правила би воделе кон делумно „олабавување“ на ограничувањата со цел создавање на т.н. „европски шампиони“ кои би можеле да станат лидери во своите области на светско ниво[2].

Од страна на ЕУ, клучна институција е Генералниот директорат за конкуренција (DG COMP), од македонска страна носител на поглавјето е Министерството за економија, а клучна улога има Комисијата за заштита на конкуренција. Поглавјето се состои од 3 подрачја:

  • Антитрaстови и спојувања;
  • Државна помош;
  • Либерализација.
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Членови од Договорот за функционирање на ЕУ кои директно се применуваат: 93, 101-109, 261, 263, 278-9, 339
Повелбата на ЕУ во однос на основните права кои треба да се почитуваат во постапките (член 41, 47-50)
Спроведување на правилата за конкуренција, Регулатива (ЕЗ) 1/2003
Спојувања, Регулатива (ЕЗ) 139/2004 и имплементирачка Регулатива 802/2004
Исклучоци, Регулативи (ЕУ) 651/2014 и 2017/1084
Европска мрежа за конкуренција, Директива 2019/1 /ЕУ
Штети, Директива 2014/104/EU Државна помош, Регулатива (ЕУ) 2015/1589 и имплементирачка Регулатива 794/2004
Законодавство во специфични сектори (струја, гас, телекомуникации, транспорт, земјоделство и сл.) Судска пракса на ЕСП
Закон за заштита на конкуренцијата

Закон за контрола на државна помош, со подзаконски акти

Уредба за договори од мало значење

Соодветната примена на правилата за конкуренција ги штити интересите на сите компании од нелојална конкуренција и нарушување на структурата и условите на пазарот. Освен тоа, поголема кокуренција на пазарот е во интерес на потрошувачите на кои им обезбедува поголем избор, подобар квалитет и пониски цени на производите и услугите.


[1] Посебно значајна пресуда на ЕСП која ќе биде релевантна за РС Македонија е случајот Алтмарк, повеќе на https://www.lw.com/upload/pubcontent/_pdf/pub892_1.pdf.

[2] Оваа тема стана актуелна откако ЕК го блокираше спојувањето на француската компанија за производство на брзи возови Алстом и германскиот производител на железничка опрема Сименс, повеќе на https://ec.europa.eu/commission/presscorner/detail/en/IP_19_881

КАРТИЧКИ

Scroll to Top