
Поглавје 28 опфаќа две области: заштита на потрошувачите, област која е регулирана на ниво на ЕУ со минимум стандарди, а државите членки имаат право да понудат повисока заштита; јавно здравје – област која во голема мера останува надлежност на земјите членки во однос на уредувањето на националните здравствени системи, а на ниво на ЕУ се регулираат аспекти поврзани со прекугранични ризици и со еднаков пристап до здравствена заштита за сите европски граѓани на цела територија на ЕУ[1].
Во рамки на првата област, европското аки воспоставува општи принципи за заштита на потрошувачите од неправични договори и практики на економските оператори, стандарди за просечниот и ранливиот потрошувач, право и постапка за жалба, како и соодветни санкции за прекршителите. Ги уредува општите услови за безбедност на производите и го воведува информатичкиот систем за брзо известување (RAPEX). Конкретно навлегува во уредување на пакетите туристички аранжмани и услуги, различни аспекти на маркетинг и рекламирање, купување преку интернет и купување дигитални содржини, прикажување на цените итн. Се воспоставува Европската агенција за потрошувачи, здравје, земјоделство и храна која управува и со програмата на Унијата за потрошувачи. Програмата има буџет од 188 милиони евра за 7 години за информирање, следење на пазарот и обука на здруженија на потрошувачи, но во периодот 2014-2020 година РС Македонија не учествува.
Во однос на втората област, европското аки ги воспоставува основните здравствени индикатори како предуслов за кредибилна и квалитетна здравствена статистика и креирање политики, ги дефинира правата на пациентите, воспоставува соработка и размена на најдобри практитки во третирање на незаразни болести, покрива одредени производи што претставуваат ризик по човечкото здравје, како тутунот, и воспоставува стандарди за квалитет и чување на човечки органи, крв и ткива наменети за трансфузија и трансплантација. Освен тоа, уредени се повеќе аспекти во однос на фармацевтските производи, лекови и медицински помагала во врска со заштита на здравјето, производство, пакување, ознаки, пуштање во промет и движење на пазарот на ЕУ, како и основањето на Европската агенција за лекови.
Постојат и низа „меки“ инструменти воспоставени во однос на вакцини, сезонски грип, електромагнетно зрачење итн. во вид на препораки за земјите, а се поставуваат и стандарди за дигитализација на услугите, информатички системи за соработка на здравствените власти (eHealth мрежа) и за прекугранична размена на информации за пациентите (eHDSI – Electronic Health Digital Service Infrastructure) итн. Се воспоставува ЗДРАВЈЕ – програмата на Унијата која во периодот 2014-2020 има буџет од 320 милиони евра, а во периодот 2021-2027 се планираат 450 милиони евра.
Поглавјето и подрачјето заштита на потрошувачите се во надлежност на Министерството за економија, додека пак Министерство за здравство е одговорно за подрачјето јавно здравство. Во рамки на ЕУ надлежни институции се Генералниот директорат за правда и потрошувачи (DG JUST) и Генералниот директорат за здравје и безбедност на храната (DG SANTE).
Клучни прописи од европското аки | Клучни национални прописи |
„Нов договор за потрошувачите“ – Директива 2019/2161/ЕУ која ги заменува претходните и е во фаза на транспозиција со рок до 2021 Решавање на спорови, 2013/11/EУ Прекугранична соработка за заштита на потрошувачите, Регулатива (ЕУ) 2017/2394 Безбедност на производите, Директива 2001/95/EЗ и Регулатива (ЕУ) 765/2008 Пакет туристички аранжмани, Директива 2015/2302/EУ Дигитални содржини и услуги, Директива 2019/770/ЕУ Лекови, Директиви: општа 2001/83/EЗ, цени 89/105/EEЗ, фалсификувани лекови 2011/62/EУ, клинички тестирања 2005/28/EЗ Медицински помагала, Регулативи (ЕУ) 2017/745 и 2017/746 Прекугранични ризици по здравјето, Одлука 1082/2013/EУ Козметика, Регулатива (ЕЗ) 1223/2009 Тутун, Директиви 2014/40/ЕУ и 2003/33/EУ | Закон за заштита на потрошувачите Програма за заштита на потрошувачите 2021-2022 Закон за заштита на правата на пациентите Закон за здравствена заштита Правилник за безбедност на детски играчки Стратегија Здравје 2020 Закон за заштита од пушењето Национална програма за јавно здравје Програма за трансплантација Закон за лекови Закон за медицински средства Закон за безбедност во снабдување со крв |
Поглавје 28 има директна улога во подобрување на квалитетот на живот на граѓаните преку низа активности за усогласување со највисоките стандарди за безбедност на производите, заштита на правата на потрошувачите и мерки за заштита на човечкото здравје.
[1] Пандемијата на КОВИД-19 ја отвори дебатата во врска со ограничената надлежност на ЕУ во областа на јавното здравје која го определи видот и обемот на мерки преземени од институциите на Унијата. Повеќе детали на https://www.robert-schuman.eu/en/european-issues/0553-the-european-union-and-the-coronavirus.