Поглавје 3: Право на основање и слобода на давање услуги

Слободата на давање услуги на целата територија на ЕУ како една од „четирите слободи“, заедно со правото на започнување и вршење економска дејност во друга земја членка се тема на третото пристапно поглавје. Државата која пристапува кон ЕУ треба да го овозможи прекуграничното давање услуги и да осигура дека националното законодавство не поставува дискриминаторски услови за давателите на услуги од други држави членки. Европското аки во ова поглавје овозможува основање на трговско друштво, односно компанија, како и преземање на економска активност од страна на самовработени лица во која и да е држава членка под истите услови кои важат за граѓаните, односно компаниите од таа држава членка, без дополнителни тарифи, формалности и ограничувања. Единствено ограничување може да постои кога прекуграничните услуги претставуваат закана по јавното здравје, безбедност или заштитата на животната средина во целната држава членка.

Услугите имаат значаен придонес кон економиите на државите членки (меѓу 59% и 82% од БДП, односно 44% до 78% од вработувањата, во зависност од земјата). Но, поради нивната природа (апстрактна, невидлива, истовремено се произведува и се конзумира), уредувањето на нивното давање на ниво на ЕУ доцни во споредба со прописите за движење на стоките. Носењето на прописи од страна на институциите во голема мера се случува како резултат на донесени пресуди, односно судската пракса на ЕСП (негативна интеграција)[1].

Првичната обврска во преговорите е целосно транспонирање на хоризонталната, рамковна Директива за услуги, по што треба да следи уредување на специфичните секторски директиви. РС Македонија ќе треба да се приклучи кон воспоставениот информациски систем за внатрешен пазар (IMI Internal Market Information System) кој овозможува административна соработка, размена на информации и постапување по поединечни барања. Освен тоа, од декември 2020 на ниво на ЕУ се воспоставува дигитален портал на едношалтерскиот систем за основање и давање услуги (Single Digital Gateway) кој треба да им овозможи на физичките и правни лица електронско завршување на 21 постапка поврзани со прекуграничното основање и вршење на економска дејност. Комплетирање на едношалтерскиот систем и приклучување кон дигиталниот портал ќе биде обврска и за РС Македонија во текот на преговорите.

Од страна на ЕУ, клучна улога има Генералниот директорат за внтрешен пазар, индустрија, претприемништво и МСП (DG GROW), а од страна на РС Македонија носител на поглавјето е Министерството за економија. Поглавјето е поделено на 4 подрачја:

  • Право на основање;
  • Слобода на давање услуги;
  • Поштенски услуги;
  • Заемно признавање на професионални квалификации;
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Услуги, рамковна Директива 2006/123/EЗ
Признавање на професионални квалификации за регулирани професии,
Директива 2005/36/ЕЗ
Поштенски услуги, Директива 2008/6/EЗ
Пратки, Регулатива (EУ) 2018/644 и соодветни имплементирачки акти
Статут на европски друштва, Регулатива (ЕЗ) 2157/2001
Е-трговија, Директива 2000/31/EЗ
Привремено испраќање работници, Директиви 96/71/EЗ и 2014/67/EУ
Телекомуникациски услуги, Директиви 2002/19, 20,21,22,58/EЗ
Адвокатски услуги, Директиви 77/249/EEЗ и 98/5/EЗ
Останати услуги (ревизорски, поштенски, обезбедување струја, гас, управување со отпад и сл.)
IMI, Регулатива 1024/2012
Единствен дигитален портал, Регулатива 2018/1724 Судската пракса на ЕСП во однос на членовите 49 и 56 од Договорот за функционирање на ЕУ
Закон за услуги, со подзаконски акти

Закон за високо образование

Закон за заемно признавање на професионални квалификации, со подзаконски акти

Закон за поштенски услуги

Со членството во ЕУ, македонските деловни субјекти и физички лица ќе може да основаат правни субјекти и да вршат економска дејност на целата територија на ЕУ, како и да даваат услуги во други држави членки без да основаат подружница или компанија. Притоа, нивните професионални квалификации стекнати во РС Македонија ќе бидат признати и нема да бидат потребни дополнителни постапки за проверка и верификација, што е особено значајно за лекарите, стоматолозите, фармацевтите, медицинските сестри, архитектите и други регулирани професии. Освен тоа, се предвидува целосна либерализација на пазарот на поштенски услуги, што би водело кон подобар квалитет и пониски цени на услугите за испраќање писма и пратки за македонските граѓани.


[1] Судската пракса на ЕСП во оваа област може да се најде во два објавени Водичи достапни на следните линкови: Право на основање (член 49 од Договорот за функционирање на ЕУ) https://ec.europa.eu/docsroom/documents/22543/attachments/1/translations/en/renditions/native и Слобода на давање услуги (член 56 од Договорот за функционирање на ЕУ) https://ec.europa.eu/docsroom/documents/16743/attachments/1/translations/en/renditions/native

КАРТИЧКИ

Scroll to Top