
Според Договорот за ЕУ, надлежноста на Унијата во однос на социјалната политика е ограничена на поддршка и дополнување на активностите на државите членки коишто ја задржуваат клучната законодавна улога. Социјалните партнери и професионалните организации исто така имаат важна улога преку Европскиот економски и социјален комитет како советодавно тело, а се воспоставува и Европскиот социјален фонд кој обезбедува финансиска поддршка за усогласување и унапредување на стандардите преку различни механизми за сите засегнати страни (национални институции, локална самоуправа, социјални партнери, граѓанско општество итн.)
Покрај европското аки во ова поглавје, РС Македонија е обврзана да ги исполни обврските кои ги презела со потпишување на различни меѓународни договори и инструменти на Обединетите нации, Меѓународната организација на трудот, Советот на Европа итн. На ниво на ЕУ се воспоставуваат минимум стандарди во однос на работнички права, еднакви можности и недискриминација, здравје и заштита при работа и сл., а државите членки имаат право да побараат и обезбедат повисоки стандарди.
Во 2017 на ниво на ЕУ се усвои Европскиот столб за социјални права кој ги воспоставува основните 20 принципи што државите членки треба да ги почитуваат во 3 категории: еднакви можности и пристап до пазарот на труд, фер услови за работа и социјална заштита и инклузија. Следењето на обврските од Европскиот столб, како и на социјалните аспекти на економските политики е вклучено и во рамките на Европскиот семестар каде што се обезбедуваат специфични препораки за секоја држава членка. За РС Македонија, следењето се врши врз основа на Програмата на економски реформи.
Надлежна институција во ЕУ е Генералната дирекција за вработување, социјални работи и инклузија (DG EMPL), а институција носител од македонска страна е Министерството за труд и социјална политика. Поглавјето се состои од следните подрачја:
- Трудово право;
- Здравје и безбедност при работа;
- Социјален дијалог;
- Политика на вработување и европскиот социјален фонд;
- Социјална вклученост;
- Социјална заштита;
- Антидискриминација и еднакви можности.
Клучни прописи од европското аки | Клучни национални прописи |
Европската повелба за фундаментални права Директиви за колективните права: (ЕЗ) 98/59, 2001/23, 2002/14, 2008/94, 2009/38, 2001/86, 2003/72 Работно време, Директива (ЕЗ) 2003/88 Скратено работно време, Директива (ЕЗ) 1997/81 Определено работно време, Директива (ЕЗ) 1999/70 Агенции за привремена работа, Директива (ЕЗ) 2008/104 Заштита на млади лица, 94/33/ЕЕЗ Рамнотежа меѓу професионален и приватен живот, Директива (ЕУ) 2019/1158 Рамковна директива за здравје и заштита при работа 89/391/EEЗ Европска агенција за здравје и безбедност при работа, Регулатива (ЕУ) 2019/126 Европска агенција за труд, Регулатива (ЕУ) 2019/1149 Секторски директиви за работните услови во транспорт, рибарство, градежништво, рударство, здравство. Препораки на Советот на министри за професионална надградба, практикантство итн. Препораки на ЕК за социјална инклузија Европска стратегија за инвалидност 2010-2020 Родова еднаквост, Директиви (ЕЗ) 2006/54, 2010/41, 92/85, 2010/18, 79/7, 2004/113 Европска стратегија за вработување | Закон за спречување и заштита од дискриминација Закон за работните односи Закон за социјална заштита Закон за социјална помош Закон за минимална плата Закон за материјално обезбедување на невработени лица Закон за приватните агенции за вработување Закон за вработување и осигурување Закон за вработување на инвалидни лица Стратегија за безбедност и здравје при работа 2020 Стратегија за формализирање на неформалната економија во Република Македонија, 2018-2022 Национална стратегија за вработување 2016-2020 Програма за реформи во вработувањето и социјалната политика 2020 Национална програма за развој на социјалната заштита 2011-2020 Национална стратегија за сиромаштија и социјална вклученост на Република Македонија 2010-2020 Стратегија за Ромите 2014-2020 Национална стратегија за деинституционализација 2018-2028 Стратегија за родова еднаквост 2013-2020 |
Со прифаќање на европските стандарди и најдобри практики во поглавје 19, РС Македонија ќе постигне подобрување на правната рамка во однос на работните односи, работничките права и социјалната заштита, паралелно со практичната еволуција и современите текови во општеството во оваа област. Освен тоа, македонските граѓани од сите категории ќе добијат подобра заштита на нивните права преку зајакната борба против дискриминација по различен основ и подобра грижа за ранливите групи.