Поглавје 25: Наука и истражување

Политиката за истражување и иновации во областа на науката станува паралелна надлежност на државите членки и ЕУ со Договорот од Лисабон, што значи дека ЕУ може да презема заеднички активности сè додека не ги спречува државите членки да преземаат свои. Претходно заедничката политика за истражување беше ограничена на неколку области, како што се нуклеарната енергија и вселената. Целта на новите одредби е да се создаде Европска истражувачка област (ЕИО) во која научниците ќе може слободно да се движат, да истражуваат и иновираат и на тој начин да придонесуваат кон поттикнување на европската конкурентност заснована на иновации и технолошки развој. Шесте цели на ЕИО се: поефикасни национални истражувачки системи, транснационална соработка за справување со т.н. „големите предизвици“, отворен пазар на труд за научниците, интеграција на родовата компонента во истражувањата, оптимално движење, пристап до и трансфер на научното знаење и меѓународна соработка.

Имајќи ја предвид важноста на истражувањето и развојот за економијата, истражувачките политики на државите членки се следат во рамките на Европскиот семестар. Клучен аспект во оваа област е воспоставувањето на програмата Хоризонт 2020 за поддршка на науката и истражувањето во којашто и РС Македонија, односно македонските универзитети, истражувачки центри, иновативни компании итн. може да аплицираат со проекти. Хоризонт 2020 се воспоставува за полесно постигнување на целите од Европа 2020 стратегијата, со буџет од 77 милијарди евра за периодот 2014-2020 година. Приоритети на програмата се: извонредност во науката, индустриско лидерство и општествени предизвици. Во ова поглавје речиси нема европско аки коешто треба да се транспонира, но се воспоставуваат основните принципи кон коишто учесниците треба да се придржуваат, како што се „отворена наука“, „отворен пристап“, „трансфер на знаење“, научноистражувачка етика и интегритет, како и исклучоците кога треба да се внимава на доверливоста. За програмскиот период 2021-2027 година се предвидува воспоставување на уште поамбициозна програма за поддршка на истражување и иновации, Хоризонт Европа, со фонд од 100 милијарди евра.

Освен тоа, се воспоставуваат Заедничкиот истражувачки центар, Европскиот институт за иновации и технологија, како и механизми за поттикнување на соработката меѓу државите членки, како што се Европскиот стратешки форум – ESFRI (2006) и Конзорциумот за истражувачка инфраструктура – EСRI  (2009) во којшто може да учествуваат и трети земји.

Надлежна институција во ЕУ е Генералниот директорат за истражување и иновации (DG RTD), а од македонска страна носител на поглавјето е Министерството за образование и наука. Поглавјето се состои од 3 подрачја:

  • Политика на истражување;
  • Рамковни програми;
  • Европска истражувачка област.
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Обврзувачко аки има само во однос на истражувањата поврзани со Еуроатом – нуклеарна енергија за цивилна употреба. Истражувачките податоци подлежат на одредбите од Директивата за информации од јавниот сектор (ЕУ) 2019/1024, како и на Директивата за авторски права во дигиталниот единствен пазар (ЕУ) 2019/790 Стратегија Европа 2020  Закон за научно – истражувачка дејност  Закон за високо образование Националната програма за високо образование и научно-истражувачка дејност
Стратегија за иновации 2012 – 2020
Закон за иновациска дејност
Закон за поттикнување и помагање на техничката култура

Пристапувањето во ЕУ ќе обезбеди повеќе можности за македонски истражувачи и научници да се вклучат во меѓународни проекти, повеќе средства за развивање на научната, истражувачката и иновациската дејност во државата и соработка за зеднички истражувања со цел наоѓање иновативни решенија и општествен напредок во различни области.

КАРТИЧКИ

Scroll to Top