Поглавје 14: Транспортна политика

Поглавје 14 ги опфаќа политиките во однос на сите видови сообраќај: патен, железнички, воздушен, поморски и внатрешен воден, од аспект на превозот и на патници и на товар. Посебно внимание се посветува на безбедноста, одржливоста, правата на патниците – особено ранливите категории и функционирањето на внатрешниот пазар.

Во однос на патниот сообраќај, заедничките правила имаат за цел да обезбедат еднакви услови во сите држави членки за да се намалат нарушувањата на единствениот пазар предизвикани од различните политики. Тука се земаат предвид аспектите поврзани со поврат на трошоците за изградба и одржување на инфраструктурата и заштита на животната средина, особено при наплатата на патарини според принципите „корисникот плаќа“ и „загадувачот плаќа“.  Освен тоа, се промовира користењето на одржлив транспорт со цел намалување на негативното социјално, економско и еколошко влијание. Обврските на европско ниво во моментов се насочени само кон тешките возила, имајќи предвид дека последниот обид на ЕК да наметне построги правила за сите, вклучително и патничките возила беше отфрлен од страна на Советот на министри за транспорт во декември 2019 година врз основа на принципот на супсидијарност.

Конкретни мерки се воведуваат за заштита на безбедноста на патиштата, но и конкурентноста преку ограничување на времето на возење на превозниците, воведување на ЕУ модел за возачка дозвола, интероперабилен повик на 112 во случај на несреќа, правила за обука на професионални возачи, правила за безбедносен појас и превоз на деца, длабина на шари на гумите, ретровизори, направи за ограничување на брзината итн. Се воведува европска база на податоци за потешки сообраќајни незгоди (CARE), размена на информации меѓу државите членки заради спроведување на сообраќајните правила во однос на 8 најчести прекршоци, правила за класификација и превоз на опасни стоки. Се промовира користењето на т.н. „чисти“, односно еколошки возила, како и користењето на еколошки видови сообраќај како железничкиот.

Железничкиот сообраќај е клучен елемент на Европската стратегија за мултимодален (комбиниран) сообраќај и ТЕН-Т мрежата. Целта е да се создаде единствен европски железнички простор и железницата да се претвори во привлечен и конкурентен начин на превоз. За таа цел, приоритети во оваа област се целосна либерализација на пазарот, елиминирање на монополите, модернизација на технологијата, намалување на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите. Европското аки во оваа област се заснова на прописи поврзани со економската димензија, односно функционирањето на пазарот и техничката димензија, односно безбедноста и интероперабилноста. Во тек е спроведувањето на Четвртиот пакет прописи за железница усвоен во 2016, а со рок за усогласување до 2023 година. Се воведува обврската за формирање независни регулаторни тела во државите членки и се формира Европската агенција за железници која е надлежна за издавање на безбедносни сертификати, следење на националните тела за безбедност и преглед на националните правила. Се воведуваат заеднички правила за обука и лиценцирање на машиновозачи и техничка интероперабилност на железничките системи преку заеднички ЕУ стандарди за возови, локомотиви, сигнализација, инфраструктура итн.

Во однос на воздушниот сообраќај, се воведува Европскиот систем за воздухопловна безбедност кој има за цел да воспостави еднакви правила за безбедност, да обезбеди непречено функционирање на пазарот на воздушен сообраќај и да создаде силен домашен пазар за европската аеронаутичка индустрија. Се формира и Европската агенција за воздухопловна безбедност која има мандат да ја следи усогласеноста на државите членки со прописите, ѝ помага на ЕК со техничките аспекти од регулативата, издава дозволи на авиопревозниците од трети земји, сертифицира производи, држи обуки, спроведува инспекции, контроли и истражувања од областа на безбедноста, учествува во преговори на ЕУ со трети страни итн. РС Македонија има работен аранжман со Агенцијата и е во фаза на доусогласување со европското аки во областа на воздухопловната безбедност.

Се воведуваат заеднички правила за управување со воздушен сообраќај кон коишто се придржува и РС Македонија како дел од Единственото европско небо. Од посебно значење е воведувањето на листата за авијациска безбедност со авиопревозници чиишто операции се дозволени, односно забранети на територијата на ЕУ врз основа на безбедносни стандарди, како и инспекциите на лице место на самите авиони (ramp inspections), во коишто е целосно вклучена и РС Македонија. Посебно внимание се посветува на аспектите за заштита на животната средина од емисиите на јаглеродни гасови и бучавата поврзана со авиосообраќајот. Се воведуваат и заеднички правила за организација на аеродромите и наплатата на аеродромски давачки.

Со над 1200 комерцијални пристаништа, поморскиот сообраќај има големо значење за ЕУ. Затоа се воведуваат заеднички правила за пристап до пристаништата, пристанишни услуги, безбедност на пристаништата, поморскиот сообраќај и опремата, заштита на животната средина, инспекции и контроли, итн. Освен тоа, со 37.000 километри должина на пловни реки и канали, внатрешниот воден сообраќај е исто така од големо значење за ЕУ, особено за товарниот транспорт и како алтернатива на патниот сообраќај кој има далеку поголемо негативно влијание на животната средина. Во тој контекст се промовираат и стратегии за комбиниран, односно мултимодален сообраќај кој комбинира повеќе видови превозни средства.

