Поглавје 22: Регионална политика и координација на структурни инструменти

Ова поглавје ја опфаќа регионалната политика и користењето на европските структурни фондови во насока на поддршка на помалку развиените региони (Европскиот регионален фонд, Европскиот социјален фонд, кохезионите фондови, фондовите за земјоделство и рурален развој и за рибарство). Целта е да се постигне поголема кохезија на европско ниво, односно да се намали јазот меѓу поразвиените и посиромашните региони преку преземање соодветни мерки. За таа цел се предвидени посебни услови според степенот на развој на регионите (три категории), за што се користи околу 1/3 од вкупниот буџет на ЕУ. Акцент се става на прекугранична и транснационална соработка, како и на пристапот на макро-региони[1] како начин за подобрување на кохезијата и регионалниот развој на поголема европска територија, при што се овозможува и соработка со држави и региони надвор од ЕУ.

Во рамки на европското аки се дефинираат основните принципи за користење на европските фондови (стратешко планирање, секторско програмирање, кофинансирање, партнерство, национална сопственост, родова еднаквост, одржлив развој како и принципите за добро финансиско управување – транспарентност, отчетност, ефикасност и сл.), се предвидуваат постапките за управување со фондовите, активностите кои може да се финансираат, методологијата за пресметка на вкупните средства кои ќе ги добие една држава членка итн. Освен тоа, предвидени се механизми за контрола и ревизија, како и мерки во случај да се констатира неправилност или злоупотреба при користењето на средствата.

Во моментов РС Македонија го користи Инструментот за претпристапна помош (ИПА) чие управување се следи во рамки на поглавје 22, заедно со подготвеноста на севкупниот национален систем да премине кон користење на структурни фондови по членството. Предизвиците се состојат во:

  • подобрување на административниот капацитет на ИПА структурата за примена на сложените процедури за јавни набавки, подготовка на квалитетна тендерска документација и намалување на т.н. „стапка на одбивање“;
  • подготовка на дел од институциите за индиректно управување со средствата, односно натамошно јакнење на децентрализираниот систем за спроведување;
  • подобрување на одржливоста на проектите и нивната видливост;
  • воспоставување на мониторинг насочен кон резултатите;
  • задржување на кадарот и обезбедување на систем на континуирана обука;
  • воспоставување и одржување на соодветни информатички системи и алатки.

Во рамки на ова поглавје спаѓа и подготовката и финансирањето на големи проекти за кои аплицираат државите, за што РС Македонија веќе се подготвува преку преземените активности за воспоставување на Националниот инвестициски комитет и Единствената листа на проекти (види поглавје 21).

Управувањето со европските фондови се следи на годишни секторски и заеднички мониторинг комитети што ги претседаваат наши претставници во соработка со Генералниот директорат за проширување. Клучна надлежност во однос на регионалната политика во ЕУ има Генералниот директорат за регионална и урбана политика (DG REGIO), а советодавна улога има и Комитетот на региони во чии рамки функционира и Заедничкиот консултативен комитет каде членуваат и редовно се состануваат претставници на единиците на локална самоуправа на РС Македонија и ЕУ. Поглавјето 22, коешто кај нас го координира Министерството за финансии, се состои од следните подрачја:

  • Правна рамка;
  • Институционална рамка;
  • Административен капацитет;
  • Програмирање (носител е СЕП);
  • Следење и оценување;
  • Финансиско управување и контрола.
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Повеќегодишна финансиска рамка Буџет на ЕУ
Финансиска регулатива (ЕУ) 1046/2018
Статистичка класификација на региони – НУТС,
Регулатива (ЕЗ) 1059/2003 Стратегија Европа 2020
Структурни фондови, Регулатива (ЕУ) 1303/2013 и поединечни регулативи за секој фонд
Закон за рамномерен регионален развој, со подзаконски акти
Стратегија за регионален развој на РС Македонија 2019 – 2028
Рамковна спогодба за ИПА

Македонските граѓани веќе уживаат кокнретни придобивки во рамки на ова поглавје преку користењето на ИПА во различни области и од страна на различни чинители (државни институции, локална самоуправа, граѓански организации итн.) Средствата од ИПА во износ од 613 милиони евра за периодот 2007-2013 и 650 милиони евра за периодот 2014-2020 се насочени кон исполнување на реформските приоритети во речиси сите сектори (владеење на правото, животна средина, транспорт, образование, социјална политика, економија итн.) со цел подобрување на јавните услуги, инфраструктурата и квалитетот на живот на граѓаните.


[1] РС Македонија е дел од Јадранско-јонскиот макро-регион и може да учествува во активностите и програмите наменети за таа цел.

КАРТИЧКИ

Scroll to Top