Поглавје 24: Правда, слобода и безбедност

Областа на правда, слобода и безбедност е создадена во рамки на ЕУ за да ја гарантира слободата на движење, а истовремено да обезбеди заштита на евопските граѓани. Ги опфаќа аспектите поврзани со управување и заштита на надворешните граници, азил и миграција, борбата против тероризам, организиран криминал, трговија со луѓе и со наркотици, полициска, царинска и судска соработка итн. Мигрантската криза со која се соочија европските земји особено од 2015 година наваму означи клучен момент за продлабочување и подобрување на европските заеднички активности во оваа област.

Во рамките на ова поглавје преку низа инструменти се востановува принципот на заемно признавање во кривична постапка и се воспоставува Европскиот налог за апсење кој се користи повеќе од 10.000 пати годишно, како и Европските налози за истрага, за извршување, за замрзнување на сметките и Европскиот платен налог. Се уредува месната надлежност во граѓанските постапки, облигационите односи и посебните правила за прекугранични постапки за развод, издршка, наследство и заеднички имот. Се основаат Евроџаст (Eurojust) и Европол (Europol) и се воспоставува европскиот информатички систем за казнена евиденција (ECRIS).

Освен тоа, се уредува заедничката политика за легална имиграција, со тоа што државите членки се надлежни за интеграција на имигрантите. Преку директиви се утврдуваат правилата за краток и долг престој на различни категории лица како што се студенти, истражувачи, волонтери, високо-квалификувани работници, сезонски работници, се регулира семејното обединување и се воведува издавање на единствена дозвола за престој и работа. Опсегот на правилата ги опфаќа условите за работа, здружување, образование, обука, пристап до социјална заштита и други јавни услуги, даноци итн. Се зајакнуваат правилата во однос на нелегална миграција и заедничката политика за азил што во моментов сè уште е предмет на договарање меѓу државите членки. Во следниот буџетски период (2021-2027) се предвидува и создавање на Фондови за азил и миграција, за интегрирано гранично управување и за внатрешна безбедност со цел подобра соработка и спроведување на обврските од европското аки.

Со создавањето на Шенген зоната се воспостави и Шенген информатички систем – SIS (втора генерација во моментов), како и низа други системи и бази на податоци за гранично управување, надзор и поефикасна размена на податоци во врска со лицата кои ги преминуваат надворешните граници на ЕУ (EES, SIRENE, EUROSUR). Во 2018 година на таа инфраструктура беше додаден системот ETIAS кој предвидува проверка и авторизација на граѓаните од трети земји на кои не им треба виза за влез во ЕУ, што директно нè засега и нас. Со овој систем кој се очекува да стане операционален во 2021 македонските граѓани ќе треба електронски да го најават нивното патување во ЕУ и за истото да уплатат надомест.

Освен тоа, со цел подобро справување со предизвикот на нелегална миграција особено во услови на криза, со Регулатива усвоена во 2016 година Фронтекс се претвори во Европска агенција за граници и крајбрежна стража, со којашто РС Македонија е во фаза на склучување статусен договор за соработка и заеднички операции за чување на нашите граници.

Клучни институции на ниво на ЕУ се Генералниот директорат за правда и потрошувачи (DG JUST) и Генералниот директорат за миграција и внатрешни работи (DG HOME). Институција носител на поглавјето е Министерството за внатрешни работи, а различни институции покриваат одделни подрачја:

  • Миграција;
  • Азил;
  • Визна политика (носител МНР);
  • Надворешни граници и граници на шенген – зоната;
  • Судска соработка во кривични и граѓански предмети полициска соработка и борба против организиран криминал (носител Министерство за правда);
  • Борба против тероризам;
  • Борба против трговија со дрога;
  • Царинска соработка (носител Царинска управа);
  • Фалсификување на еврото.
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Конфискација и замрзнување, Регулатива (ЕУ) 2018/1805
Европски налог за апсење, рамковни одлуки на Советот од 2002 и 2009
Европски налог за истрага, Директива 2014/41/ЕУ
Конвенција за заемна помош во кривична постапка, 2000 и Протоколот од 2001
Заштита од фалсификување на еврото, Директива 2014/62/EЗ
Медијација, Директива 2008/52/ЕЗ
Правна помош, Директива 2003/8/ЕЗ
Обезбедување судски документи, Регулатива (ЕЗ) 1393/2007
Собирање докази, Регулатива (EЗ) 1206/2001
Мали побарувања, Регулатива (EЗ) 861/2007
Семејно обединување, Директива 2003/86/EЗ
Сина картичка (за висококвалифукувани работници), Директива 2009/50/EЗ Единствена дозвола за работа и престој, Директива 2011/98/EУ
Сезонска работа, Директива 2014/36/EУ
Неовластен влез, транзит и престој, Директива 2002/90/EЗ  и рамковна одлука 2002/946/JHA
Мрежа на службеници за врска за имиграција, Регулатива (ЕЗ) 377/2004 Санкции за работодавачите, Директива 2009/52/EЗ
Враќање, Директива 2008/115/EЗ
Престој за жртви на трговија со луѓе, Директива 2004/81/EЗ Договори за реадмисија Азил – сет од 7 регулативи од Заедничкиот систем за азил кои во моментов се дискутираат во насока кон изменување: Даблинска регулатива за надлежна земја, процедури, услови за прием, Европска агенција за азил, лица под меѓународна заштита, квалификација на барателите и база на податоци (EURODAC) Шенген Регулатива (ЕУ) 2016/399 и (ЕЗ)1931/2006
Визна политика, Регулативи (ЕЗ) 539/2001, 810/2009 и 767/2008
Борба против организиран криминал, рамковна одлука 2008/841/JHA Сајберкриминал, Директиви 2013/40/EУ и 2011/93/EУ
Оружје, Директиви 91/477/EEЗ и 2009/43/EЗ и Регулатива (ЕУ) 258/2012 Трговија со луѓе, Директива 2011/36/EУ Дрога, рамковна одлука 2004/757/JHA, Регулатива (EУ) 2017/2101 и Директива 2017/2103/ЕУ
Конфискација, Директива 2014/42/EУ Тероризам, Директива 2017/541/ЕУ
Закон за странци, со подзаконски акти
Закон за централен регистар на население
Закон за меѓународна и привремена заштита
Стратегија за интеграција на бегалци и странци 2017-2027
Закон за азил и привремена заштита
Закон за интегрирано гранично управување
Закон за полиција
Стратегија за развој на полицијата 2016-2020
Билатерални договори за екстрадиција, реадмисија и меѓусебна правна помош
Национална стратегија за борба против перење пари и финансирање на тероризам 2017-2020
Стратегија за контрола на мало и лесно оружје (МЛО) 2017–2021 Стратегија за компјутерска безбедност
Стратегија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2017-2020
Закон за управување со конфискуван имот Кривичен законик Закон за фонд за обесштетување на жртвите од насилен криминал Стратегија за борба против тероризам со акциски план 2018-2022 Стратегија за спречување на насилен екстремизам со акциски план 2018-2022
Закон за заштита на критичната инфраструктура
Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции

Со преземање на обврските од поглавје 24, РС Македонија ќе стане дел од областа на правда, слобода и безбедност на ЕУ. Тоа значи дека при справување со безбедносните ризици ќе може да смета на поддршката и соработката со другите европски служби, што ќе води кон зголемување на безбедноста на македонските граѓани. Освен тоа, откако ќе станеме дел од Шенген зоната, македонските граѓани ќе бидат дел од европската зона без внатрешни граници во сите аспекти.

КАРТИЧКИ

Scroll to Top