Поглавје 30: Надворешни односи

Поглавје 30 покрива 3 области: трговската политика на ЕУ кон трети земји, односно заедничките извозни и увозни царински стапки, нетарифните бариери, инструментите за трговска одбрана; развојната политика, односно помошта што ЕУ ја обезбедува за помалку развиени држави; и хуманитарната помош наменета за трети земји. Ова поглавје во голема мера ја одредува тежината што ЕУ ја има на меѓународната сцена, имајќи предвид дека се однесува на области во кои ЕУ ужива значајна моќ. Имено, првата област, надворешната трговија, го опфаќа пристапот до европскиот пазар кој во моментов збирно ја претставува најголемата потрошувачка економија и трговски блок. Што се однесува до втората и третата област, ЕУ е најголемиот донатор на развојна и хуманитарна помош на светско ниво.

Во однос на трговската политика, таа како ексклузивна надлежност се уредува на ниво на ЕУ и прописите имаат директна примена во државите членки. Тука се уредени и преговорите и спроведувањето на договорите на ЕУ за слободна трговија, договорите за асоцијација (како нашата ССА), договорите за партнерство и соработка со трети земји и царинската унија со Турција. ЕУ е членка на Светската трговска организација од 1995 година (како и сите држави членки на ЕУ) и нејзината трговска политика се заснова на правилата и принципите дефинирани од страна на СТО.

Освен тоа, посебно внимание се посветува на т.н. стоки со двојна примена, односно стоки кои покрај цивилна употреба може да се користат и за воени потреби, особено во производство на нуклерано оружје. Дополнително, врз основа на Повелбата за човекови права и заложбите од Заедничката надворешна и безбедносна политика, се уредува извоз на стоки кои може да се користат за кршење на човековите права, како на пример за вршење тортура или смртна казна. ЕУ е приврзаник и на т.н. Процес Кимберли за отстранување на дијамантите од конфликтно подрачје од глобалните ланци на снабдување, а развива и посебни стратегии за користење на метали и минерали од конфликтни и високо-ризични подрачја. Трговската политика преку специфични шеми за повластен пристап на одредени земји до европскиот пазар (Генералната шема за преференцијален третман на производи од трети земји која вклучува над 150 земји – GSP и GSP+, договорите за асоцијација со Западен Балкан и Украина, итн.) се користи и како инструмент во развојната политика.

Од Договорот од Лисабон наваму и политиката на странски инвестиции е во надлежност на ЕУ, односно ЕУ ја презема надлежноста од државите членки да преговара договори за инвестиции со трети земји. Притоа важен аспект е механизмот за скрининг на странски инвестиции во сила од 2019 година, според кој се предвидува ограничување на инвестиции од трети земји, односно скрининг и претходно одобрување на инвестиции од земји каде што странската држава има значителен удел во управувањето со приватните компании, како и инвестиции во чувствителни области (критична инфраструктура, медиуми, суровини, енергија, клучни технологии, податоци итн.)

За разлика од надворешната трговија, развојната политика е паралелна надлежност на ЕУ и државите членки, односно ЕК има право да управува со буџетот и програмите за развојна помош, но и државите членки имаат право да развиваат свои програми и да донираат дополнителни средства. Основна цел на развојната помош според Договорот за ЕУ е намалување на сиромаштијата, но на ниво на регулативи се дефинираат повеќе специфични цели во зависност од тоа за кој дел од светот е наменета помошта, во склад со основните вредности и принципи на ЕУ како што се мир, демократија, човекови права, владеење на правото, одржлив економски развој итн. Во тие рамки спаѓа и Инструментот за претпристапна помош кој го користиме и ние, како и Инструментот за развојна соработка за Латинска Америка, Азија и Јужна Африка, Инструментот за земјите од соседството (земјите од Јужен Медитеран и Источното партнерство), Инструментот за Гренланд, Инструментот за демократија и човекови права кој е отворен за цел свет, Инструментот за стабилност и мир, Партнерскиот инструмент и Инструментот за соработка во нуклеарна безбедност. Се воспоставуваат заеднички правила за управување со финансиските инструменти кои се обврзувачки и за ЕУ и за корисниците.