Од 2017 година РС Македонија е член на Транспортната заедница, меѓународна организација во која членуваат ЕУ и државите од Западен Балкан. Целта на Транспортната заедница е постепено интегрирање на транспортните пазари од регионот во единствениот европски пазар (освен во однос на воздушен сообраќај) преку постепено усогласување на стандардите во однос на интероперабилност, безбедност, управување, јавни набавки и животна средина[1].

Надлежна институција на ниво на ЕУ е Генералниот директорат за мобилност и транспорт (DG MOVE), а од македонска страна носител на поглавјето е Министерството за транспорт и врски. Поглавјето се состои од следните подрачја:

  • Патен сообраќај;
  • Железнички сообраќај;
  • Внатрешен воден сообраќај;
  • Комбиниран сообраќај;
  • Воздушен сообраќај;
  • Државна помош;
  • Сателитска навигација.
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
Патарина за тешки возила, Директиви 1999/62/EC, 2006/38/EЗ и 2011/76/EУ
Европски системи за патарина, Директива 2019/520/ЕУ, во сила октомври од 2021
Правила за оператори на патишта, Директиви 1071 и 1072/2009/ЕЗ
Пристап до меѓународниот пазар за превоз на патници, Директива 1073/2009
Пакет директиви за мобилност, усвоен во април 2020, во сила од крајот на 2021
ЕУ модел за возачка дозвола, Директива 2006/126/EЗ
Безбедносен појас и превоз на деца, Директива 91/671/EC
Обука за професионални возачи, Директива 2003/59/ЕЗ
Алтернативни горива, Директива 2014/94/EУ Чисти возила, Директива 2009/33/ЕЗ (во фаза на ревизија) „Паметен“ транспортен систем, Директива 2010/40/EУ
Правила за регистрација и технички преглед, Директиви 2009/40/EЗ  и 2014/45/EУ
Безбедност на патиштата, Директива 2008/98/EЗ и во тунелите Директива 2004/54/EЗ
Прекугранично спроведување на сообраќајните правила, Директива 2015/413/ЕУ
Четврт пакет за железнички пазар, Директива 2016/2370/EУ што ја изменува Директива 2012/34/EУ, Регулатива (EУ) 2016/2338 што ја изменува Регулатива (EУ) 1370/2007
Железничка интероперабилност, Директиви 2008/57/EЗ и 2016/797/ЕУ
Железничка безбедност, Директива 2004/49/EЗ
Комбиниран транспорт, Директива 92/106/EEЗ (во тек се обиди за нејзино дополнување) Речни информатички системи, 2005/44/EЗ
Европски систем за авијациска безбедност, Регулатива (ЕУ) 2018/1139
Безбедносни правила, Регулатива (ЕЗ) 300/2008 Истраги и спречување несреќи во воздушниот сообраќај, Регулативи (ЕУ) 996/2010 и 376/2014
Управување со воздушен сообраќај, Регулативи (ЕЗ) 549- 552/2004 Одговорност на авиопревозниците, Регулативи (ЕЗ) 2027/97 и 889/2002
Поморски сообраќај, Регулативи (ЕЕЗ) 4055/86, 4057/86 и 4058/86 Безбедност на поморскиот сообраќај и пристаништата, Регулатива (ЕЗ) 725/2004
Безбедност на поморска опрема, Директива 2014/90/EУ Домашно знаме, Директива 2018/2110/ЕУ
Регистрација на патници, Директива 2017/2109/EУ Одговорност на бродски превозници, Регулатива (ЕЗ) 392/2009
Пристанишни услови, Директива 2019/883/EУ
Права на патниците, Директиви – воздушен сообраќај 261/2004 , лица со намалена мобилност 1107/2006, железнички 1371/2007, автобуски 181/2011, воден 1177/2010
Закон за превоз во патниот сообраќај
Закон за договорите за превоз во патниот сообраќај
Закон за јавни патишта Закон за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај
Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата
Закон за возила
Закон за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и уредите за запишување во патниот сообраќај
Национална транспортна стратегија 2017-2030
Закон за испитување на воздушни и железнички несреќи
Закон за сигурност во железничкиот систем
Закон за железничкиот систем
Закон за внатрешната пловидба
Закон за трговски бродски транспортни потреби
Закон за воздухопловство
Закон за облигационите и стварноправните односи во воздушниот сообраќај

Македонските граѓани и компании имаат директна придобивка од усогласувањето со европското аки во поглавје 14 на тој начин што ќе добијат побезбеден и поеколошки сообраќај, подобри услуги и пониски цени за услугите во сите видови транспорт.


[1] Повеќе информации за Транспортната заедница се достапни на следниот линк https://www.transport-community.org/about/

КАРТИЧКИ

Scroll to Top