
Поглавје 32, кое спаѓа во основните реформи што треба да се спроведат, се однесува на подигнување на стандардите во управувањето со јавните финансии, посебно во однос на јавната внатрешна финансиска контрола (ЈВФК) и надворешната ревизија од независни тела. Освен тоа, потребно е постигнување на соодветно ниво на заштита на интересите на ЕУ и обезбедување ефикасни механизми за спречување на фалсификување на еврото.
Целта на ЈВФК е да се изградат одржливи јавни институции кои ќе бидат целосно насочени и успешни во реализирањето на зацртаните стратешки и тематски цели, а притоа ќе ги запазат клучните принципи во однос на финансиското работење (транспарентност, отчетност, ефикасност и ефективност). Европското аки не предвидува конкретни мерки како тоа да се постигне, туку остава на секоја држава членка да организира внатрешна контрола и ревизија во јавниот сектор во склад со меѓународните стандарди (INTOSAI[1]), европските принципи и најдобри практики. Клучно е да се обезбеди независност, во нашиот случај на ревизорите во Државниот завод за ревизија – загарантирана со Уставот, финансиска независност на институцијата, непречен пристап до документите и записите на институциите што се предмет на ревизија, како и ефикасни механизми за спроведување на наодите. ЈВФК е тесно поврзана и со реформата на јавната администрација и со управувањето со јавните финансии.
Истото ниво на заштита треба да се обезбеди кога станува збор за средствата од националниот буџет и финансиските интереси на ЕУ. Клучно европско аки во оваа насока е Директивата за заштита на финансиските интереси на ЕУ, која предвидува и воспоставување или назначување на национално тело надлежно да постапува во случај на измама или проневера на европските средства (АФКОС – Anti-Fraud Coordination Service) и да соработува со Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ – European Anti-Fraud Office). Ова барање РС Македонија го исполни како предуслов за користење на ИПА 2, со што за улогата на АФКОС е предвидено посебно одделение во Министерството за финансии.
Надлежни институции на ниво на ЕУ се Генералниот директорат за буџет и ОЛАФ, а носител на поглавјето од македонска страна е Министерството за финансии. Поглавјето се состои од 2 подрачја:
- Jавна внатрешна финансиска контрола и надворешна ревизиjа;
- Заштита на финансиските интереси на ЕУ.
Клучни прописи од европското аки | Клучни национални прописи |
Проверки на лице место, Регулатива (ЕЗ) 2185/1996 Директива за заштита на финансиските интереси на ЕУ (PIF Directive), 2017/1371/ЕУ Фалсификување на еврото, 1338/2001 и 44/2009, 1339/2001 и 45/2009, 1210/2010, 2182/2004 и 46/2009 |
Закон за системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор Политики за јавната внатрешна финансиска контрола во периодот од 2018 до 2020 година Закон за ревизија на инструментот за претпристапна помош Закон за ревизорско тело Рамковна спогодба склучена меѓу Република Македонија и Европската комисија за правилата за соработка во однос на финансиската помош на Европската комисија Национална стратегија за спречување на измами за заштита на финансиските интереси на Европската унија во Република Македонија 2019- 2021 |
Усогласувањето со европското аки во ова поглавје ќе придонесе за поголема одговорност, отчетност и ефикасност при трошењето на јавните средства, без оглед дали се работи за националниот буџет, локалните буџети или европските фондови, во интерес на граѓаните. Освен тоа, со борбата против фалсификување на еврото, се намалува можноста за измами и се зголемува степенот на заштита на физичките и правните лица.
[1] Меѓународната организација на врховни ревизорски институции – институции кои ги контролираат владините тела