Преку Договорот од Котону се дефинира привилегиран однос на ЕУ и државите членки со земјите од Африка, Карибите и Пацификот, како и односите со прекуграничните територии на некои држави членки. Имајќи предвид дека договорот истекува на крајот на 2020 година, во тек се преговори за нов договор во кој клучен аспект ќе биде надминување на традиционалниот однос донатор-корисник на помош и развивање на еднакво партнерство во области од заемен интерес. ЕУ е еден од клучните чинители кои го поддржуваат спроведувањето на Целите за одржлив развој на ОН и Агендата 2030.

За новиот програмски период 2021-2027 се предвидува делумна реорганизација, односно фузирање на дел од инструментите на развојната политика. Географски приоритети ќе бидат земјите од соседството, Африка, Западен Балкан и најнеразвиените земји, а тематски приоритети – безбедност, миграции, клима и човекови права. Во рамки на ИПА се предвидува зголемување на вкупната сума од 11.7 на 14.5 милијарди евра за седум години.

Европската хуманитарна помош којашто е различна од развојната помош и интервенциите за спречување и решавање на конфликти се заснова на следните вредности: човечност, неутралност, непристрасност и независност. Таа се активира во случаи на природни непогоди и катастрофи предизвикани од човечки фактор и има за цел непосредна помош за ублажување на влијанието и транзиција кон други долгорочни инструменти за поддршка. Конкретните активности се состојат во испраќање на храна, лекови, прва помош и основни средства, како и европски волонтери, за што се воспоставува Европската програма за солидарност (European Solidarity Corps).

Надлежни институции на ниво на ЕУ се: Генералниот директорат за трговија (DG TRADE), Генералниот директорат за развојна соработка (DG DEVCO), Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување (DG NEAR) и Генералниот директорат за цивилна заштита и хуманитарни операции (DG ECHO), а од македонска страна носител на поглавјето е Министерството за економија, односно МНР за подрачјата поврзани со развојна и хуманитарна помош.

  • Заедничка трговска политика;
  • Билатерални договори со трети земји;
  • Развојна политика;
  • Хуманитарна помош.
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Извозни кредити, Регулатива (EУ) 1233/2011
Извоз на неопасен отпад, Регулатива (EЗ) 1418/2007
Финансиска одговорност во спорови инвеститор-држава, Регулатива (EУ) 912/2014
Правила за заедничко спроведување на финансиските инструменти, Регулатива (EУ) 236/2014
Хуманитарна помош, Регулатива (EЗ) 1257/96
Стока со двојна употреба, Регулатива (EЗ) 428/2009 и Регулатива на ЕК 2018/1922 Ревизија на договори за инвестиции, Регулатива (EУ) 1219/2012
СДИ скрининг механизам, Регулатива (EУ) 2019/452
Спроведување на меѓународни трговски правила, Регулатива (ЕУ) 654/2014
Трговски бариери, Регулатива (ЕУ) 2015/1843 Законодавството на СТО транспонирано во ЕУ, регулативи (ЕУ) 2016/1036, 2016/1037, 2015/476
Регионална Конвенција за Пан-Евро-Медитерански правила за потекло

Закон за контрола на извозот на стоки и технологии за двојна употреба

Закон за спроведување на постапката за сертификација на Процесот Кимберли во меѓународната трговија со необработени дијаманти

Закон за уредување на трговијата со стоки кои можат да се користат за смртна казна, мачење или друго сурово, нечовечно и понижувачко однесување или казнување

Закон за спроведување на меѓународна развојна соработка

Закон за цивилна заштита и спасување

РС Македонија веќе ги ужива дел од придобивките од поглавје 30 во вид на автономни трговски мерки кон сите земји од Западен Балкан, како и во рамки на ССА. Повластениот трговски режим кој истекува на крајот на 2020 година може да се продолжи до 2025 година, односно до нашето членство во ЕУ. По пристапувањето во ЕУ ќе станеме дел од царинската унија на ЕУ, ќе треба да излеземе од постојните договори за слободна трговија (ЦЕФТА, Украина итн) и да се приклучиме кон режимот на ЕУ во однос на увозни и извозни стапки за трети земји. Освен тоа, РС Македонија ќе влезе во групата донаторски земји со тоа што ќе ги прифати договорите на ЕУ со трети земји и ќе биде обврзана да придонесува кон развојната политика на ЕУ.

КАРТИЧКИ

Scroll to Top