
Поглавје 20[1] ги опфаќа политиките и стратегиите кои водат кон поттикнување на конкурентноста преку забрзување на структурните реформи, создавање поволна деловна средина за отворање и водење бизнис и поддршка за домашни и странски инвестиции. Покрај тоа, поглавје 20 става особен акцент на поддршката за мали и средни претпријатија како основен двигател на економскиот раст и отворањето нови работни места. Спроведувањето на овие политики вклучува широк спектар на чинители со различни приоритети, цели и интереси и подразбира постојано јакнење на нивните капацитети и соработката меѓу сите нив.
Според тематската поделба на Европската комисија, Поглавје 20 ги опфаќа следните области: индустриска политика, МСП и политики поврзани со претпријатија, пристап до финансии, иновациска политика, секторски политики (автомобилска индустрија, туризам, фармацевтска индустрија, биотехнологија, хемиска индустрија, суровини, челик, шумска индустрија, електроиндустрија, текстилна индустрија, градежна индустрија), политики поврзани со вселената и одбранбена индустрија.
Посебно значаен аспект е т.н. „паметна специјализација“ во определен сектор и регион која има за цел поттикнување на јавни и приватни инвестиции преку регионална соработка, модернизација на индустријата и создавање на нови вредносни синџири во ЕУ. Освен тоа, ова поглавје ја опфаќа и корпоративната општествена одговорност, поддршка на европски кластери, развој на вештини итн. Со цел поддршка на различни иницијативи и проекти на МСП како клучни двигатели на економијата и вработувањето, во ова поглавје се воспоставува и КОСМЕ, Програма на Унијата за МСП насочена кон обезбедување пристап до финансирање, иновации и пазари, подобрување на деловната средина и претприемништвото, како и програмите Европска мрежа за претпријатија и Еразмус за претприемачи. Со оглед на тоа дека државата има уплатено влезен билет, македонски правни субјекти имаат право да аплицираат во овие програми.
На ниво на ЕУ, областите од поглавје 20 се претежно регулирани со „меки“ инструменти (принципи од основачките договори, известувања од Европската комисија до Парламентот и Советот, препораки, заклучоци на Советот на ЕУ, одредници и сл.), a во помала мера со регулативи кои директно се применуваат и директиви кои треба да ги транспонираме во националното законодавство. Но, во многу аспекти ова поглавје е комплементарно со поглавјата за внатрешен пазар и конкуренција кои се состојат претежно од правно обврзувачки документи.
Надлежна институција во рамки на ЕУ е Генералниот директорат за внатрешен пазар, индустрија, претприемништво и МСП (DG GROW), од страна на РС Македонија носител на поглавјето е Министерството за економија. Поглавјето се состои од следните подрачја:
- Принципи на претпријатија и индустриска политика;
- Инструменти на претпријатија и индустриска политика;
- Политики по сектори.
Клучни прописи од европското аки | Клучни национални прописи |
Актот за мали претпријатија, 2008 и ревизијата од 2011 Доцнење при исплатите во деловните трансакции, Директива 2011/7/ ЕУ Стратегија Европа 2020, односно Стратегија Југоисточна Европа 2020 Стратегија за индустриска политика 2017 Акциски план Претприемништво 2020 Старт-ап компании – Start-up and Scale-up Initiative (SUI), COM/2016/0733 КОСМЕ, Регулатива (ЕУ) 1287/2013 InvestEU – групирање на сите финансиски инструменти во периодот 2021-2027 Стратегија за вселената, 2016 Стратегија за градежништво 2020 Политичка рамка за туризмот, COM(2010)352 Стратешки документи за развој на различни индустриски гранки (автомобилска, поморска технологија, одбранбена индустрија, железо и челик, текстил и кожа, дигитализација на производството и вештачка интелигенција) | Закон за трговски друштва Закон за државна помош Закон за финансиска поддршка на инвестиции Закон за основање на Агенцијата за поддршка на претприемништвото Закон за основање на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Закон за основање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Закон за иновациска дејност Закон за финансиска дисциплина Закон за задоцнето плаќање Закон за извршување Закон за технолошки индустриски развојни зони Закон за туристичка дејност Закон за угостителска дејност План за економски раст Индустриска политика на Република Македонија 2009-2020 Национална стратегија за мали и средни претпријатија 2018- 2023 Програма за економски реформи Програма за конкурентност, иновации и претприемништво Стратегија за иновации 2012-2020 Стратегија за претприемничко учење 2014-2020 Национална стратегија за одржлив развој во република Македонија 2009 – 2030 Стратегија за регионален развој на Република Македонија 2019-2028 Национална стратегија за туризам 2016-2021 Стратегија за развој на женско претприемништво Стратегија за конкурентност 2016-2020 |
Придобивките од ова поглавје се состојат во поттикнување на одржлив раст и развој преку интегрирање на принципите на инклузивност и заштита на животната средина; подобрување на деловната средина и конкурентноста, особено за МСП; поддршка и поттикнување на иновативноста и претприемништвото воопшто и за конкретни категории, како на пример жени, млади итн.; регионален развој врз основа на стратегиите за „паметна специјализација“ и развој на конкретни индустриски гранки преку примена на успешни стратегии и најдобри практики. Освен тоа, имајќи предвид дека РС Македонија нема сопствена политика за вселената, од посебно значење ќе биде пристапот до сите придобивки обезбедени преку сателитските системи Коперник и Галилео, како и новите системи кои се во фаза на развивање (GNSS/SSA/GOVSATCOM).
[1] Повеќе информации на македонски јазик за ова поглавје се достапни на https://www.poglavje20eu.org/za-poglavje-20