Поглавје 7: Право на интелектуална сопственост

Поглавје 7 се однесува на заштита на авторското и сродните права, како и правата од индустриска сопственост. Авторското и сродните права се стекнуваат со самото создавање на авторското дело (научно, уметничко или техничко) и не подлежат на посебна формална постапка за заштита, додека правата од индустриска сопственост ги вклучуваат заштитата на патентите, дизајнот, географското потекло на производите и услугите и се стекнуваат преку постапки за признавање и регистрација пред надлежните органи. Европското аки во ова поглавје има за цел заштита на правата на носителите на интелектуална сопственост од неовластено присвојување, користење, копирање и злоупотреба на нивните производи и услуги, со цел создавање на поволна деловна средина и фер конкуренција.

Секторите во кои има интензивна потреба од заштита на интелектуалните права придонесуваат за 42% од БДП и 38% од вработувањата на ниво на ЕУ. Имајќи ја предвид амбицијата на ЕУ да биде лидер во дигитализацијата и иновациите, како и зголемената стапка на прекршување на правата, особено при увозот на стоки во последните години, оваа област е од големо значење и е темелно уредена. Мерките за усогласување, покрај транспозиција на прописите, вклучуваат и подигнување на свеста, ефикасно спроведување и санкции за прекршителите, како и поврзување во базите на податоци и информациските системи и платформи за размена и соработка.

Носител на поглавјето од македонска страна е Државниот завод за индустриска сопственост, а од страна на ЕУ клучна улога има Генералниот директорат за внатрешен пазар, индустрија, претприемништво и МСП (DG GROW). Поглавјето се состои од три подрачја:

  • Авторско и сродни права, каде носител е Министерството за култура;
  • Права на индустриска сопственост;
  • Спроведување.
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Спроведување на права од интелектуална сопственост, Директива 2004/48/ЕЗ
Трговски марки, Директива (EУ) 2015/2436 и Регулатива (ЕУ) 2017/1001
Дизајн, Директива 98/71/EЗ и Регулатива (ЕЗ) 6/2002
Европска конвенција за патенти – зајакната соработка меѓу државите членки, Регулативи 1257/2012 и 1260/2012
Сертификати за дополнителна заштита за медицински и растителни производи, Регулативи (ЕЗ) 469/2009 и 1610/96 Задолжително лиценцирање на фармацевтски патенти, Регулатива (ЕЗ) 816/2006 Биотехнолошки пронајдоци, Директива 98/44/EC
Трговска тајна, Директива (ЕУ) 2016/943
Авторски и сродни права во информациско општество (Infosoc), Директива 2001/29/EЗ
Право на изнајмување, Директива 2006/115/EЗ
Рок на заштита на правата, Директива 2006/116/EЗ и 2011/77/EЗ
Прекугранична преносливост на онлајн услуги, Регулатива (EУ) 2017/1128
Сателитски и кабелски пренос, Директива 93/83/EEЗ
Право на препродавање на авторско дело, Директива 2001/84/EЗ
Управување со авторски и сродни права, Директива 2014/26/EУ
Правна заштита на бази на податоци, Директива 96/9/EЗ
Дозволена употреба во корист на некои категории граѓани, Директива (EУ) 2017/1564 и Регулатива (EУ) 2017/1563 (Спогодба од Маракеш)
Употреба на дела-сирачиња, Директива 2012/28/EУ
Заштита на компјутерски програми, Директива 2009/24/EЗ
Закон за авторско право и сродни права

Стратегија за индустриска сопственост
Закон за индустриска сопственост

Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со подзаконски акти

Во контекст на развојот на дигитализацијата и новите технологии како средства за подигнување на квалитетот на живот на граѓаните и поттикнување на економскиот раст, соодветна заштитата на правата од интелектуална сопственост во согласност со најдобрите практики на ЕУ ќе обезбеди поголема правна сигурност и дополнителен поттик за развојот на иновациите и технологијата во РС Македонија.

КАРТИЧКИ

Scroll to Top