
Концептот на создавање трансевропски мрежи има за цел подобро поврзување на целата територија на ЕУ и интероперабилност на националните системи преку изградба и модернизација на клучната инфраструктура во однос на транспортни, енергетски и телекомуникациски мрежи. РС Македонија заедно со другите држави од Западен Балкан како физички и стратешки составен дел од Европа учествуваат во активностите поврзани со трансевропските мрежи за транспорт (ТЕН-Т) и енергетика (ТЕН-Е) преку нивното учество во Транспортната и Енергетската заедница (види поглавја 14 и 15 соодветно).
Во рамки на ТЕН-Т мрежата се воспоставуваат клучни коридори и сеопфатна транспортна мрежа кои треба да се комплетираат до 2030 и 2050 година соодветно. Клучните коридори се приоритетни и се дефинираат врз основа на клучните пристаништа, мрежата на внатрешен воден сообраќај, прекуграничната димензија и мрежата на товарни железнички коридори. Врз основа на класификацијата на транспортната инфраструктура, односно вклученоста во клучните коридори или сеопфатната мрежа, се дефинираат и пропратни обврски за спроведување од регулативата. Освен тоа, се идентификуваат ТЕН-Т проекти од заеднички интерес кои имаат приоритет за финансирање со европски фондови (грантови, заеми и други инструменти). Средствата се обезбедува преку Фондот за поврзување на Европа (Connecting Europe Facility) кој за 7 години става на располагање 30,44 милијарди евра за ТЕН, кохезионите фондови, Европскиот фонд за регионален развој, Европскиот фонд за стратешки инвестиции, заеми преку ЕИБ и други финансиски институции.
Во однос на ТЕН-Е мрежата, приоритетот е ставен на преносот и складирањето на електрична енергија и природен гас, како и „паметните“ струјни мрежи, како предуслов за поголема енергетска независност на ЕУ и постигнување на целите во однос на климатски промени. Надлежни институции на ниво на ЕУ се Генералниот директорат за мобилност и транспорт (DG MOVE) и Генералниот директорат за енергија (DG ENER), а од македонска страна носител на поглавјето е Министерството за транспорт и врски. Поглавјето вклучува 2 подрачја:
- Трансевропски транспортни мрежи;
- Трансевропски енергетски мрежи.
Клучни прописи од европското аки | Клучни национални прописи |
TEN-T Регулатива (EУ) 1315/2013 TEN-E Регулатива (ЕУ) 347/2013 | Национална транспортна стратегија 2018-2030 План за развој на електропреносниот систем |
Во РС Македонија патниот и железнички Коридор 10 (север-југ) се вбројува во клучните коридори, додека Коридор 8 (исток-запад) е дел од сеопфатната мрежа. Во однос на финансирање достапни се ИПА и Инвестициската рамка за Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework) преку којашто се обезбедуваат грантови и заеми од различни меѓународни инвестиции. Доделувањето средства се врши врз основа на однапред утврдена методологија за селекција и рангирање на инфраструктурни проекти која РС Македонија ја применува со цел утврдување на Единствен список на проекти во 5 сектори: транспорт, енергетика, животна средина, социјална и дигитална инфраструктура[1]. Паралелно со инфраструктурата, се преземаат и низа „меки“ мерки кои за нас често се предуслов за финансирање (на пример олеснувања на постапките на граничните премини, воведување на „паметен“ транспортен систем, либерализација на пазарот на железница, струја итн).
[1] Повеќе информации за Единствениот список на проекти, методологијата за изработка и Националниот инвестициски комитет на следниот линк http://www.sep.gov.mk/en/content/?id=672#.Xqw-bikzbIU