Поглавје 31: Надворешна политика

Поглавје 31 ја покрива политичката, безбедносната и одбранбената димензија на надворешните односи на ЕУ (преку ЗНБП и ЗБОП). Традиционално област за меѓувладина соработка, со Договорот од Лисабон наваму ЗНБП станува паралелна надлежност во која, покрај ЕУ, и државите членки може да формулираат и спроведуваат свои политики, сè додека тие се во склад со политиките на ЕУ. Целта на ЗНБП е ЕУ да зборува „со еден глас“ за да може да се наметне како еден од клучните чинители во меѓународната политика. Во рамките на ЗНБП се воспоставуваат функциите Претседател на Советот на ЕУ и Висок претставник за ЗНБП како официјални претставници на ЕУ во надворешните односи, секој со свои надлежности, и се воспоставува Европската служба за надворешна акција (EEAS). Освен тоа, ЕУ ја воспоставува праксата да поставува специјални претставници за конкретни држави и прашања, како на пример за Босна и Херцеговина, Косово, човекови права итн.

Во рамки на ЗНБП нема легислативна функција и нашата обврска се состои во усогласување со договорите, декларациите и позициите на ЕУ по различни прашања од надворешната политика. Донесените акти – одлуки се носат со консензус, иако за имплементирачките акти формално треба да се применува квалификувано мнозинство. Како одговор на различни ситуации на прекршување на меѓународното право и човековите права и слободи, ЕУ може да воведе рестриктивни мерки (санкции) кон трети држави и нивни државјани (ембарго на оружје, забрана за патување, економски и финансиски мерки)[1]. Освен тоа, во ова поглавје спаѓаат и различните меѓународни договори за контрола на вооружувањето кон кои треба да пристапиме. ЕП има мала надлежност во ЗНБП освен од аспект на демократска контрола. ЕСП има надлежност само во однос на правата на поединци засегнати од санкции, а не во однос на легалност на одлуките.

ЗБОП како дел од ЗНБП до сега претежно се однесува на цивилни и воени мисии и операции за управување со кризи. ЕУ веќе има солидно искуство во однос на мисиите, а последните години ЗБОП сè повеќе се користи и како рамка за развивање на вистинска заедничка политика на ЕУ во областа на одбраната преку Постојаната структурирана соработка воспоставена преку процедурата на зајакната соработка со учество на 25 држави членки. ЕУ се залага за интегриран пристап во спречувањето и решавањето на конфликти преку вклучување на сите засегнати чинители и институции на ЕУ, активирање на повеќе алатки и политики за паралелно и сеопфатно справување со предизвиците (мир, безбедност, човекови права, одржлив развој, економски аспекти итн.), а посебно внимание посветува на локалната „сопственост“ над процесот, вклучувањето на жените и младите.

Во 2004 година се формира Европската агенција за одбрана како меѓувладино тело раководено од Високиот претставник за ЗНБП, кое има за цел олеснување и поттикнување на соработката меѓу земјите членки. Последните години актуелна е дискусијата во однос на иднината на ЗБОП, создавањето на зеднички одбранбени капацитети и вложувања на ниво на ЕУ во истражување и равој во одбраната. Во тој контекст, создавањето на Европскиот одбранбен фонд со буџет од над 500 милиони евра за 2019-2020 година е првиот чекор кон поголема координација во однос на одбраната на европско ниво.

Координатор на поглавје 31 од македонска страна е МНР, а поглавјето се состои од две подрачја – ЗНБП и ЗБОП. Во однос на релевантно национално законодавство за поглавје 31 се издвојуваат Законот за рестриктивни мерки, Законот за производство и промет на
вооружување и воена опрема, Законот за класифицирани информации, Законот за забрана на развивање, производство, складирање и употреба на хемиски оружја, како и повеќе стратешки документи. РС Македонија веќе учествува во ЕУ активности во рамки на ова поглавје преку испраќање на цивилен и воен персонал во активности и мисии предводени од ЕУ.


[1] Преглед на санкциите во сила е достапен на следниот линк https://www.sanctionsmap.eu/#/main

КАРТИЧКИ

Scroll to Top