
Постоењето на кредибилни и квалитетни статистички податоци е предуслов за креирање на јавни политики засновани на докази кои ќе даваат резултати во решавањето на различни општествени и економски проблеми. Во таа насока, целта на поглавје 18 е воедначување на методологијата за прибирање и обработка на статистичките податоци во различни сектори, на ниво на ЕУ и во рамки на државите членки. Европското аки во ова поглавје претежно се состои од регулативи кои ја уредуваат статистиката во различни области и имаат директна примена, односно потребно е националните статистички системи и методологии да се прилагодат на нивните одредби.
Тековните активности за усогласување за РС Македонија го опфаќаат системот за обработка на метаподатоци, заштитата на податоците од разоткривање, техничката поддршка за ефикасни процеси на статистичка продукција, олеснувањето на прибирањето податоци и подобрувањето на квалитетот на комуникацијата со давателите на податоци и корисниците. Освен тоа, клучни предизвици за земјата во претстојниот период ќе бидат спроведувањето на попис на населението, подобрување на податоците во врска со Постапката за прекумерен дефицит (Excessive Deficit Procedure) и подобрување на статистичките капацитети на линиските институции со цел задоволување на меѓународните и европските стандарди за производство, дисеминација и развивање официјални статистики. Освен тоа, континуирана обврска е воспоставувањето, одржувањето и надградувањето на информатичките системи и бази на податоци како клучна статистичка алатка.
Надлежна институција на ниво на ЕУ за прибирање на податоци од земјите членки, обработка и објавување е Евростат, а од македонска страна носител на поглавје 18 е Државниот завод за статистика. Поглавјето се состои од 3 подрачја:
- Статистичка инфраструктура;
- Класификација и регистри;
- Статистика по сектори.
Клучни прописи од европското аки | Клучни национални прописи |
Европска статистика, основни Регулативи (EЗ) 223/2009, (EУ) 99/2013 и 759/2015 Кодекс на практики за европската статистика Статистичка доверливост, Регулатива (ЕЗ) 223/2009 и (EУ) 557/2013 Статистичка класификација на економски активности, Регулативи(ЕЗ)3037/90 и 1893/2006 (NACE Rev. 2) Класификација на производи, Регулативи(ЕЗ) 451/2008 и (ЕУ) 1209/2014 Краткорочни статистички податоци, Регулативи (ЕЗ) 1165/98, 1158/2005 и 1893/2006 Демографија, Регулатива (ЕЗ) 1260/2013 Попис на население, Регулатива (ЕЗ) 763/2008 Региони – НУТС класификација, Регулатива (ЕЗ) 763/2008 Рамковна регулатива за деловна статистика – ФРИБС (прирачник, во очекување на регулативата) Структурни деловни статистики, Регулативата (ЕУ) 259/2008 и имплементирачка Регулатива 250/2009 Национални сметки, Регулатива (ЕУ) 549/2013 Статистика за животна средина, Регулатива (ЕУ) 691/2011 Статистика за иновации, Регулатива (ЕУ) 995/2012 Макроекономска статистика, Регулатива (ЕУ) 549/2013 Регулативи во различни сектори: туризам, транспорт, земјоделство, индустрија, миграции, трговија, инвестиции, информатичко општество, потрошувачки цени, недвижнини, здравство, итн. Статистички компендиум, 2018 | Закон за државната статистика Програма за статистички истражувања за периодот 2018-2022 Закон за попис на населението, домаќинствата и становите |
Усогласувањата со европското аки во поглавје 20 водат кон подобрувања во начинот на прибирање и обработка на статистичките податоци. Со тоа, граѓаните, компаниите, креаторите на јавни политики, истражувачите, новинарите и сите други засегнати страни добиваат поголем квалитет, достапност и споредливост на податоците, што води кон поквалитетно следење и известување за тековните состојби и трендовите, носење на поквалитетни одлуки и политики во рамки нивните активности.