Поглавје 16: Даноци

На ниво на ЕУ не постои воедначена политика на оданочување. Целта на заедничките мерки и прописи е да се избегнат нарушувања на пазарот и пречки во прекуграничните економски активности, да се елиминираат штетни даночни мерки и да се постават минимум стандарди и најдобри практики. Со европското аки во ова поглавје се предвидува хармонизација во индиректното оданочување со цел приближување на третманот на прекуграничните економски активности со домашните преку избегнување на двојно оданочување и намалување на даночната евазија и измама. Во однос на директното оданочување, надлежноста ја имаат државите членки кои треба да ја вршат во духот на европските принципи (почитување на основните слободи, недискриминација, еднаков третман, спречување на злоупотреба итн.). Во тој контекст, прекршувањата констатирани од страна на ЕК и пресудите на ЕСП играат значајна улога[1].

Се предвидуваат механизми и информатички системи за зајакната размена на информации меѓу државите членки со цел спречување измама, како и информатички алатки за обезбедување електронски услуги за граѓаните и компаниите (на пр. Еурофиск – даноци; EMCS и SEED – акцизи; Мини едношалтерски систем – MOSS, VIES, VAT Refund итн. за ДДВ). Освен тоа, РС Македонија има пристап до Фискалис – Програма на Унијата за поддршка на даночните администрации на државите членки.

Надлежна институција од страна на ЕУ е Генералниот директорат за даноци и царинска унија (DG TAXUD), а од македонска страна носител на поглавјето е Министерството за финансии, односно Управата за јавни приходи како орган во состав на министерството. Поглавјето се состои од 4 подрачја:

  • Индиректно оданочување;
  • Директно оданочување;
  • Административна соработка и меѓусебна помош;
  • Оперативен капацитет и компјутеризација.
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
ДДВ, Директива 2006/112/EЗ,  Регулатива (EУ) 2019/1995 и имплементирачка регулатива 2019/2026
Пакет за е-трговија, Директива (EУ) 2017/2455,
Регулатива (EУ) 2017/2454 и имплементирачка регулатива (EУ) 2017/2459
Решавање на спорови, Директива 2017/1852/ЕУ
Административна соработка во ДДВ, Регулативи (ЕУ) 904/2010 и 2018/1541
Акцизи, основна Директива 2008/118/ЕЗ , административна соработка 389/2012/ЕУ и специфични директиви за различни акцизни стоки
Спојувања, Директива 2009/133/EЗ Матични компании и подружници, Директива 2011/96/EУ Камата и ројалти, Директива 2003/49/EЗ
Спречување на даночна евазија, Директиви 2016/1164/ ЕУ и 2017/952/ ЕУ
Персонален данок, Директиви 2014/107/EУ, и 2011/16/EУ
Данок на капитал, Директива 2008/7/EЗ
Штедни влогови, Директива 2015/2060/ EУ
Предвидени промени од 2020, предлог пропис COM(2018)329 Кодекс на однесување за корпоративни даноци, Резолуција од 1997
Договори склучени со Андора, Монако, Лихтенштајн, Сан Марино и Швајцарија Судска пракса на ЕСП
Закон за данок на додадена вредност
Закон за акцизи
Закон за данок на добивка
Закон за персоналниот данок на доход
Закон за Управата за јавни приходи
Закон за даночна постапка
Договори за избегнување на двојно оданочување и соработка за борба против даночна евазија

Со усогласувањата во однос на политиката на оданочување на ЕУ, РС Македонија ќе се приклучи кон минимум стандардите во оваа област кои имаат за цел да се спречат нарушувања на пазарот преку „трка кон дното“ во однос на даночните стапки и активно ќе се вклучи во системите за административна соработка со цел спречување на даночна евазија и измама. Ќе биде исто така потребно да се усогласиме со минималните утврдени акцизни стапки, што може да предизвика ценовен шок и може да биде предмет на преоден период. Покрај тоа, Македонските граѓани и компании ќе добијат серија електронски алатки за поедноставни даночни постапки при прекуграничните трасакции.


[1] Преглед на Одлуките на ЕК во случаи на прекршување и клучните пресуди на ЕСП во областа на оданочувањето се достапни на следните линкови соодветно: https://ec.europa.eu/taxation_customs/infringements_en  и https://ec.europa.eu/taxation_customs/sites/taxation/files/20191212_court_cases_direct_taxation_en.pdf

КАРТИЧКИ

Scroll to Top