
Целите на ЕУ во рамки на поглавје 6 се однесуваат на можноста да се основаат компании и да вршат дејност на целата територија на ЕУ, да се обезбеди соодветна заштита за акционерите и другите засегнати страни, како вработените и доверителите, да се направат компаниите поефикасни, поконкурентни и поодржливи на долг рок.
Ги опфаќа домашните и прекуграничните спојувања и делбите на друштвата со ограничена одговорност. Освен тоа, се воведува поимот и правната рамка за т.н. европски друштва што функционираат според исти и поедноставени процедури во сите држави членки, имаат поголема мобилност и воедначена рамка за вработените како еден заеднички, европски бренд[1]. Се воведува и дефинира поимот Групација од европски економски интерес како можност да се унапреди и олесни функционирањето на вклучените економски оператори, се поврзуваат деловните (централните) регистри на државите членки со цел размена на податоци, се воведуваат заеднички правила за корпоративно известување (за финансиски и други извештаи) и за ревизија.
Надлежностите за ова поглавје во рамки на ЕУ се поделени меѓу Генералниот директорат за правда и потрошувачи (DG JUST) и Генералниот директорат за финансиска стабилност, финансиски услуги и пазарна унија на капитал (DG FISMA). Носител на поглавјето од македонска страна е Министерството за економија, а опфатени се две подрачја:
- Право на трговски друштва;
- Сметководство и ревизија (носител е Министерство за финансии).
Клучни прописи од европското аки | Клучни национални прописи |
Општи рамки, Директива 2017/1132/ЕУ Прекугранично спојување на друштвата со ограничена одговорност, Директива 2005/56/ЕЗ Европски друштва, Директива 2157/2001/ЕЗ Учество на вработените во управувањето, Директива 2001/86/EЗ Користење на дигитални алатки во процесите, Директива 2019/1151/ЕЗ Акционерски права, Директиви 2007/36/ЕЗ и 2017/828/ЕУ Преземања, Директива 2004/25/EЗ Транспарентност, Директива 2004/109 Сметководство, Директива 2013/34/ЕУ и Регулатива 1606/2002 Ревизија, Директива 2006/43/EЗ Услови за законска ревизија на субјекти од јавен интерес, Директива 2014/56 и Регулатива 537/2014 | Закон за трговски друштва Закон за ревизија Закон за вршење на сметководствени работи |
Целта на активностите во ова поглавје е да се обезбеди еднаков третман и еднакви стандарди за основање друштва и вршење економска дејност на целата територија на ЕУ, вклучително и во областите сметководство и ревизија. На тој начин се обезбедува поголема правна сигурност за македонските компании и странските компании активни во РС Македонија, нивните акционери и вработените.
[1] Бројот на европски друштва во октомври 2019 изнесува 3200.