Поглавје 17: Економска и монетарна политика

Комплетирањето на Економската и монетарна унија со воведување на еврото како заедничка валута на ЕУ се наметна како еден од приоритетите по економско-финансиската и должничка криза што ја погоди ЕУ во периодот 2009-2013 година. Правните прописи во поглавје 17 се состојат претежно од регулативи кои имаат директна примена или меѓувладини договори каде ЕУ има координативна улога со цел да се избегнат прекугранични прелевања на економски шокови во иднина.

Со новите прописи се предвидува координација на економските политики преку Европскиот семестар кој е воспоставен врз основа на Отворениот метод на координација[1] (фискална и макроекономска политика, финансиска стабилност, структурни трендови итн.) РС Македонија веќе е дел од таа процедура за земјите од Западен Балкан и за таа цел подготвува годишна Програма на економски реформи. Меѓу тековните активности за земјата приоритет се развивање на среднорочна буџетска рамка за најмалку 3 години, воведување на програмско буџетирање и обезбедување независност на фискалните институции.

Од државите членки се очекува да ги почитуваат мерките предвидени во Пактот за стабилност и раст, а ЕК има надзорна улога и можност да препорачува до Советот покренување на различни постапки за прекршувања, во зависност од конкретната област. Се основаат и Европскиот механизам за финансиска стабилност и Европскиот механизам за стабилност кои имаат за цел да обезбедат помош на државите кои се соочуваат со финансиска нерамнотежа.

Во ова поглавје се определени и критериумите кои државите треба да ги исполнат за да станат дел од Еврозоната и се предвидуваат мерки за јакнење на независноста на централните банки (функционална, финансиска, персонална и институционална). РС Македонија со пристапувањето нема автоматски да почне да го користи еврото, но имајќи предвид дека за земјите што пристапуваат веќе не се дозволени трајни отстапки, должни сме да ги почитуваме обврските и постапките со цел усвојување на еврото кога ќе ги исполниме следните критериуми:

  • инфлација не повисока од 1,5% од просечната инфлација на трите држави членки со најниска инфлација;
  • буџетски долг не повисок од 60% и буџетски дефицит не повисок од 3% од БДП;
  • минимум две години учество во Механизмот за девизен курс (ERM) II, без големи девијации во однос на централната стапка и без девалвација на националната валута;
  • долгорочни каматни стапки не повисоки од 2% од стапките на трите најдобри земји во однос на инфлација.

Поглавје 17, каде што носител е Министерството за финансии предвидува 2 подрачја: економска политика и монетарна политика, каде што носител е Народната банка. Задолжена институција за координација на економските политики на ниво на ЕУ е Генералниот директорат за економски и финансиски прашања (DG ECFIN), а во однос на монетарната политика надлежност имаат Европскиот систем на централни банки, односно централните банки на земјите од еврозоната и Европската централна банка кои имаат ексклузивна надлежност во Евросистемот.

Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Т.н. „ „Six-pack“ регулативи од 2011 и „Two-pack” Регулативи за еврозоната (ЕУ) 473/2013
Fiscal Compact – меѓувладина спогодба од 2012
Механизам за курсна размена (ERM) II – меѓувладина спогодба од 1999
Европскиот механизам за стабилност – меѓувладина спогодба од 2012
Европски механизам за финансиска стабилност Регулатива (EУ) 407/2010
Макроекономска нерамнотежа, Регулатици (ЕУ) 1176/2011 и 1174/2011
Буџетска рамка, Директива 2011/85/EУ
Европски пресметковен систем, Регулатива (ЕУ) 549/2013
Пакт за стабилност и раст, Регулативи (ЕЗ) 1466/97 и 1467/97
Предлог за основање Европски монетарен фонд COM(2017) 827
Заштита од фалсификување на еврото, Регулатива (ЕЗ) 1338/2001
Закон за Народната банка
Програма за управување со јавните финансии
Закон за буџет
Стратегија за управување со јавни финансии

Исполнувањето на обврските од поглавје 17 е предуслов за обезбедување на ефикасно управување со јавните финансии, здрава фискална политика, економска политика која поттикнува раст и развој и стабилност на финансискиот систем. Освен тоа, преку исполнување на предвидените критериуми, РС Македонија по пристапувањето ќе започне со подготовка за воведување на еврото.


[1] Повеќе информации за Отворениот метод на координација како посебна постапка за креирање политики во ЕУ заснована на принципот на меѓувладина соработка може да најдете на следниот линк https://www.eumonitor.eu/9353000/1/j9vvik7m1c3gyxp/vh7eg8ym3xy5

КАРТИЧКИ

Scroll to Top