Поглавје 12: Безбедност на храната, ветеринарна и фитосанитарна политика

Основни принципи кон кои се придржува ЕУ кога станува збор за безбедноста на храната се: претпазливост, особено во случаи на недоволно научни информации; следливост[1], односно можноста да се следи храната, добиточната храна и состојките на прехранбените производи во сите фази на производството, преработката и дистрибуцијата, како и сите економски оператори во синџирот на набавка; одговорност за усогласеноста кај субјектите во прехранбената индустрија, а за контролата кај државите членки. Предизвикот е да се обезбедат највисоки стандарди за заштита на потрошувачите и здравјето на луѓето, животните и растенијата, без притоа несразмерно да се оптоварува земјоделското производство и економските оператори или да се нарушува пазарот. Исто така се води сметка за меѓународните обврски преземени во рамки на СТО и еволуцијата на научните сознанија како основа за креирањето на политики.

Европското аки во оваа област е многу обемно и технички сложено, поради што е потребен солиден административен капацитет за усогласување, спроведување и надзор. Се уредуваат обврските за редовни контроли во однос на безбедноста на храната и добиточната храна, присуството на ГМО, здравје и добросостојба на животните, здравје и заштита на растенијата и органско производство. За таа цел се воспоставуваат референтни лаборатории на европско и национално ниво кои треба да се акредитирани и соодветно опремени во однос на опрема и персонал и кои, освен домашни контроли имаат посебна одговорност при контролата на прехранбените производи кои влегуваат во ЕУ. Се уредува трговијата со животни, растенија, репродуктивен и семенски материјал, месо и други животински производи. Се води строго сметка за користењето, односно забраната на определени супстанци, како хормони, пестициди, лекови итн. и се контролира присуството на резидуи. Се уредуваат и хигиенските услови (НАССР стандарди), материјалите кои доаѓаат во допир со храната преку пакување и други околности, третманот со јонизирачко зрачење, правилата за детално означување на составот на производите, тврдењата за ефектот на производите за комерцијални цели, витаминските и минерални додатоци во храната, добиточната храна, итн.

Клучна улога има Европската агенција за безбедност на храната со која РС Македонија има воспоставена соработка, а се воведува и Брзиот систем за тревога кој им овозможува на државите брза реакција во однос на потенцијални ризици. Кога државите членки не можат или не преземаат соодветни чекори, ЕК има право да преземе итни мерки како што се ограничувања или целосно повлекување во поглед на маркетинг и продажба на конкретниот производ. Освен тоа се воведува и информатички систем за размена на информации меѓу надлежните тела во државите членки (IMSOC), систем за здравствени ветеринарни и фитосанитарни сертификати (TRACES), систем за известување во случај на болести кај животните и растенијата, како и алатки за следење на домашните животни. 

Надлежна институција во ЕУ е Генералниот директорат за здравје и безбедност на храната (DG SANTE), а од македонска страна носител е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Всушност, за сите подрачја надлежна е Агенцијата за храна и ветеринарство, освен за последното каде носител е Фитосанитарната управа. Поглавјето се состои од следните подрачја:

  • Општо;
  • Ветеринарна политика;
  • Ставање на пазар на храна, нус-производи и добиточна храна;
  • Правила за безбедност на храна;
  • Посебни правила за добиточна храна;
  • Фитосанитарна политика.
Клучни прописи од европското акиКлучни национални прописи
„Закон за храна“ – рамковна Регулатива 178/2002
Официјални контроли, Регулатива (ЕУ) 2017/625
Сточарство, Регулатива (ЕУ) 2016/1012
Добросостојба на животните, Директиви 98/58/ЕЕЗ, 1/2005/ЕЗ и 1099/2009/ЕЗ
Животинско здравје, 2016/429 (во сила од април 2021)
Растително здравје, Регулатива 2016/2031
Производи за заштита на растенијата,
Регулатива 1107/2009
Употреба на пестициди, Директива 2009/128/EЗ
Резидуи, Регулатива 396/2005
ГМО, Директиви 2001/18/EЗ и 2009/41/EЗ,
Регулативи 1829/2003 и 1830/2003
Нови видови храна, Регулатива 2015/2283
Загадувачи во храната, Директива 315/93 и Регулатива 1881/2006
Витамински и минерални додатоци, Регулатива (ЕЗ) 1925/2006 Суплементи, Директива 2002/46/EЗ
Минерална вода, Директива (ЕЗ) 2009/54
Диететска храна, Регулатива (ЕУ) 609/2013 Животински нус-производи, Регулатива (ЕЗ) 1069/2009
Адитиви, ензими, ароми – Регулативи (ЕЗ) 1332-1334/2008
Закон за безбедност на храната, со подзаконски акти
Закон за здравствена заштита на животните
Закон за безбедност на храната за животни
Закон за здравјето на растенијата
Закон за производи за заштита на растенијата
Закон за семенскиот и саден материјал за земјоделски растенија
Закон за фитофармација  

Усогласувањето со европското аки во однос на безбедноста на храната значи повисоки стандарди за квалитет за македонските потрошувачи, поголема транспарентност и гаранција во однос на составот и потеклото на прехранбените производи од државата и од надвор. Самиот процес на усогласување може да создаде предизвици за дел од производителите, особено оние кои имаат амбиција да почнат да извезуваат во другите држави членки и ќе мора да се усогласат со високите стандарди за квалитет. Но, во тој контекст мора да се напомене дека РС Македонија веќе извезува прехранбени производи во ЕУ, што покажува дека прехранбената индустрија воопшто има потенцијал да биде конкурентна на европскиот пазар.


[1] Постојат повеќе слогани кои се користат во различен контекст за да се означи следливоста на прехранбените производи: Birth to Slaughter (Од раѓање до кланица), Stable to Table (Од штала до трпеза), Farm to Fork (Од фарма до вилушка).

КАРТИЧКИ

Scroll to Top