Поглавје 4: Слобода на движење на капитал

Слободното движење на капиталот во рамки на ЕУ е четвртата слобода на движење во основата на внатрешниот пазар. Во рамки на ова поглавје, европското аки е насочено кон елиминирање на сите ограничувања во движењето на капиталот меѓу државите членки, но и кон трети земји. Неговото спроведување е насочено кон овозможување и олеснување на прекуграничните финансиски трансакции како што се вложувања во недвижнини, портфолио инвестиции и трансакции со хартии од вредност, трансакции со личен капитал како што се наследства, подароци, заеми и сл., трансакции меѓу финансиски друштва, банки, осигурителни компании и сл., плаќања за авторски и други видови договори итн. Целта е плаќањата и трансферите на финансиски средства во странство да станат исто толку едноставни и безбедни како и во земјата.

Освен тоа, во ова поглавје се предвидени мерки за подобрување на различни аспекти во функционирањето на домашниот платен систем и подготовка за вклучување на РС Македонија во Единствената област за плаќање во евра. Од тој аспект, клучно е и јакнењето на интегритетот и стабилноста на финансискиот систем со цел спречување на перење на пари и финансирање на тероризам што исто така е опфатено во ова поглавје преку две мерки: обезбедување на следење на финансиските трансакции и идентификација на клиентите. Европското аки во оваа област се заснова на меѓународните ФАТФ стандарди[1], но оди подалеку во уредувањето. Поглавјето се состои од 3 подрачја:

  • Движења на капитал и исплати;
  • Платен систем;
  • Спречување на перење пари.

Клучни институции за ова поглавје на ниво на ЕУ се Генералниот директорат за финансиска стабилност, финансиски услуги и пазарна унија на капитал (DG FISMA) за подрачје 1 и 2 и Генералниот директорат за правда и потрошувачи (DG JUST) за подрачје 3. Од македонска страна со поглавјето раководи Министерството за финансии, со тоа што носител на подрачје 3 е Управата за финансиско разузнавање како орган во состав на Министерството.

Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Капитал, Директива 88/361/ЕЕЗ
Платежни услуги, Директива 2015/2366/ЕЗ
Електронски пари, Директива 2009/110/EЗ
Конечност на порамнувањата, Директиви 98/26/ЕЗ и 2009/44/ЕЗ
Платежни сметки, Директива 2014/92/ЕЗ
Картично засновани платежни трансакции,
Регулатива 2015/751/ЕЗ
Кредитни трансфери и директни задолжувања во евра, Регулатива 260/2012/ЕЗ
Спречување на перење пари и финансирање на тероризам, Директиви 2015/849/ЕУ и 2018/843/ЕУ
Потреби информации при финансиски трансфери, Регулатива (EУ) 2015/847
Закон за платежни услуги и платни системи, со подзаконски акти

Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, со подзаконски акти

Национална стратегија за борба против перење пари и финансирање на тероризам  

Со транспонирање на европското законодавство во ова поглавје, македоските граѓани, односно резиденти ќе можат полесно да купуваат недвижности, да вложуваат и да извршуваат низа финансиски операции и трансакции во другите држави членки и истите активности ќе бидат овозможени за нерезиденти во РС Македонија. Ќе бидат создадени услови за поголема конкуренција на економски оператори во оваа област, односно поголем избор на даватели на услуги за секаков вид плаќања, што ќе води кон иновативни решенија, зголемен квалитет, поголема сигурност и пониски цени на услугите за македонските граѓани и компании.


[1] Financial Action Task Force (FATF) – Меѓувладина организација за борба против перење на пари и финансиирање на тероризам

КАРТИЧКИ

Scroll to Top