Поглавје 5: Јавни набавки

Поглавје 5 спаѓа во суштинските реформи што треба да се спроведат според новиот пристап во проширувањето, во насока кон подобро управување, поголема транспарентност, отчетност и ефикасност при трошењето на јавните финансии, со цел спречување на корупција, злоупотреба на службена положба и конфликт на интерес. Освен тоа, во контекст на функционирањето на внатрешниот пазар, реформите имаат за цел да обезбедат еднаков третман на економските оператори од ЕУ, недискриминација и слободна конкуренција.

Европското аки во ова поглавје ги пропишува основните принципи и правила кои треба да се запазат во постапките на електронски набавки, концесии и јавно-приватно партнерство, како и системот на заштита и правните лекови во постапките. Освен тоа, уредени се вредносните прагови на договорите кои условуваат примена на соодветна постапка, критериумите за квалитативна селекција, односно исклучување на понудувачи, критериумите за доделување на јавни договори, методологијата за пресметка на трошоци во целиот „животен век“, роковите за жалба и сл. Посебно важен аспект е ставен на електронскиот систем за јавни набавки кој сè уште е во фаза на спроведување во некои земји членки, односно електронско спроведување на сите фази од постапката, вклучително и е-Каталог, Единствен европски документ за набавки, eCertis базата на податоци со модели на обрасци и електронскиот потпис.

Комисијата идентификува 6 идни приоритети на ЕУ за оваа област кои вклучуваат измени во јавните политики со цел да се обезбеди:

  1. поширок опсег за стратешките набавки кои ќе земаат предвид други аспекти освен цената, како што се заштита на животната средина, социјалниот аспект и иновациите;
  2. поголема професионализација на јавните набавувачи, преку соодветна обука и алатки;
  3. поголем пристап до пазарот на јавни набавки преку поголемо вклучување на МСП и отворање на меѓународните пазари за јавни набавки;
  4. подобрување на интегритетот, транспарентноста и податоците преку јакнење на известувањето, заштита на укажувачи и воспоставување регистри на склучени договори;
  5. целосна дигитализација преку обезбедување техничка и финансиска поддршка за државите членки;
  6. јакнење на соработката меѓу државите со цел спроведување на заеднички јавни набавки.

Клучните предизвици со кои ќе се соочи РС Македонија при транспонирањето на ова поглавје се поврзани со административниот капацитет и институционалната поставеност, како и со правната рамка за соодветно транспонирање на директивите која треба да обезбеди ефикасно следење на постапките, воспоставување национална база на податоци за неправилности, заштита на укажувачи, ефикасни постапки за проверка и санкции за коруптивното однесување. Поради чувствителната природа, набавките во безбедноста и одбраната се посебно уредени со акцент на ситуациите, производите, услугите и градежните работи кои може да бидат изземени од редовните постапки.

Надлежна институција од страна на ЕУ е Генералниот директорат за внтрешен пазар, индустрија, претприемништво и МСП (DG GROW), а од страна на РС Македонија носител на поглавјето е Министерството за финансии, односно Бирото за јавни набавки како орган во состав за 2 подрачја. Поглавјето е составено од 4 подрачја:

  • Општи принципи;
  • Концесии и други видови на јавно-приватно партнерство;
  • Доделување на јавни договори;
  • Правни лекови.
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Набавки во „класичен“ јавен сектор, Директива 2014/24/EУ
Набавки во комунален сектор (водостопанство, енергетика, транспорт, пошта и сл.),
Директива 2014/25/EУ
Концесии, Директива 2014/23/EУ
Правни лекови, Директиви 89/665/EEЗ, 92/13/EEЗ и 2007/66/EЗ
Набавки во одбраната и безбедноста,
Директива 2009/81/ЕЗ
Чисти возила, Директива 2009/33/EЗ
Судска пракса на ЕСП
Закон за јавни набавки, со подзаконски акти

Закон за јавни набавки во одбраната и безбедноста

Закон за концесии и јавно-приватно партнерство

Со пристапувањето во ЕУ се овозможува пристап на македонските економски оператори до јавните набавки на ЕУ и обратно, економски оператори од земјите членки ќе може да конкурираат за јавни набавки кај нас под исти услови како домашните оператори. Подобрената транспарентност, отчетност и ефикасност на системот за јавни набавки ќе води кон порационално трошење на јавните средства и добивање на поголема вредност за парите на даночните обврзници, а истовремено ќе придонесе кон намалување на можностите за коруптивно однесување и ќе предвиди поефикасни санкции во случаи на злоупотреба на постапките.

КАРТИЧКИ

Scroll to Top