Поглавје 15: Eнергетика

Стратешки приоритет на енергетската политика на ЕУ е создавањето на Енергетска унија која има 4 цели: исполнување на зацртаните цели на ЕУ за клима до 2030 година, подобра регулатива и намалување на административните обврски, поголема сигурност и предвидливост за инвеститорите и усогласување на циклусите на планирање и известување со Парискиот договор. Европското аки во оваа област уредува пет аспекти: намалување на јаглеродните емисии, енергетска ефикасност, енергетска сигурност, внатрешен пазар и развој, истражување и конкуренција.

РС Македонија го започна приклучувањето во Енергетската унија на ЕУ преку членството во Енергетската заедница и прифати временска рамка за усогласување со европското аки во 10 области: струја, гас, нафта, обновливи извори, енергетска ефикасност, инфраструктура, животна средина, клима, статистика и конкуренција. Целта на Енергетската заедница е создавање на стабилна регулаторна и пазарна рамка со цел привлекување инвеститори, интегриран пазар кој овозможува прекугранична трговија, обезбедување стабилно снабдување како предуслов за економски и социјален развој, заштита на животната средина преку користење на обновливи извори и подобрена енергетска ефикасност, како и развој на регионалната конкурентност за развивање економии од обем[1].

Во моментов активностите на РС Македонија се однесуваат на преземање на обврските од Третиот енергетски пакет кој предвидува: структурно одвојување на активностите за производство, пренос и дистрибуција, поголема надлежност и независност на регулаторните тела, сертификација на операторите на системите за пренос, нови алатки за усогласување со правилата за функционирање на пазарот на пан-европско ниво и заштита на потрошувачите.

Генералниот директорат за енергија (DG ENER) е надлежна институција во рамки на ЕУ, а носител на поглавјето од македонска страна е Министерството за економија. Поглавјето ги опфаќа следните подрачја:

  • Безбедност при снабдување;
  • Внатрешен пазар на енергија;
  • Внатрешен пазар на енергија;
  • Обновлива енергија;
  • Енергетска ефикасност;
  • Нуклеарна енергија;
  • Нуклеарна безбедност и заштита од радијација (носител е Дирекција за радијациона сигурност).
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Управување со Енергетската унија, Регулатива (EУ) 2018/1999
Обновливи извори на енергија, Директива 2 2018/2001/EУ
Енергетска ефикасност, Директива 2012/27/EУ и 2018/2002/ЕУ Енергетска изведба на градби, Директиви 2010/31/EУ и 2018/844/ЕУ Екодизајн, Директива 2009/125/EЗ
Енергетски ознаки, Директива 2017/1369/EУ
Правна рамка за нуклеарна енергија за цивилна употреба (Договор и Директиви Еуратом)
Внатрешен пазар на струја, Регулатива (EУ) 2019/943 и Директива 2019/944/ЕУ
Агенција за соработка на регулаторите, Регулатива (ЕУ) 2019/944
Операции за ископување нафта и гас, Директива 2013/30/ЕУ
Јаглеводороди, Директива 94/22/EЗ
Сигурност во снабдувањето со гас, Регулатива (ЕУ) 2017/1938
Задолжителни резерви на нафтени производи, Директива 2009/119/EЗ Подготвеност за справување со ризици во секторот на струја, Регулатива (ЕУ) 2019/941
Закон за енергетика, со подзаконски акти
Стратегија за развој на енергетиката до 2035 година
Закон за задолжителни нафтени резерви, со подзаконски акти
Уредба за квалитетот на течните горива
Уредба за критериуми и постапка за доделување на овластување за изградба на директен вод
Уредба за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба
Одлука за количината и структурата на задолжителните резерви на годишно ниво
Програма за заштита на ранливите потрошувачи на енергија
Уредба за работењето на операторот на организираниот пазар на електрична енергија
Уредба за мерки за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија
Закон за биогорива
Закон за енергетска ефикасност
Закон за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност

Придобивките за РС Македонија од усогласувањето со европското аки во ова поглавје ќе водат кон обезбедување на поголема сигурност во снабдувањето со различни енергенси, приклучување кон системот на ЕУ за справување со кризни ситуации, модернизација и изградба на нови капацитети за производство и пренос и намалување на енергетската зависност од одредени производи и видови енергија. Со либерализацијата на пазарот ќе се создадат услови за влез на нови оператори и привлекување на инвестиции, што ќе води кон поголема конкуренција, избор, повисоки стандарди и пониски цени за граѓаните и компаниите. Освен тоа, преземените обврски во однос на намалување на емисиите, користење обновливи извори и фокус на енергетската ефикасност ќе придонесат кон поголема заштита на животната средина.


[1] Повеќе информации се достапни на сајтот на Енергетската заедница.

КАРТИЧКИ

Scroll to Top