Поглавје 29: Царинска унија

Создавање на сè поблиска унија меѓу европските народи и постигнување на сегашниот степен на интеграција меѓу државите членки на ЕУ не би било можно без претходно создавање на царинска унија како фаза во регионалната економска интеграција[1]. Ова поглавје ја уредува царинската политика на ЕУ која се однесува на трговската размена во рамки на ЕУ, заштитата на надворешните граници и политиката кон трети земји. Со други зборови, во рамки на ЕУ постои слобода на движење на стоките без контрола, царински давачки и процедури, а во однос на стоките кои влегуваат и излегуваат од границите на ЕУ се применува единствен сет на правила, процедури и тарифи. Освен тоа, се применува единствен пристап кон заштитата на ЕУ и нејзините граѓани преку контрола на надворешните граници, со цел спречување на шверц и нелегална трговија, заштита на финансиските интереси на ЕУ и државите членки и поттикнување на легални деловни активности.

Европското аки во ова поглавје се содржи претежно од регулативи кои имаат директна примена во државите членки и македонското законодавство во голема мера е усогласено. Клучна алатка во ова поглавје е Царинскиот кодекс на Унијата кој ја содржи правната рамка, а се воспоставуваат и 17 информатички системи кои овозможуваат размена на информации и соработка меѓу царинските управи, меѓу управите и економските оператори и меѓу управите и другите надлежни државни служби. Со Царинскиот кодекс се утврдуваат заеднички правила во однос на надлежна царинска управа, рокови за процедурите, царински давачки и наплата, класификација на стоки и тарифи, транзит на стоки и други специјални постапки (складирање, слободни зони итн.)

Најголемиот постојан предизвик за царинските служби воопшто е да се воспостават и спроведуваат постапки кои ќе бидат доволно едноставни и економични за да ја олеснат трговската размена, а истовремено ќе обезбедат соодветно ниво на контрола и заштита. Националните царински управи имаат голема одговорност зашто имаат клучна надлежност за спроведување на правилата и процедурите во интерес на целата Унија и мора да обезбедат нивна воедначена примена на целата територија. На пример, тие имаат моќ да одлучат за тарифната класификација на некоја стока и нивната одлука е обврзувачка на ниво на ЕУ во период од 3 години, раководат со свои лаборатории кои спроведуваат хемиски анализи на стоката што влегува во ЕУ преку нивната земја и потоа може да заврши во друга држава членка итн.

Освен тоа, се воведува комбинираната номенклатура (тарифна и статистичка) како основа за пресметка на царинските и други давачки која редовно се ревидира за да се земе предвид развојот на настаните (политички одлуки, потреба од појаснувања, технолошки напредок итн.) Во утврдувањето на висината на тарифите, покрај видот учествува и потеклото на стоката за што се дефинирани посебни правила кои се надоврзуваат на правилата на СТО, како што се принципот за третман како најповластената нација (Most Favoured Nation Treatment – MFN). РС Македонија е дел од Пан-Евро-Медитеранската (ПЕМ) регионална конвенција за дијагонална кумулација на потеклото на стоките од 2012 година со која се утврдуваат преференцијални правила за потеклото на стоките од ПЕМ регионот кои влегуваат и излегуваат од државата[2]. Се воведува и статусот Овластен економски оператор што им овозможува на компаниите што ги исполнуваат условите побрз увоз и извоз на стоки преку серија поедноставени процедури и олеснувања, а е достапен и за македонските компании од 2018 година.

ЕУ има право да воведе квоти на определени производи во чии рамки може увозот да се врши по повластени царински стапки, суспензии на определени тарифи со цел да им овозможи на европските компании да набавуваат суровини, делови и полуготови производи по поволни цени и на тој начин да ја подобрат својата конкурентност, како и царински олеснувања за определени категории стоки (мали пратки, подароци, научни и образовни материјали итн.) Освен тоа, предвидени се различни олеснувања во однос на висината на царинските стапки и процедурите за земји кои учествуваат во различните преференцијални шеми (види поглавје 30).

Надлежна институција од страна на ЕУ е Генералниот директорат за даноци и царинска унија (DG TAXUD), а од македонска страна носител на поглавјето е Министерството за финансии, односно Царинската управа како орган во состав. Поглавјето се состои од следните подрачја:

  • Законодавство од областа на царина;
  • Административен и оперативен капацитет.
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Царински кодекс, Регулатива (ЕУ) 952/2013
Комбинирана номенклатура, Регулатива (ЕЗ) 2658/87
Суспензии, Регулативи (ЕУ) 1387/2013 и 1388/2013
Контрола на багаж, Регулатива (ЕУ) 2013/952
Царинска контрола на интелектуална сопственост, Регулатива (ЕУ) 608/2013
Трговија со културни предмети, Регулативи (ЕУ) 2019/880 за увоз и (ЕЗ) 116/2009 за извоз
Контрола на готовина (кеш), Регулативи (ЕЗ) 1889/2005 и (ЕУ) 2018/1672
Прекурсори, Регулативи (ЕЗ) 111/2005 и 273/2004
Царинскиот закон и Уредбата за спроведување
Уредба за распоредувањето на одредени стоки во Комбинираната номенклатура
Конвенција за заедничка транзитна постапка

Усогласувањата во рамки на поглавје 29 носат директни придобивки за граѓаните и компаниите преку скратување на времето, поедноставни процедури и помали трошоци за царински постапки, поефикасна борба против шверцот, организираниот криминал и сивата економија и поттикнување на економскиот раст и развој преку царински олеснувања во определени области. Повисоки стандарди на постапките и користење на најсовремени техники за контрола на стоките овозможува повисоко ниво на заштита на здравјето и животот. Освен тоа, кога РС Македонија ќе стане дел од ЕУ, граѓаните и компаниите ќе може да купуваат стока каде било низ ЕУ и да ја увезат без царински давачки и постапки.

 


[1] Различни држави надвор од ЕУ имаат различен степен на интеграција со Унијата. Додека РС Македонија преку ССА има слободна трговија, Турција има царинска унија, а земјите од Европскиот економски простор заеднички пазар. Повеќе за развојот на ЕУ и фазите на интеграција може да се дознае од Теоријата за економска интеграција на Бела Баласа – слободна трговска зона, царинска унија, единствен пазар, економска унија, монетарна унија, целосна економска интеграција, политичка унија (Bela Balassa, Theory of Economic Integration, Routledge Revivals 2011)

[2] Повеќе за ПЕМ Конвенцијата може да се прочита на следниот линк http://www.customs.gov.mk/index.php/mk/biznis-zaednica-mk/presmetka-na-davacki-mk/poteklo-mk/1461-pem-poteklo-mk

КАРТИЧКИ

Scroll to Top