Поглавје 26: Образование и култура

Имајќи го предвид официјалното мото на ЕУ – „обединети во различностите“, надлежноста за образование и култура во рамки на ЕУ првенствено им припаѓа на државите членки. Тие имаат право да ја уредат образовната и културната политика според нивните традиции и приоритети, а на ниво на ЕУ се предвидува соработка за остварување на некои заеднички цели и меѓусебна координација со користење на Отворениот метод за координација. Освен тоа, ЕУ се грижи за обезбедување пристап до образование на децата на мигрантските работници, како и за недискриминација на европските граѓани во образованието.

Активностите на ЕУ се насочени кон 4 цели:

  • поттикнување на доживотно учење;
  • подобрување на ефикасноста на образованието и обуката;
  • промоција на еднаквост, социјална кохезија и активно граѓанство;
  • поттикнување на креативноста и иновативноста, вклучително и претприемништвото на сите нивоа.

Освен тоа се формираат Европската фондација за обука и Европскиот центар за стручно образование кои имаат за задача да обезбедат поддршка на ЕУ во развивањето соодветни политики во областа на образование и обука. За поддршка на европските активности се основаат 3 европски програми во коишто може да аплицираат правни и физички лица од РС Македонија со свои проекти:

  • Еразмус+ – активностите коишто се финансираат покриваат ученичка и студентска мобилност, волонтирање и пракса, семинари, работилници и друг вид соработка за подобрување на квалитетот на образованието и обуката, поддршка за млади претприемачи, доживотно учење, спорт итн. За следниот програмски период се предвидува удвојување на достапните средства (3 милијарди евра, односно 10% од буџетот на ЕУ) со цел да се вклучат трипати повеќе учесници.
  • Европа за граѓаните – има за цел поттикнување на активно европско граѓанство преку финансирање на заеднички активности за сеќавање на историски настани, поттикнување на демократијата и граѓанското учество (збратимување и мрежи на градови, проекти за граѓански организации итн.)
  • Креативна Европа – со потпрограмите Култура (поддршка на културни активности и креативни индустрии) и Медиа (аудиовизуелни индустрии – види поглавје 10).

Надлежна институција на ниво на ЕУ е Генералниот директорат за образование и култура (DG ЕАС), а од македонска страна носител на поглавјето е Министерството за образование и наука. Поглавјето се состои од следните подрачја:

  • Образование;
  • Млади;
  • Култура (носител на подрачјето е Министерството за култура);
  • Програми на Унијата.
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Деца на мигрантски работници, Директива 77/486/EEЗ Слободно движење на луѓе, Директива 2004/38/EЗ Стратегија за млади 2019-2027
Конвенција на УНЕСКО за промоција и заштита на разновидноста на културното изразување, 2005
Одлука на ЕП и Советот за заедничка рамка за вештини и квалификации (Europass) (EУ) 2018/646
Стратегија за образование 2018-2025
Национална стратегија за развој на култура 2018–2022
Закон за спортска академија
Закон за учебници за основно и средно образование
Закон за стручно образование и обука
Закон за средното образование
Закон за отворени граѓански универзитети за доживотно учење
Закон за основното образование
Закон за образование на возрасните
Закон за Бирото за развој на образованието
Закон за високото образование
Стратегија за интегрирано образование
Закон за младинско учество

Македонските граѓани веќе ги уживаат придобивките од ова поглавје преку активно учество во трите програми на Унијата, односно преку можноста во соработка со европски партнери и со поддршка на европски средства да придонесат кон развој на образованието, обуката, културата и граѓанскиот дух на нашето општество. Освен тоа, РС Македонија веќе има акредитирана Национална агенција за европски образовни програми и мобилност што им овозможува на македонските граѓани и организации да аплицираат за дел од програмите во национални рамки и има одделен буџет само за нашата земја, што претставува значително олеснување во однос на аплицирањето во ЕК во конкуренција со сите останати земји.

КАРТИЧКИ

Scroll to Top